„Тангпинг“: кинеското контракултурно движење на намалени желби и очекувања

Нова контракултура во Кина ги отфрла динамичните и стресни работни места за да може да ужива во малите нешта. Партијата ги стигматизира како срамни примери.

„Тангпинг“ e релативно нов тренд, опишан како антидот на притисокот за напорна работа, вообичаен за Кина, со нејзиниот систем познат под името 996 (работно време од 9 наутро до 9 навечер, 6 денови во неделата), кој важи за голем број кинески компании. Иако отпорот на младите луѓе кон побарувањата на системот важи за сите времиња и сите култури, сега е прв пат неколку храбри урбани професионалци да ги отфрлаат високо котираните работни места во Кина, за да можат просто да „лежат“ односно да уживаат во животот со намалени желби и очекувања.

Движењето најверојатно започнало од човек по име Луо Хуазонг, кој го напуштил своето работно место во фабрика во провинцијата Сечуан, и заминал со велосипед за Тибет каде работел сè и сешто. Луо прв го употребил терминот „тангпинг“ во овој контекст и почнал да пишува блог за своите искуства.

Терминот „храбар“ за овој потег се однесува на односот на владеачката Комунистичка партија кон „лежењето“, кое таа го смета за подривање на работниот морал. Иако некои од нејзините политики се имаат променето во последниов век, на пример отвореноста кон слободниот пазар и конзумеризмот, сепак трудољубивоста и амбицијата се сè уште суштински за каузата. Ова е засилено поради фактот што бројот на работоспособни луѓе е намален за 5% во текот на последниве 10 години, поради стареењето на кинеската популација.

Сепак, точни бројки за обемот на спомнатото контра-движење не се достапни, а тангпинг онлајн група со над 9000 членови неодамна била избришана од цензорите. Официјалните медиуми исто така го осудуваат недостатокот на амбиција и велат: „Борбата е вид среќа. Да се одбере да не се прави ништо соочен со притисок, не само што е неправично туку и срамно“.

Слични движења од време на време се појавуваат и во други високо стресни средини, како „хикомори“ во јапонското општество - млади луѓе кои се повлекуваат во изолација, заработувајќи само онолку колку што им е доволно за скромен опстанок. 

6 јули 2021 - 10:07