Букбокс акција

Вашите купчиња

По нашиот повик да ги фотографирате и искоментирате книгите кои ви прават друштво летово, еве ги првите четворица кои ни ги испратија нивните фаворити. Поканата уште важи!

Елена Давчева

Ветерот носи убаво време, Антологија на најмладата македонска поезија и проза
Го почнав летото со поезија. Добро де, и малку проза. Книгата си ја земав на акцијата за размена на книги во „Камарите" (фала Букбокс!) и баш сум среќна што ја имам. Мои фаворити: Flashback Nocturno од Душко Крстевски и Не плачи, тато од Румена Бужаровска.

Музеј на безусловното предавање, Дубравка Угрешиќ
Оваа ми е, всушност, џокер книга - си ја препрочитувам секогаш кога ќе почнам да се врткам околу домашната библиотека и не знам што да одберам. Малку е ако кажам дека ми е омилена. Ја сакам, безусловно. Овојпат ги читав само деловите кои се посветени на Берлин, како подготовка за моето патување во овој фамозен град.

Преобразба, Франц Кафка
За по пат - од Берлин кон Прага. Посоодветно - амин!

Еден, ниеден, сто илјади, Луиџи Пирандело
На враќање од патувањето ми снема книги за читање, па морав да се позајмувам. Со сета почит на техниките на пишување и филозофските размислувања за откривањето на самиот себе и перцепцијата во очите на другите, но мене оваа книга ме измачи. И не ми се допадна.

Големиот Гетсби, Френсис Скот Фицџералд
Супер ми дојде Гетсби, типично америчка, романтична, филмска, баш релаксирачка! Таман за во лето - одличен период да се прочита некој класик, еден од тие што се на листата „книги што треба да се прочитаат во животот". Препорачувам дефинитивно (ако сè уште има такви како јас пред една недела, што не ја прочитале).

Платформа, Мишел Уелбек
Книга од листата на оние што ги препрочитувам. Многу го сакам Уелбек, ама овојпат „Платформа" ми дојде мачна и се откажав. Ја препорачувам на тие што ќе одат на одмор со туристичка агенција, само предупредувам дека може да почнат да ги мразат луѓето околу себе. И да, може да им се зголемат сексуалните апетити ;)

Предмети, Марко Погачар
Да заокружиме со поезија. Марко Погачар го открив пред две години, кога требаше да одам во Сплит, па сакав да прочитам нешто од некој локален поет. Пред неколку месеци неговата збирка поезија „Предмети" излезе во превод на македонски јазик, а деновиве дојде на ред да ја прочитам. Препорачувам. Засега омилена песна: Ѕидар.

Стефанија Маџоска

„Живот во излог" од мојата омилена Лејла Сабит затоа што поголем дел од летото го минав и ќе го минувам во Скопје, затоа што секогаш успева да ме насмее, замисли, затоа што не морам да помнам до која страница сум стигнала и затоа што оној на којшто му ги дадов книгите на Ружица Пејовиќ ми ги нема вратено!

„Љубов во време на колера" затоа што нема да отидам на Карибите ни годинава, а сè друго од почитуваниот чичко ми е прочитано и затоа што одбивам да го гледам филмот додека не ја прочитам.

„Нација во подем" затоа што раскажува за израелската „куцпа" (храброст) и за тоа како една нација се издигнала толку високо. Има уште една причина ама ќе ја сочувам за себе :)

„Na ostrvu pisaceg stola" - чичко Душан поради „децата кои сè повеќе се срамат да бидат деца". И затоа што можеби во септември ќе можам да кажам „Београде, добро јутро".

„Женски разговори" - чичко Душан пак... Затоа што „секој од нас носи некоја закрпа... И ние повеќе го сакаме животот отколку тој нас".

Драган Денковски

Овој су уствари књиге лани што си ги чита, затој што овогодишњи су ми дадени на људи кои моментално искористуев одмор. Тамо су ми една прочитана (Борис Дежуловиќ - "Јебо сад хиљаду динара") и една коју гу имам пар месеца, а праву време да гу сљушту (Жозе Сарамаго - "Смрт и њени хирови").

Од овија лањски, најдебела, најшарена и највредна (како по убавину, такој и по цену како си гу имам набавено) е дуготрајно интервју на францускога новинара сас стварача на лика што се вика Корто Малтезе. Његов креатор, Хуго Прат, распреда за тој како се он десија, што му се све дешавало, и натера на помислу колко ли људи имамо на планету што имав свашта доживено, ама ете не се нафатиле на стваралаштво.

Друга по милину, али најблиска по душу ми е есеистичко дело на писатела на "Тунел", књишче кое си га имам купено пар месеца пред да почине аргентинац кој за некои си стотина д'на ќе напунеше ед'н век.

Две су од наши момци. Јовица сас свеукупну поезију ми е сроднодушан муабетџију сас кога немам разговарано на постројку, чекајќи га прв автобус при разд'нување (затој што он е скопјанац, а ја како кумановац сам на пешачко растојание до свугде куде сакам да појду). Русјаков, како автор, ме има одушевено сас серијал колумне "Децата пораснаа", док у овуј збирку везе и плете и успева да зароби сас волшебништво на зборови, за коју претпостављам дека е најблиско нешто до оној што ми га имав кажувано дека биле "мед му тече од уста" - предавања на мудрога старца познат како Влада Урошевиќ.

Роман на хрвата ми уроди сас потајну жељу да, сви гњаватори кои ни ги онеубавуев д'нови прикажувајќи ни се преко новине и екрани и се бавив сас политику, бидев раскринкани у корупциски скандал и пратени у што позатуцано делче од земљу коју мислив дека гу знаев и водив, за да им се деси преобрат и да доживив све, свашта и још по нешто, и коначно да се откочив без клистир и да научив да ги ценив лепоте на живот, а и ако не се откажев од политикантство, бар можу да се надам дека ќе продужив како бољи и поинтересни људи, а не како с'г што су - ботови.

Андријана Драговиќ

Мојата максима ова лето: Нема одмора док траје обнова!

Така што изборот на литература мораше да биде крајно олабавен...

1. Заточеник на небото, Карлос Руиз Сафон

Енигмата на Гробиштата на заборавените книги од претходните два романи на Сафон продолжува...

2. Студена кожа, Алберт Санчез Пињол

Прв роман на каталонскиот антрополог, кој приказната ја сместува на еден остров во Атланскиот Океан. Островот навидум има само еден жител, но... Интересна приказна која уште од почеток вовлекува во авантура. Критиката го споредува авторот со Конрад и со Стивенсон.

3. Исповедите на младиот романописец, Умберто Еко

Предавања што Еко ги држел на Харвард, кои откриваат како доаѓал до заплетот во неговите романи, како создавал ликови од кои читателите биле трогнати или ги замразувале. Некои ова може да го сфатат како прирачник како се пишува успешен роман...

4. Умешноста на стихот, Хорхе Луис Борхес

Уште една серија предавања од Харвард. Борхес ги одржал предавањата во 1967/8 година. Од нив бил направен аудиозапис, кој бил изгубен. Во осумдесеттите лентите на кои биле снимени предавањата се појавиле од некој подрум и веднаш биле објавени во вид на книга. Денес може да се купат и оригиналните аудиозаписи во кои Борхес ја споделува својата страст за јазикот и за книжевноста.

6 август 2012 - 08:53