Марсовско рижото

Храната е храна за цревата, а вицовите се храна за душата. Затоа отвараме со еден виц, хранлив: Година е 2075-та. На планетата Земја царува некое тивко благостање, престанале сите војни, луѓето заборавиле на омраза, не постојат повеќе нации, религии, полови, чуда, врагови. Цел свет е едно големо семејство, љубовта и толеранцијата се единствените закони, дискриминацијата е едно заборавено неславно минато. Дури и вонземјани почнале да се доселуваат, од толку што било утописки јако на Земјата. Нормално, хомосапиенсите како гостопримлива врста, ги примиле, угостиле и веднаш ги удостоиле со азил и еднакви права. Во регионот на бивша Далмација, некаде во околината на Сплит, ќерка го носи зетот на запознавање со родителите. Зетот - Марсовец. Влегуваат дома, она го претставува, се ракуваат со старите. Татко ѝ - бивш Торцидаш, го мерка од глава до пети, го скенира, гледа такво зелено несиметрично створение, грдо, лошо мириса, но што е тука е, нема дискриминирање. После ручекот, ќерката го трга настрана и го прашува за впечатоци, шо мисли за зетот. На тоа таткото: “Па добар е, бар не е Србин!“

Ок, јас сега ќе го обелоденам тајниот рецепт што таштата го спремила у чест на зетот, за добредојде, да му направи чест:

Пола кило спанаќ. Се упржува за да намали на волумен и добие на лакованост. Потоа во блендер, да се исецка додека не стане како зелена каша. Кога е готово, лефтерно се посолува.

Пред да започнеме со рижотото, на кујнска хартија фрламе неколку парчиња пршута и ги печеме на 200 степени едно 10-тина минути. Ги вадиме да се оладат сѐ до перверзна крцкавост.

Во тенџере на загреано маслиново се запржуваат ситно сецкани моркови, кромид и лук. Потоа се додава и оризот (250 гр.) на упржување.

Понатаму се следи постапката за класично рижото:
- Првиот течен млаз е 200 мл. бело вино. Овде се додава и зеленчукова бујон коцка и малку сол.
- За тоа време во брзоварка се загрева 600 мл. вода.
-Откако виното ќе испари, повеќекратно додаваме вода. По 150 мл. по серија.

На крај го додаваме спанаќот, добро промешуваме, фрламе 50 грама путер и исто толку рендан пармезан, промешуваме: глава втора, и оваа зелена прекраснотија е спремна за сервирање. Рижотото го распространуваме во плитка чинија, а врз него кршиме од лентите пршута.

Опционално: рендана кора од лимон, за дополнителна екстравагантност.

Виното не мора да е вонземјанско, и Тиквешко ќе заврши работа. На здравје космополити!

Кирил Стоименов - Гастронаут

30 јули 2023 - 08:46