Шкендија - Шкупи, дива лига

Додека Италија ужива во градската битка за Скудетото, а во Англија за титулата се борат гигантите Сити и Ливерпул, ние тука ај што немаме можност нормален фудбал да гледаме, туку имаме и некои цивилизациски заостанувања и во 21 век бележиме гаѓање фудбалери со камења.

На едно коло до крајот на сезонава во нашата кутра лига, во Тетово се играше дерби кое на сè личеше, само не на фудбалски натпревар меѓу третопласираната Шкендија и новиот шампион Шкупи.

Од мечот нема ќорав гол за одбележување, туку мизерни 0:0 кои поради разните прекини се влечкаше 140 минути.

Ама затоа инциденти имаше на ангро, па одиме хронолошки да видиме што се случуваше во оваа бедна антифудбалска лакрдија.

Полициски кордон ги запре навивачите од Чаир на првата патарина кон Тетово и не им дозволи да одат на гостување кај ланскиот шампион.

И покрај тоа што превентивно се спречи евентуалната навивачка пресметка, сепак инциденти се случиле уште пред стартот на мечот пред стадион.

Навивачите на Шкендија со факли го нападнале клупскиот автобус на Шкупи, а потоа имало турканици, боксови, пиротехника во кои настрадале неколку гостински фудбалери.

По оваа жешка предигра во која беа нападнати гостите, на терен нова епизода на напади. На стартот од второто полувреме со камен во глава е погоден фудбалерот на Шкупи, Ардит Иљази.

И како за крај на тензичното дерби во клинч влегоа и играчите меѓу себе, а во улога на смирувачи беа поранешните македонски репрезентативци Артим Шаќири (Шкендија) и Гоце Седлоски (Шкупи) кои ги водат двете екипи.

Шкупи ќе игра квалификации за ЛШ, а Шкендија и Академија Пандев се изборија за квалификации во Конференциска лига.

9 мај 2022 - 10:59