Можело значи

Беа потребни повеќе од две децении но успеаа: во Мексико сити, мегалополисот кој порано важеше за најзагадениот урбан простор на светот, денеска се дише нормално.

Со над 20 милиони жители, неповолна географија, лошо урбано планирање и дива индустријализација, Мексико сити во 90-тите години беше завикан Mexsicko City заради екстремно лошиот воздух и постојаниот смог во градот.

Во цела 1992 година, регистрирани се само 8 дена во кои воздухот ги задоволувал критериумите за квалитет. Лани, добри денови за дишење имало дури 248. Од мај 2003-та не се достигнала критична загаденост кога Владата има право да ги затвори училиштата.

Преземените чекори биле бавни но упорни.

Се започнува со мерење на квалитетот на воздухот. Централната и локалните власти сфаќаат дека мора да соработуваат за да го решат проблемот. Затворени се или дислоцирани големи индустриски загадувачи.  Воведен е  програм "ден без автомобил", еднаш неделно, кој трае и денес. Промовирани се еко прифатливи автобуси за јавен превоз. Воведен е систем за изнајмување велосипеди кој е толку популарен што на точак се чека и по 6 недели. Централизиран е системот за контрола на издувните гасови во станиците за технички преглед на возила кои порано лесно се корумпирале. Дење во градот не смеат да се возат возила постари од 2005-та година....

Другата страна на медалот? Поради тоа што во остатокот на Мексико регулативата е далеку полабава отколку во самиот град, добар дел од автомобилското и друго ѓубре е префрлено во предградијата или околните градови кои во меѓувреме бележат влошување на состојбата.

"Ако е ова маратон, тогаш ние сме некаде на половина пат," велат одговорните во градот.