Тивкото задоволство на држењето лутина

Благата лутина е нискокалорична верзија на гневот, разводнет презир, кој сепак нуди можност за преоценка на нашиот однос кон субјектите на нашето срдење.

„Зошто ми се срдиш либе?“, гласи стих на наша народна песна, во која прашањето на девојката укажува на нејзина загриженост за однесувањето на саканиот, во обид се да изнајде рационално оправдување за истото: не ја посетувал затоа што се лутел, немал коњ, или немал Џи-пи-ес. Неговиот одговор е по малку ироничен - секако дека има коњ, коњот знае не еден, туку до три друма, ама таа сепак го изнервирала (иако песната нè остава во прашалници што точно му направила, или не направила).

Држењето лутина понекогаш има вакви шармантни, речиси детски аспекти. Но лутина може да се држи не само на блиски туку и на луѓе кои воопшто не ги познаваме, па дури и на производители, брендови, медиуми. Доволно е продавница да не работи во време коешто е официјално објавено на нејзината веб-страница, медиумот да го промени дизајнот на сајтот па да се чудите каде сте пребарувајќи ја омилената рубрика, или компанијата го заменила вашиот омилен пијалок со нова - полоша - верзија. И после, како да не се лутите?

Секако, ова е „мек“ вид лутина, далеку од многу подраматичните и сериозни нивоа на презир или гнев, за кои другата страна треба баш да се потруди да ги иницира. Лутините се реакција на навидум банални и единечни претрпени штети и непријатности, а не „егзистенцијални“ грешки и намерни или ненамерни пропусти. Оттаму и изразот „му помина лутината“, кое е вообичаено финале на некое недоразбирање или караница. И советот за не-држење лутина, како психолошка хигиена.

Психолозите го наведуваат држењето лутина како форма на тивко страдање и самоповредување, вклучувајќи го во списокот нешта кои НЕ треба да се прават, како генерално секирање, развивањето катастрофични сценарија или трупањето горчини. Велат дека личноста која држи лутина има ниска самодоверба, „краток фитиљ“ и ниско ниво на социјални вештини. Од друга страна, барем привременото повлекување во лутина овозможува човек да го процесира настанот кој довел до лутината, и да одлучи дали тоа е нешто преку кое може или не може да се помине. И да може да даде конкретен одговор на прашањето „зошто ми се срдиш?“.  

21 јануари 2022 - 11:05