Како сонот на 9 годишниот навивач на Милан стана реалност

Пред еден месец овој трансфер бил незамислив, вели Малдини, затоа што италијанскиот бисер бил на мета на повеќе големи клубови меѓу кои Јувентус и Интер, но кога разбрал дека има можност да го облече дресот на Милан, на сите други им ја затворил вратата.

Сандро Тонали денеска имаше официјална промоција во Милан, клубот за кој мечтаел уште од мал и им се дивел на европските прваци Неста, Малдини, Шевченко, Кака и останатите.

Роден е 2000-та, на 17 години заигрува за Бреша во Серија Б, а минатата сезона дебитираше во Серија А. Игра на плејмејкерска позиција и го споредуваат со Пирло, а Милан го претстави на многу јак начин, како детскиот сон од бајка му стана реалност.

На 9 години му напишал писмо на Дедо мраз дека желба му е да носи опрема од Милан. 11 години подоцна таа му се остварува, ама не ја купува од дуќан, туку станува нивен играч.

„Кога сфатив дека имам можност да заиграм за Милан, им ја затворив вратата на сите други. Морав да дојдат тука по секоја цена, бидејќи моите мисли од секогаш биле во овој клуб. Желбата за победи ми ја пренесува Ибрахимовиќ, а идол ми е Гатузо на кој му се јавив да го прашам дали може да го носам дресот со неговиот број 8 кој има повеќе значења во мојот живот“.

И покрај возраста, Тонали уште пред две години го доби првиот репрезентативен повик од Манчини, а лани во октомври дебитираше против Лихтенштајн.

Па знаете ли играч кој има постигнато појак деби гол од неговиот во Серија А?

14 септември 2020 - 16:30