Пораз на Вардар кој погоди пречка и две стативи

Македонскиот шампион немаше среќа на првиот квалификациски дуел за Лигата на шампионите. Пропушти многу шанси, особено во вториот дел, а тоа скапо ќе ги чини бидејќи во Загреб ќе патуваат со негатива од 1:2.

Поранешното големо балканско дерби од времето на Југославија привлече големо внимание од околу 20.000 навивачи, а донесе и голема возбуда на арената Филип Втори. Вардарци може да жалат што излегоа поразени од овој дуел бидејќи покажаа дека може да се носат со големиот противник. 

Веќе во 7 минута пропуштиja чиста шанса за гол откако имаа ситуација два на еден, но Петковски бавно се приближуваше до голот по што Антолиќ стигна да интервенира.
 
Хрватите се заканија дури во 15 минута, но Марко Рог биеше непрецизно. Во следниот напад одново воздишки на трибините. Асани доби корисна топка во шеснаесетникот, се ослободи од својот чувар, но биеше многу млако и директно во голманот Антонио Јежина.
 
 
Тоа беа минути за Вардар кој уште два пати притискаше по левата страна преку Асани, но за жал без резултат. Во 21 минута студен туш за Вардарци откако по една нафрлена топка Мијушковиќ реагираше несмасно и си постигна автогол.
 
Вардар се обиде да одговори преку Којашевиќ кој одлично биеше со волеј, но топката се одби во еден од гостинските играчи и заврши во корнер. Работите се движеа лошо за Црвено црните кои по 30 минути беа шокирани со 0:2 откако Динамо Загреб изведе една брза акција која Хернандес ја претвори во гол.
 
Македонскиот шампион тука не застана и само пет минути по примениот гол ја имаше назрелата шанса на мечот која повторно не ја реализираше Петковски кој ја погоди стативата. Претходно се закани Којашевиќ кој биеше силно, но покрај голот.
 
 
Избраниците на Гоце Седловски тргнаа поконкретно во вториот дел и во 55 минута намалија на 1:2, откако Фелипе го проигра Хамбарџумјан кој непречен од никого биеше прецизно по земја.
Во 68 минута статива имаа и Хрватите преку Сигали. На топката налета Чориќ кој имаше празен гол, но шутна превисоко. Вардарци треба да жалат што не успеаа да го израмнат резултатот бидејќи се изнапромашија. 
 
Џонатан Балотели кој влезе во вториот дел на местото на Петковски влезе во контра напад, го измрда чуварот, но ја погоди стативата. Веќе во следниот напад навивачите повторно беа на нозе откако Фелипе за малку не беше прецизен од слободен удар. 
 
Вардар на 20 јули го игра реваншот против Динамо Загреб кој дојде со хрватскиот репрезентативец Марко Пјаца кој играше на ЕП 2016 и седеше на трибините, а блиску е до трансфер во Јувентус. Но вниманието беше насочено кон Здравко Мамиќ.
12 јули 2016 - 22:47