Она што не те убива, те прави поболен

Да, точно е дека денес луѓето живеат повеќе отколку пред 20 години. Само што во тие бонус години не уживаат во своето здравје.

Во последните 2 децении постојано расте просечниот животен век на луѓето. Од 59 е качен на 70 години а жените ги надживуваат мажите просечно за 5 години. Но, истовремено расте и бројот на хронични болести и хендикепи, како што е депресијата, дијабетисот, артритисот, покажуваат факти од преку 300 здравствени институции во светот; вкупно над 100.000 извори на податоци, вклучувајќи истражувања, пописи и болнички записи врз кои се изградени математички модели кои ја расветлуваат здравствената состојба во светот.

Продолжениот животен век значи и дека човештвото старее. Она од што порано редовно се умирало денес не нè убива, но затоа хроничните болести сериозно го реметат квалитетот на животот.

Тоа е глобален феномен а не само појава карактеристична за богатите земји. Хроничните болести кои човек ги тегне со себе во поодмината возраст се во пораст во целиот свет, освен во суб-сахарска Африка каде инфекциите, маларијата и АИДС-от остануваат главни косачи на животи. 

Лидери во здраво стареење се Јапонија и Сингапур чии жители просечно уживаат 70 години без да закачат хронична болест. И Тајван, Швајцарија, Шпанија и Италија во тој поглед не се лоши

15 декември 2012 - 00:23