Какво било секојдневието на телохранителот на Пеле во ’70-те

Во период кога Пеле бил попопуларен од Мухамед Али во САД, обожавателите не му давале мир и влегувале на терен да земат автограм од него и да се сликаат со Бразилецот. За неговата безбедност тогаш се грижел 160 сантиметри високиот Кубанец Педро Гарај.

Педро Гарај бил висок 160 сантиметри, но тоа не му сметало да го чува најдобриот фудбалер на земјината топка додека играл за Њујорк Космос. Во 1975 година Педро Гарај ниту во најлудите соништа не можел да замисли дека какво надреално сценарио го чека. Го назначиле да го чува најголемиот фудбалер на сите времиња од хордата навивачи и натрапници на теренот.

Кубанскиот мигрант го чувал најдрагоцениот бисер во американскиот фудбал, неповторливиот Пеле. Гарај се сеќава дека најмногу работа имал на „Никерсон Филд“ стадионот во Бостон каде сите дошле да ја видат суперѕвездата на Њујорк Космос.

„Навивачите беа насекаде по теренот како мравки“, се сеќавал Гарај.

Еден момент пред да настане инвазија на теренот, на Пеле му поништиле гол. „Навивачите се затрчаа накај теренот и тргнаа кон Пеле кој беше на земја. Едвај го најдов и го извлеков. Се обидов да не го истргам а да не го повредам“.

Пеле тогаш доживеал повреда на десното колено и зглобот.

Гарај му бил телохранител на Пеле за време на неговиот престој во Космос од 1975 до 1977 година. „На почеток тој му беше првично телохранител, но како проаѓаше времето, му стана и приватен секретар на Пеле. Тој беше со него цело време и му стана како постар брат“, се сеќава Хулио Мацеи, човек од доверба на Бразилецот.

Гарај имал интересен пат до Космос. Роден во Куба, земја која што ја напуштил во 1959 година поради револуцијата и заминал во САД. Работел како менаџер во неколку хотели во Њујорк, а имало информации дека бил дел од американската голема „Инвазија во заливот на свињите“ во април 1961 година. Едно време работел како обезбедување за Варнер Комуникејшнс (фирма сопственик на Космос) а подоцна го прашале дали сака да му биде телохранител на Пеле.

Легендарно било и запознавањето на Гарај со новото работно место - кога Бразилецот јавно потпишал договор со клубот во Клубот 21 во Њујорк во јуни 1975 година.

„Требаше да не чува малку од хордата фоторепортери кои доаѓаа. Од толку метеж турнаа неколку рекламни табли. Беше мало место заштитено со неколку табли. Педро застана напред за да ги смири. Се качи на една табла, но не ја нагази добро и падна на земја“, се сеќава претседателот на Космос Клајв Тоје на првиот работен ден на Кубанецот.

Неколку дена подоцна, Пеле го имал долгоочекуваното деби за Космос на мечот против Далас Торнадо на стадионот „Даунинг“. На 20 јуни се играл мечот против Бостон. Домаќините сакале да заработат многу пари од средбата меѓу Пеле и нивната суперѕвезда Еузебио кој тогаш го сметале за втор најдобар играч на светот.

Само имало еден проблем: На стадион со капацитет од 12.500 влегле 20.000 луѓе.

„Немаше игла каде да падне. Сите беа испогужвани по оградата на трибините. Ако некој сакаше да изведе аут, мораше да бара од публиката позади да се тргне за да изведе“, се сеќава Тоје на фамозниот меч во Бостон.

Публиката добро се однесувала до инцидентот на Пеле во 79. минута. Космос се повлекол од теренот од безбедносни причини.

„Инцидентот во Бостон беше најтешкиот проблем што го имавме. Луѓето едноставно влегоа да го видат, да го слушнат, да го допрат Пеле. Многу екипи од лигата соработуваа, знаеа од кај доаѓаме, но не и тука“, раскажувал Гарај неколку години подоцна.

Претседателот Тоје се заканил дека за следниот меч во Рочестер, Њујорк ќе ја викне армијата да го чува Пеле. Армија не требало, но имало силно полициско присуство а Пеле на тој меч го дал првиот официјален гол во триумфот од 3:0. Но и покрај полицијата, луѓето масовно чекале пред тунелот за да земат автограм од Пеле.

Гарај тогаш употребил друга стратегија: „Имаше голема гужва од луѓе кои сакаа да го допрат Пеле или да земат автограм. Тогаш Педро Гарај, Лоу Лука и јас направивме жив ѕид а Пеле беше во центарот внатре. Имав 16 години но бев големо дете по раст“, се сеќава Чарли Катон кој работел во Космос тогаш.

Гарај со своите 160 сантиметри, личел на стереотипен набиен бодигарт, но секогаш бил добро расположен иако имал многу работа. Поранешниот голман на Космос, а сега коментатор, Шеп Месинг се сеќава на еден инцидент со бекот Вернер Рот во 1977 година:

„Никој никогаш нема да го заборави Педро Гарај. Тој беше цар. Еднаш игравме во Ванкувер и го напуштивме хотелот за да тргнеме со автобус на стадионот. Сите се шегувавме со Педро во тоа време, тој беше многу смешен. Во џеб секогаш носеше полициски лисици како детал во заштитата на Пеле. Бевме во соблекувалната спремни за мечот кога Педро на шега му ги стави ракавиците на бекот Вернер Рот да ни покажел како се ставаат. Кога требаше да му ги отклучи му текна дека ги заборавил клучевите во хотелската соба.

Трчаше како луд, фати такси и се врати во хотелот. Тоа траеше цела вечност и ние бевме испаничени затоа што веќе спикерот ги читаше нашите имиња и мораше да излеземе на терен. Истрчавме а Вернер беше со врзани раце во лисици на теренот. Пред интонирање на химната, Педро залетан влезе на теренот и на време го ослободи Вернер Рот. Тогаш ни олесна“, раскажува Месинг.

Гарај, кој починал пред неколку години му бил како брат на Бразилецот Пеле.

„Пеле беше семеен човек. За него семејството беше света работа. Сакаше да биде тивок, мирен, да води дискретен живот. Го гледав само кога моравме да одиме надвор од градот. Во Њујорк цело време беше со фамилијата. Педро Гарај многу го чуваше и го штитеше од обожавателите. Да не беше Педро, Пеле денес уште ќе лежеше на теренот во Рандал Ајленд во Бостон со луѓето околу него“, констатира Тоје.