Заборавениот интерпункциски знак кој добро ќе ни дојде во 2021

Бил предложен во 1960-тите, а чувството што го рефлектира ни е познато и сега. Но веројатно ќе биде актуелно и следната година.

До третиот век интерпункцијата не постоела, туку текстовите претставувале непрекината низа зборови. Но тогаш грчкиот библиотекар Аристофан ја измислил точката за да сигнализира паузи додека се чита на глас. Во осмиот век англискиот научник Алквин од Јорк го вовел прашалникот за да сигнализира несигурност или љубопитност. Во 14-тиот, фирентинскиот властелин Колучио Салутати го вовел извичникот за да сигнализира интензитет на чувства. Од тогаш, интерпункцијата игра голема улога во начинот на којшто ги запишуваме мислите и во тоа како ги толкуваме туѓите.

Во 1962 Мартин К. Спектер, тогашен директор на рекламна агенција, забележал нов типографски тренд. Рекламите упатувале ентузијастични и агресивни прашања користејќи „?!“ на крај на речениците. Тој предложил единствен интерпункциски знак кој би ги споил овие два, а за можни имиња за истиот упатил јавен повик кон читателите на списанието TYPEtalks кое го уредувал. Во конкуренција влегле ексламаквест, КвизДинг, рет и ексларотив, но на крај бил одбран интеробанг. Интеро е од интерогатио (реторичко прашање или вкрстено испрашување), а банг бил сленг помеѓу словослагачите во печатниците за извичник. Самиот го опишал знакот како „типографски елоквентен начин на кој може да се заврши изјава, која изразува возбудено неверување, прашува на ентузијастичен начин или поставува реторичко прашање“. На пример:

„Ова ви е голема пица‽“
„Правосмукалка што сама чисти‽“
„И сега, што‽“

Националните медиуми во тоа време почнале да го употребуваат знакот, тој бил вклучен во речници, а се појавил дури и во наслов на италијански трилер. Поп културата го прифатила како израз на модерниот живот.

Најпрвин, тој бил тежок за користење. Просечниот писател морал да напише прво ? па да ја врати машината за куцање назад и врз прашалникот да чукне !. На професионално испечатените документи знакот морал да биде цртан рачно или нанесен со жилет. Напредок се случил кога во 1966 интеробангот е вклучен во новиот фонт Американа, што го направил лесен за печатење. Во 1970 Ремингтон и Смит-корона го нуделе како опција на нивните нови машини за куцање, правејќи ги достапни за сите писатели.

Но до средината на 1970-тите интеробангот почнал да губи на популарност. Модерните машини за печатење имале ограничен број карактери, а рекламирањето се базирало на едноставни реченици со точка на крајот. Во книжевните и академските светови тој бил излишен. Така, традицијата ја победила иновацијата.

Денес, интеробангот се смета за нестандарден интерпункциски знак, иако е вклучен во Уникод (групата карактери кои ги имаат сите компјутери). Сепак, постои мала субкултура која се уште верува во неговата вредност, а таа со годината што е на заминување само се потврди. 2020 беше истовремено и сензационална и за неверување, година која беше тешко да се изрази низ зборови и стандардна интерпункција. Но како што тргнале работите интеробангот изгледа ќе ни треба и во 2021. Нели‽

Види претходно: Знакот кој (ви) недостасува

25 декември 2020 - 17:47