Кременадли во рерна

Си било едно прасе. Решило да станува човек на место, почнало да вежба, да се храни здраво. Само шо грицнало јаболкo, завршило на ражен. Судбина…

Свињата е култно суштество во балканската митологија. Пан-словенски минотаур: пола животно - пола неверојатно. Воедно, голем фан на круши и бисери. Исто така е носечка сила на грото први маеви.

Дрога, дадена од бога.
Го сакаат и леви и десни.
И лопови и чесни.
Со суфикс -есни можам да напишам 150 песни.
Ама тука сме за авантури месни.

Свинското месо е најзастапен посетител на македонските скари. И на електричните и на акустичните - оние на жар. Неговата арома сензационално кокетира со извесни архетипи и бурно ги бранува  рибонуклеинските киселини во нашето гладно ДНК. Свадба без прасе? Важи, договорено. Без прстен ќе се омажиш/ожениш некако, ама без печено прасе, т’нко. Па макар бил и веган.

Денес ќе исончаме во рерна неколку кременадли од сортата свински. Ќе ги појачаме со печено-олучен компир и ќе ги фасадираме со одличен тартар сос, домаќи. На работа, на труд:

Килограм кременадла. Ако е со коска, обескоскете ја. Зошто? Поради просторна ефикасност во однос на садот во кој ќе се пече месото. Зачинуваме православно: сол, бибер и црвен пипер. Обострано, го вртиме и другиот образ. Вака репетирани за печење, ги оставаме на собна температура едно пола саат. За тоа време рерната на најјако.

Компирите ги сецкаме на пола, ги распоредуваме во сад за печење, зачинуваме по желба, додаваме свежи гранчиња рузмарин, 10-тина кршени чешниња лук (одличен ароматизер, плус така благо јагленисани се тешка перверзија самите по себе), додаваме зејтински лубрикант и на печење. Пола саат, мање-више.

Рикверц кај месото. Го поставуваме во сад за печење. Рерната намалена на 200. Печеме 10 минути по страна. Сосема доволно како не би го претвориле месото во шпер-плоча. Вака остануваат ултимативно сочни.

Додека месото и рерната компонираат, ние усосуваме 4 лажици мајонез + ситно сецкани кисели краставички алијас корнишони + една до две лажици капери + сецкан свеж магданос и копар + сок од пола лимон или лимета. Мешаме и добитни сме. Уште па и мајонезот ако си го направите сами…

Месото го сецкаме на ленти, низ него нанесуваме од тартарот, а од страна компирките. Комшијата веќе ве пцуе у себе. Отворете прозор, нека цело маало ја осети оваа боженствено-вкусна радијација.

Епа публикуме, уживај до последна калорија.

Кирил Стоименов - прасечи вокал

24 јуни 2023 - 19:22