Hit me baby, one more time!

Незаборавната средба на Хиченс со Железната лејди

Славниот новинар во текот на животот се има скачкано со бројни политичари кои припаѓаат на различни идеолошки, верски и возрасни групи. Но една жена, со цврста десница, го има изненадено најмногу.

Во неговите мемоари, „Хич 22“, кои ги претставивме во Букбокс читанка кога тој почина по долгата болест Кристофер Хиченс раскажува за една необична средба со Тачер, во времето кога била премиерка. Еве како реагирала таа кога некој ќе ѝ се спротивставел. Ако вака им правела на мажите, ич не сакаме да знаеме што им правела на нејзините женски опоненти.

„Сакате да го запознаете новиот лидер?" Кој можеше да одбие? За неколку мига Маргарет Тачер и јас бевме лице в лице. Кога се ракувавме чувствував дека ми го знае името, и дека веројатно го поврзува со социјалистичкиот неделник кој неодамна ја нарече многу секси. Иако симпатично се бореше со овој момент на фина збунка, се чувствував обврзан да започнам некоја контроверзна тeма, и ја избрав oнаа во врска со политиката кон Родезија/Зимбабве. Таа се прими. Бев (како и обично) во право во врска со еден фактички детал, а таа грешеше. Но сепак се носеше со нејзината погрешност со толкава восхитувачка моќност, што на крај и јас попуштив и малку се поклонив за да го акцентирам моето прифаќање. „Не", рече, „Наведни се повеќе!". Со насмевка се наведнав малку повеќе. „Не, не", извика понесено. „Многу повеќе!". Тука веќе мала група на заинтересирани минувачи почнаа да се собираат околу нас. Повторно се наведнав, овој пат малку со зазор. Таа дојде зад мене, ја отфрли маската и ме спука одназад со парламентарен документ кој во меѓувреме го имаше свиткано во цилиндар зад грбот. Се исправив со чудно чувство. Како што си заминуваше, погледна преку рамото и речиси незабележливо мрдајќи со колкот ги изговори зборовите: „Лошо момче!"..

Имав и имам сведоци за ова. На времето сепак и мене не ми се веруваше. Дури од подоцнежна перспектива, гледајќи како таа ги искасапи и ги растури сите поранешни мажи-раководители од нејзината партија и ги замени со послушници, го сфатив пророчкиот поглед - на нешто што во друг контекст некој го нарече „удар на цврста власт - кој ми беше тогаш понуден. Дури и тогаш, додека заминував од забавата, знаев дека сум запознал некој кој е посебен.

Слушнете како Хиченс го чита токму овој дел од книгата, како гостин на едно шоу. 

11 април 2013 - 13:44