Во Италија кога победуваш си херој, кога губиш дерби ти ја кршат колата

„Имаше еден куриозитет на мојот последен меч во Серија А. Ние победивме, но никој од колегите и навивачите не беше среќен бидејќи не сакаа Скудетото да заврши кај Јувентус или Рома“, вели Карел Поборски.

Поранешниот играч од средниот ред кој стана еден од најславните чешки фудбалери откако заигра во Манчестер Јунајтед, зборува во пресрет на осминафиналниот дуел од Лига Европа меѓу Спарта Прага и Лацио, екипи за кои настапуваше, но раскажува и случки од времето во Серија А каде играше од јануари 2001-ва до мај 2002 година.

„Уживав да играм во Лацио, тоа е клуб со голема фудбалска традиција. Кога се враќам на тие години не можам да поверувам дека еден фудбалер може да биде без приватен живот. Со мојот цимер живеевме во предградието на Рим и кога сакавме да се прошетаме низ центарот не можевме. Навивачите се многу темпераментни. Често се среќавав со нив“.

Значењето на градското дерби.

„Навивачите на Лацио се едни од оние кои бараат многу. Кога победуваш се најдобрите на светот, но кога губиш пет меча по ред излегуваат да протестираат. Кога го загубивме дербито од Рома дојдоа на Формело и ни ги кршеа колите со камења“.

На неговиот последен меч за Лацио кога му даде два гола на Интер вели дека немало попуштање.

„Мојот последен меч парадоксално беше можеби и најдобриот меч за Лацио. Ни гостуваше Интер кој се спремаше за прослава на титулата, но мораше да се прости од својот сон. Ние победивме на тој меч, но никој од колегите и навивачите не беше среќен бидејќи не сакаа Скудетото да заврши кај Јувентус или Рома. Немаше попуштање, мечот го спремавме професионално. На крајот чувствата беа измешани. Моите колеги Италијанци беа среќни за Јувентус, но Аргентинците беа тажни за Интер. Се сеќавам дека Симеоне не се ни радуваше кога даде гол“,

Зошто не остана  во Рим?

„Не го продолжив договорот со Лацио бидејќи се роди моето второ дете плус тимот на Крањоти во тоа време имаше големи финансиски проблеми. Зборувавме за обновување на договорот но околностите беа такви што немаше логика. Се вратив во Чешка поради мојата фамилија и со трансферот во Спарта направив добар избор“.

Негова прогноза за вечерашниот меч меѓу Спарта Прага и Лацио.

„Лацио има добар квалитет, но нема ѕвезди. Потоа Олимпико на реваншот ќе биде половина празен, а во Прага стадионот ќе биде полн. Навивачите ќе бидат со нив и ќе бидат уште едно оружје плус. Нема да бидам пристрасен ако кажам дека Спарта е фаворит“.

Поборски ја заврши кариерата во 2007 година онаму каде што ја почна, во Динамо Чешке Будјејовице.

10 март 2016 - 11:03