Бразил ги изгради стадионите за Мундијалот

Домаќините на минатото Светско првенство беа многу спори во спремањето и ФИФА неколку пати им го помести рокот за изградба на стадионите. Некои од нив ги комплетираа сега, 10 месеци по Мундијалот.

Арената Коринтијас во Сао Паоло и Арена да Башиада во Куритиба на кои се играа натпревари на Светското фудбалско првенство дури сега ги добија конечниот изглед кој беше планиран уште пред да стартува шампионатот.

На арената Коринтијас наместија стаклени панели во структурата на кровот, додека на Башиада чија изградба доцнеше поради стравувања од безбедност поставен е подвижен кров.

Фудбалскиот клуб Коринтијас го поседува истоимениот стадион вреден 450 милиони долари кој се користеше на Светското, но не може да ги собере сите приходи бидејќи тие се користат за да се доисплати за неговата изградба.

На популарната Маракана каде се играше финалето, Фламенго според сегашниот договор со новите сопственици не е задоволен од заработувачката од карти.

Бразил за изградба на стадионите потроши околу 3 милијарди долари, а тоа предизвика огромни протести во земјата каде демонстрантите се бунеа, дека тие пари е попаметно да се потрошат за борба против сиромаштијата.

Во меѓувреме два стадиони на кој минатото лето се играше фудбал овој месец беа ставени на продажба. Тоа се Арена Фонте Нова и Арена дас Дунас.

4 мај 2015 - 15:10