Од сега ќе може да се тужи за трејлер кој создава лажни очекувања

Обожаватели на кубанско-американската актерка Ана де Армас (најпозната по својата улога на Мерлин Монро во „Русокоса“) поднеле тужба до продуцентите кои ги измамиле дека таа глуми во филмот „Вчера“ од 2019, со тоа што ја вклучиле во трејлерот. Всушност, нејзиното појавување било сецнато во конечната монтажа.

Питер Мајл Роза од Сан Диего и Конор Вулф од Мериленд се жалат дека бадијала дале 3.99 американски долари за да ја гледаат комедијата „Вчера“ на Амазон Прајм, бидејќи нивната омилена актерка, Ана де Армас не се појавила во филмот. А требало, затоа што ја имало во трејлерот. 

Толку биле повредени од ова сознание, што поднеле тужба до продуцентската куќа Universal Pictures. Судењето трае од почетокот на 2022 а главниот аргумент на тужителите е дека тие како муштерии не добиле никаква вредност за нивните пари, плус психолошки биле пореметени поради неостварени желби и очекувања. 

Продуцентската куќа побарала од обласниот судија Стивен Вилсон да ја отфрли тужбата, со аргумент дека трејлерите се заштитени со првиот амандман од Уставот на САД, кој овозможува слобода на говор (иако не е јасно каква врска има ова со непојавувањето на Армас). Ова не било доволно за судијата, кој го отфрлил барањето, со образложение дека трејлерите се комерцијален производ и оттаму се подложни на закони кои обезбедуваат чесно рекламирање. 

„Во својата суштина, трејлер е реклама дизајнирана да продаде филм со тоа што на купувачите им овозможува краток преглед на истиот“, напишал тој. 

Тужителите бараат најмалку 5 милиони долари (!) во корист на разочараните фанови. Следната средба на адвокатите е на 3 април.

„Вчера“ e филм на Дени Бојл, за музичар кој се затекнува во алтернативна реалност каде не постојат Битлси. Де Армас првично била планирана за една од улогите, но не влегла во финалната верзија. 

Ова е исечената сцена:

24 декември 2022 - 11:01