Мексиканците го изненадија Бразил

Репрезентативците на Бразил веќе се подготвуваа за прослава на првиот олимписки златен медал, но Мексиканците приредија огромна сензација и станаа олимписки шампиони совладувајќи го најголемиот фаворит со 2:1.

Милиони гледачи ширум светот најверојатно уште го немаа ни вклучено телевизорот и го пропуштија првиот гол на овој натпревар затоа што Орибе Пералта ја затресе мрежата на Бразил уште во 28-та секунда. Тоа е најбрзиот погодок во историјата на Олимписките игри.

Фудбалерите на Бразил напаѓаа, но опасни беа и Мексиканците, а Пералта во 75-та минута искористи уште една шанса и зголеми на 2:0.

Во првата минута од судиското продолжение Хулк намали на 2:1, а во следниот напад Оскар со глава промаши огромна шанса за израмнување.

На тој начин репрезентацијата на Бразил остана без злато и во своето трето финале, а Мексиканците го забележаа најголемиот успех во историјата на својата репрезентација.

11 август 2012 - 18:35