Нова книга која покажува дека отсекогаш имало отпор кон вакцините

„Помеѓу надеж и страв“ е веројатно најдобриот наслов за книга која се однесува на вакцините. Нејзиниот автор се осврнува на историјата на анти-ваксерското движење, истовремено истражувајќи ја и историјата на човечкиот имунитет.

Болестите имаат не само медицински, туку и огромни социјални и политички импликации. Детално истражувајќи ја историјата на пронаоѓањето вакцини за голем број од нив, Мајкл Кинч сепак не се осврнува само на минатото, туку и на можната иднина, кога нашите мали и големи победи над одредени болести можат да се покажат како само привремени, повторно разгорувајќи се како резултат на одбивањето на голем број родители да ги вакцинираат нивните деца.

Заедно со антисептиците и анестезијата, вакцините, според авторот, кој е некогашен професор и истражувач на ракот на дојка и простатата, се најголемите постигнувања на научно базираната медицина. Во интервју за NPR тој како најголем пробив во оваа смисла го смета откритието на вакцината за мали сипаници во 18 век. Тогаш луѓето сфатиле дека откако еднаш ќе идентификувате патоген (она што ја предизвикува болеста), можете да го убиете или барем да го ослабете неговото дејство. До раниот 20 век следеле голем број откритија во оваа смисла: бактеријата која го предизвикува антраксот, предизвикувачите на дифтеријата, големата кашлица и тетанусот и др., што довело и до развивање вакцини против нив.

Но приказната е далеку од завршена. Моментално двата „свети грала“ на вакцините се онаа за AIDS/сида и универзалната вакцина за грип. Грипот убива 30-40.000 Американци годишно, а како што знаеме и со домашни примери, чести се години кога се регистрираат епидемии. Голем предизвик е и маларијата - организмите кои ја предизвикуваат мутираат и „се кријат“ од вакцината. Секогаш можат да се појават нови патогени, а и постоечките, со оглед на глобалното затоплување, да почнат да се качуваат во северните земји, каде што до сега не биле регистрирани.

Што се однесува до анти-ваксерското движење за кое многумина сметаат дека е релативно нова појава на пружање отпор на воспоставените системски здравствени практики во повеќето земји, Кинч вели дека такво постоело и кога се појавила првата вакцина против ситни сипаници. Лејди Мери Вортли Монтагју, сопругата на британскиот амбасадор во Отоманското царство, прогресивна мислителка за нејзиното време, во 1715 сакала домашниот доктор да изврши „вариолација“ односно да го зарази нејзиниот четиригодишен син, но нејзиниот сопруг бил против тоа. Сепак си го направила она што си го наумила, зад неговиот грб.

Се ширеле и гласини дека од телата на вакцинираните против мала сипаница ќе им пораснеле кравји глави и рогови (затоа што вакцината се правела од вирус на тн. кравји сипаници), а сатиричарите терале мајтап со ваквите верувања (слика горе).

Речиси секоја вакцина која била измислена имала и противници. Некои од нивните стравови биле оправдани, главно заради грешки во лабораториите, што предизвикало инфицирање и смртни случаи. Така, во 1955 биле регистрирани 40.000 случаи на полио во САД, предизвикани од неквалитетни вакцини, при што умреле 10 деца а 40 биле парализирани.

Мотивот за авторот да ја напише книгата, како што вели самиот, му била денешната ситуација, во која станува се поскапо да се развиваат вакцини - со децении се нема измислено нова. Фармацевтските компании како да ги напуштаат вакцините, бидејќи тие не се (веќе) профитабилни. Во една таква ситуација, кога патогените не само што не исчезнуваат туку и мутираат, останува заложбата барем да се заштитиме од она што историски проверено било искоренето, благодарение токму на вакцините.

27 септември 2018 - 15:15