Букбокс гледаше

Perfect Sense (2011)

Нема празник а некој на социјалните мрежи да не побара да му се препорача филм, по што обично следат долгометражни коментари со наслови и линкови. Еден од нив овој пат ни фати око.

„Но, кога од едно дамнешно минато, по смртта на луѓето, по распаѓањето на предметите, нема да преживее ништо, уште долго време, како души, остануваат само миризбата и вкусот, понежни но пожилави, понематеријални, поупорни, поверни, за да потсетуваат, да чекаат, да се надеваат врз урнатините на сè друго".

(„Комбре", Марсел Пруст)

* содржи расипувачи 

Играта со зборови во насловот е тешко доловлива во македонскиот - sense како сетило, но и чувство, и смисла. Дали свет без сетилни дразби има смисла? Дали, обратно, смислата на светот е во неговата сетилност? Филмов е малку конфузен во одговорот, но е интересен во начинот на кој што го поставува прашањето. А и тоа некогаш е доволно.

Мајкл (Иан МекГрегор) е готвач во познат ресторан во Глазгов, кој по една трагична љубовна врска не се осудува лесно да влезе во друга. Сузан (Ева Грин) е епидемиолог и живее сама во стан чиј прозорец гледа накај задниот двор на ресторанот, каде вработените излегуваат на пиво и цигара. Така и се запознаваат, иако моментот не може да биде полош - уште во првите сцени од филмот, најпрвин држени во тајност а потоа веќе и очигледни, се појавуваат чудни случаи на губење на сетилото за мирис, кому му претходат напади на крајна тага, потсетување на сите мачни моменти од животот, но и чувство на сето она што се пропуштило. Луѓето плачат, кубат коси, очајуваат, но потоа им поминува. Единствената последица е што веќе не можат да мирисаат.

Љубовната приказна не е многу уверлива, па затоа ќе ја оставиме на страна. Она што е поинтересно е концептот на исчезнување на сетилните перцепции, што најпрвин делува страшно, особено за оние кои живеат од мирисите. Тоа е и ресторанот на Мајкл, каде гостите се проретчуваат, за на крај да нема живо пиле. Наместо да очајува, тој почнува да се фокусира на другите аспекти на храната - бојата и текстурата, со кои го компензира недостатокот на мирис. Но, кога удира и вториот бран, оној на недостаток на вкус, работата станува посериозна. Храната (а филмот главно се концентрира на неа) мора да стане екстремно зачинета за да разбуди дури и далечни асоцијации на некаков вкус. Епидемиолозите се надеваат дека апстрактната и невидлива закана ќе запре тука, кај хемиските сетила. Но во следниот бран страда и сетилото за слух, чие губење го најавува екстремно агресивно преиспитување на смислата на животот. По него следи само тишина и карантин за заболените, додека надвор избиваат немири.

До тука пораката на филмот мислиме дека ни е јасна - како што сетилата исчезнуваат, така се распаѓа една цела цивилизација која во голема мерка почива врз нив, врз тие нематеријални темели на нашите спомени и доживувања, кои наспроти пророштвото на Пруст, не преживуваат кога веќе нема ништо, туку исчезнуваат, по себе повлекувајќи сè она што постои. Но има еден пресврт при крајот на филмот кој нè збуни. Напуштајќи ја оваа џонлоковска линија на „без сетила - ништо", одеднаш луѓето кои немаат чувство за мирис, вкус и се глуви, утеха наоѓаат во - другите луѓе! Непосредно пред да ослепат, тие се свртуваат едни кон други, си простуваат, ги сфаќаат вистинските вредности во животот и на крај, во црната темница, им останува само сетилото за допир кое ќе ги потсетува дека се живи.

Среде апокалипсата ќе има и период во кој ослободени од сетила конечно ќе допреме до вистинската природа на нештата, која инаку ни бега од прекубројните и преагресивни дразби? Ако добро ја толкуваме пораката на филмот, доволно е да го исклучиме компјутерот, да не ја презачинуваме храната и во сè да сме сетилно умерени. Мракот секако ќе нè најде, ама барем ќе бидеме поподготвени, за тој свет без дразби, во кој владее совршена смисла.

2 јануари 2014 - 16:41