Тиквобургери

Еве да претпоставиме дека рингишпилот наречен живот ве натерал да не јадете месо поради етички причини. Во ред е, секој има право да јаде шо сака. Животинскиот протеин го заменувате со растителен, па јадете мешункасти плодови 5 пати неделно, за да надокнадите. Секој ден ви е петок, шо би се рекло. Цревата полека ви се претвараат во банда љути гајдаџии затоа што гравот, леќата и наутот си доаѓаат по своето. Почнувате да се унезгодувате на состаноци, по рандевуа, на обични кафе/пиво/20 ракии средби, затоа што дигестивниот тракт нема опција за ‘нечујно‘. Ви прекипуваат овие непријатности и решавате да ја прекинете обезмеснатата лудорија и да омрсите брк (дисклејмерче: оваа реченица се оградува од родова нееднаквост затоа што у основно имав три наставнички со баркодови под нос, така да се однесува и на жените).

На пат сте кон најблиската кебапчилница, кафана, бургер бар. Се троумите помеѓу плескавица, ќофте или сочен бургер. Галопирате нервозно, но не баш самоуверено. И повторно имате преломен момент: вашиот морал со бејзбол палка ве мава по совеста. Сте си ветиле дека не сакате крв во вашата чинија, а итате кон соборниот храм на крвавите чинии. Нагло го запирате чекорот, кревате рачна. На лево круг и поразени си одите накај дома. Барем да имаше нешто шо потсеќа на месо, макар на форма, на текстура. Добро знаете дека веганските замени за месо се поштетни од самото месо (затоа што еден нон-бајнари нутриционист од ЕлЕј наТик-Ток ве убеди дека месото е апла штетно, јадете авокадо засекогаш) и дека не се опција. Очајни се влечкате по улица, скролајќи по падините на социопатските премрежја.

И од еднаш налетувате на ова: тиквобургери, домашни, подомашни здравје. Со возбуда кликате на линкот и читате: Смири се, сè ќе биде ок. Психотерапевтскиот центар „Храна за возрасни“ е секогаш тука за тебе. Тркни до пазар, купи 2-3 тиквици, 2 црвени пиперки, кромид сигурно имаш дома, па да почнеме. Денес спремаме вегетаријански бургери, или кофтиња или плескавици (пошто има доста плескање), како сакате наречете ги.

Прво, вегетаријанските дилдовци попознати како тиквици ги поминуваме низ ренде. На крупната страна, кај солзите. Вака изренданите тиквици ги сместуваме во кујнска крпа и го цедиме до последна капка. Како они да се даночни обврзници а вие владата. Кога се солидно исдехидрирани, ги сместуваме во длабок сад. Во истиот сад додаваме многу ситно сецкан пиперки и ултравиолетов кромид. Потрудете се навистина да го иситните до мали души. И кромидот и пиперот. Додаваме сол и бибер. Потоа рендаме 40 грама пармезан, на ситната страна од рендето, таа што највеќе боли. Додаваме во смесата. На крај бетонираме со шолја сенаменско брашно и 3-5 грама прашок за пециво. Следуваат 2 јајца, проследени со бел и црн сусам. Мешаме.

Од добиената смеса формираме хокеј пакови. Нека бидат во висина сантим до сантим ипол, а радиусот околу 3-4 сантима. Ги премачкуваме со маслиново.

Не пржиме, туку печеме. Рерната на 200 степени. 10 минути од едната страна, па салто назад, 10 минути од страна Б.

Како сос препорачувам павлака со омилените свежи билки (магдонос, нане, копар, канабис), а за похрабрите мајонез. Овие превкусни перничиња се одлична варијанта за во лепиња. Исто така може да ја дуплирате дозата и да ги чувате во замрзнувач дури до 2 месеци. Кога и да посакате, од комора директно у рерна.

За вас шо си го гледате здравјето не знам, ама мене ми испија пола литро домача максузија ич како ништо. Доста порочни се.

На здравје!

Кирил Стоименов - сопственик на јетра

28 јануари 2024 - 10:32