Катастрофалниот почеток за Наполи со Бенитез

Стартот на сезоната ги потсеќа Наполитанците на оној со Роберто Донадони од 2009/10-та. Само 4 бода и 11 примени гола на 7 натпревари му ја тресат клупата на Рафаел Бенитез.

По испаѓањето од плејофот за ЛШ, каде загубија од Атлетик Билбао, Наполи ги продолжи лошите игри и во домашното првенство и по 4 кола се наоѓа во зоната на испаѓање. Бенитез е близу до исходот на сегашниот тренер на Парма, Роберто Донадони кој го имаше најлошиот старт во историјата на Наполи, откако во сезоната 2009/10-та собра само 7 бода на 7 натпревари, по што доби отказ.

И покрај тоа што претседателот на клубот, Аурелио Де Лаурентис за локалното радио „Кис Кис" изјави дека шпанскиот тренер не ризикува отказ, бројките не му одат во прилог на Рафа Бенитез.

Во моментов, под водство на поранешниот тренер на Ливерпул, Челси, Интер и Валенсија, Наполи има 4 бода во првите 4 кола, но „небесно-сините" повеќе ги мачат 11 примени гола во досегашниот тек oд сезоната. Наполи прими 4 гола во двомечот со Билбао, прими вкупно 6 во дуелите со Џенова, Киево, Удинезе и Палермо и 1 против Спарта Прага во ЛЕ.

Нападот му го обеле образот на Бенитез, затоа што „партенопеите" постигнаа 10 гола (3 против Палермо, 3 против Спарта Прага, 2 против Билбао и 2 против Џенова), но тоа е недоволно во однос на лани, кога Наполи во група со Борусија Дортмунд, Арсенал и Марсеј собра 12 бода и имаше поефикасен напад и посигурна одбрана. Во меѓувреме, екипата ја напуштија нашиот Горан Пандев, Валон Бехрами и Блерим Џемаили, а составот на Бенитез го засилија Де Гузман (од Свонси), Кулибали (од Генк) и Мичу (од Свонси).

Незадоволни од резултатите на екипата, навивачите му свртеа грб на претседателот Де Лаурентис и на последното коло против Палермо во знак на бојкот ги поставија знамињата спротивно завртени. Нив ги испровоцира изјавата на синот на претседателот, кој рече како „клубот не постои само за нив и не му е гајле што тие мислат“. Наполи во недела (12.30) го очекува дуел против Сасуоло на гости, потоа во четврток игра против Слован Братислава во Лигата на Европа.

26 септември 2014 - 14:33