Ќе стасаме ли на време?

УЕФА има 18 забелешки за Телеком арената

На 46 дена до одржувањето на најголемиот фудбалски спектакл во Македонија, на стадионот нѝ најдоа толку недостатоци што човек кога ќе ги прочита ќе го фати страв на крај да не испадне македонската, па да ни речат повеќе среќа следниот пат.

Европската куќа на фудбалот испрати писмо до ФФМ со 18 недостатоци кои треба да се отстранат на „Телеком арената“ и побара финансиски гаранции од државата дека стадионот ќе биде тип топ спремен за финалето од Супер Купот на Европа, ама не до 8 август, денот кога игра мечот, туку до 21 јули.

На тој ден во Скопје ќе има нова контрола од страна на претставници на УЕФА кои треба да се уверат дека арената е целосно подготвена да ги нагости гигантите Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.

Ова се сите работи кои треба да се довршат во следните неполни месец дена, а инаку тоа под реден број 13 нè потсети на еден скоро одигран пријателски дуел на Македонија, кога на полувреме заедно со коментаторот на северна трибина на полувреме баравме и не најдовме тоалет во функција. 

1. Клима уредите на стадионот не се поврзани со УПС системот.

2. Не е јасна комуникацијата меѓу персоналот на стадионот и добавувачот на електрична енергија.

3. Нема инсталирано електрична енергија во делот за телевизиите.

4. Нема инсталирано вентилација во салата за прес-конференции.

5. Нема поставено 50 телевизори од 50 инчи во различни делови од стадионот.

6. Дел од опремата за Ви-Фи не е инсталирана 

7. Не е доставен дизајн на интернет мрежата.

8. Не е поставена подлога од бетон за камионите за ТВ продукциите.

9. Нема водовод и одвод на местото предвидено за ТВ продукциите.

10. Не се поправени протекувањата на вода во делот за работа на медиумите.

11. Не е комплетиран делот за работа на фотографите.

12. Нема телевизори во делот за работа на медиумите.

13. Не се функционални тоалетите во делот за младинските категории.

14. Не се заменети скршените/оштетените столчиња во делот за карти.

15. На ниту едно место стадионот не смее да изгледа како градилиште.

16. Не се направени козметички подобрувања (бојосување) и чистење на внатрешниот дел од стадионот и има уште многу работа во тој дел. Исто и за надворешниот дел на стадионот.

17. Нема споделено комплетен и детален план за евакуација на стадионот.

18. Не е јасно дефиниран оперативен план за персоналот на стадионот

23 јуни 2017 - 13:07