Зошто книгите излегуваат прво во тврд повез?

Секој оној кој нестрпливо очекувал да излезе некоја книга (колкумина има такви?) знае дека барем што се однесува до странските изданија прво излегува верзија во тврда корица (хардкaвер) а потоа во мека (пејпрбек). И дека ако сака да помине поевтино ќе мора да се стрпи, понекогаш цела година. Зошто е тоа така?

Мекиот повез има извршено револуција во читачките навики во времето кога се појавил, во триесетите години на 20 век. Ваквите книги биле поевтини, полесни и поедноставни за транспорт во однос на тешките, дебели томови со тврди корици кои до тогаш доминирале. До 1960, овој формат почнал да преовладува.

Но и покрај предностите и несомнената популарност на „пејпрбек“-от, сè уште е невозможно да се најдат „меки“ верзии на голем број нови книги во моментот кога тие ќе излезат. Вообичаена практика помеѓу (странските) издавачи е да издаваат нови книги најпрвин во тврда корица, а потоа, по околу една година, да отпечатат и мек повез.

Причина за ова е финансиската добивка на издавачот од еден ваков потег. Имено, иако книгата со тврда корица е поскапа за печатење, тој традиционално прави повеќе пари од таквата верзија, овозможувајќи му да го покрие хонорарот на авторот/преведувачот, печатењето, маркетингот и дистрибуцијата. И дури потоа да почне да остварува профит со мекиот повез, кој се печати во многу поголем тираж.

Логиката е следна - оној на кого новото издание му значи (можеби затоа што е од негов омилен автор или затоа што е на тема што му е битна) е подготовен да плати повеќе за квалитетно и естетски убаво издание, онака „свечено“ облечено во тврд повез, како за на премиера. За такви изданија се поподготвени да платат и библиотеките, затоа што оние другите полесно се оштетуваат од честа употреба.

Откако фино ќе си го исцрпат „тврдиот“ тираж, издавачите, најчесто по една година, можат повторно да направат промоција на „пејпербек“ изданието на истата книга, односно да поттикнат свежа возбуда затоа што на пазарот доаѓа поевтината верзија. Тогаш доаѓа времето да си ја купат оние што малку почекале за цената да падне.

извор

5 март 2020 - 19:06