Почна годишното пребројување на 14.000 животни во лондонската зоолошка

Од највисоката жирафа до најситниот полноглавец - мерењата кои се прават секоја година во Лондонската зоолошка (и не само таму) се важна витална статистика за секое животно, но помага и во споредување на податоците помеѓу повеќе зоолошки во Британија.

Пингвини на дигитални ваги и мерење на инсекти со лењир - ова се само некои од методите кои вработените во Лондонската зоолошка градина ги користат за да ја обноват, секоја година, статистиката за сите 14.000 примероци со кои располагаат. 

Процесот е задолжителен согласно британскиот закон - сите зоолошки во земјата мора да го направат годишниот „попис“ за да си ги задржат лиценците. Во текот на неколку денови тие ги мерат „сите цицачи, птици, рептили, риби и без'рбетници“, што е опишано како „потфат од неверојатни размери“, со оглед на тоа што не е баш едноставно да натераш некои животни да седат мирно за да бидат измерени. За да ги залажат, вработените им нудат грицки, а понекогаш ги поставуваат мерните инструменти така за животните да мора да стапнат на нив кога се собираат за јадење или кога се протегнуваат на дрвјата на кои се поставени вертикални столпчиња со мерки. 

Најтешкото животно во градината е жирафата Меги со своите 750 килограми, а најмалата е вид мравка (leaf cutter ant) која тежи само 5 милиграми (наместо да се мери секоја мравка посебно, вработените ја проценуваат тежината врз основа на целата колонија).

Мерките се внесуваат во Зоолошкиот систем за управување со информации, дата база која градините низ светот ја користат за да ги споредат бројките. Ова помага за да се направат добри одлуки за грижата за секое животно. 

Слушни претходно: „За животните и луѓето - еден ден во животот на вработените во зоолошката градина“ (епизода од подкастот „Обични луѓе“)

1 септември 2023 - 10:56