Најдобрата публика на Леонард Коен

Во новата книга „Скршена алелуја: рокенрол, покајание и животот на Леонард Коен" од Лиле Либовиц има една луда епизода. Во неа, на почетокот на својата кариера, тогаш речиси непознатиот кантавтор свири за една благородна и софистицирана публика во - психијатриска болница.

Пролетта 1970 главните во Колумбија Рекордс решиле да направат пари од најчудниот музичар во нивното јато. Kaко? Со тоа што ќе го пратат на европска турнеја.

Тогаш 36-годишниот пејач и не бил нешто познат. Неговите два албума постигнале скромен успех, и тоа не било ништо чудно покрај сите тие помлади и поенергични Хендрикси и Морисони, кои ја дрмале тогашната сцена. Иако ризикот за понижување бил јак, Коен сепак ги спакувал куферите и тргнал на пат со бендот кој се нарекол „Армија".

Коен, командантот на таа мала војска, ја предизвикувал локалната полиција секаде кадешто одел. Во Париз натерал илјадници од публиката да го поминат обезбедувањето и да му се придружат на сцена. Во Копенхаген ги повикал да го следат до хотелот. Но и покрај џевата, критиките биле лоши. А и публиката очекувала нешто повеќе од човек со гитарче - тие сакале гуру, некој кој насобраните полуголи луѓе ќе ги поврзе со оностраното, и ќе поттикне на некаква револуција. Пророк, а не рокенрол музичар.

Работата станала јасна на концерт во Франција, кога публиката била толку недисциплинирана што го блокирала патот до местото на одржување на концертот со лефтерно оставени коли на патот. Кога се видело дека нема друго чаре, организаторот (поранешен воен генерал исфрлен од војската заради политички убедувања) од некаде нашол коњи, па целата опрема, сосе самиот Коен ги качил на нив.

Но пристигнувањето на Канаѓанецот на бел коњ директно на сцената не било сфатено како шала, туку како ароганција и чатал. Публиката почнала да го напаѓа, да бара од него да каже нешто за скапите карти и лошата организација, да ја нападне „буржоазијата". Тој смирено, на неговиот квебечки француски им рекол: „Кога другите зборуваат за револуција, тоа е нивна револуција. А сопствениците на револуцијата се како и сите други сопственици - тие сакаат профит". Со еден збор, муабет за „револуција" е фол, фантазија која го затскрива фактот дека постигнувањата на земјата си бараат пот, крв и солзи. И ја запеал „Птица на жица". А потсмевот продолжил.

„Сакам да свирам во психијатриски болници", му рекол Коен на организаторот на турнејата по овој настан. На продуцентов не му било прв пат да добива вакви барања - само две години претходно Џони Кеш сакал да свири во затворот Фолсом. Но намерата на Кеш била да го сними ова како концерт и да издаде албум. Коен имал подлабоки причини: „Кога некој или своеволно или со сила е затворен во психијатриска болница, тоа за него е огромен пораз. Поинаку кажано, изборот за него е веќе направен. Моето чувство е дека елементите на овој избор и на овој пораз се во спрега со некои елементи од моите песни, и дека помеѓу луѓето кои го имале ова искуство и она документирано во моите песни би можело да се развие емпатија."

На 28 август Коен со бендот дошол во болницата Хендерсон, јужно од Лондон. Поголемиот дел од публиката биле млади луѓе. „Вчера зборев со еден доктор", им рекол Коен, „тој ми рече дека сте група тешки лудаци", по што се слушнал тивок аплауз. Почнал да свири, но многу повеќе зборувал - во тек на 80 минути исвирел само 11 песни а остатокот од времето им раскажувал за неговата врска со Маријана, дека You Know Who I Аm била напишана по 300 трипови на есид, за Челси хотел и менувањето партнери и за чувството на неутешна тага. После секоја песна публиката воодушевено аплаудирала.

„Ова е публиката која ја барав. Никогаш не сум се почувствувал толку добро кога сум свирел пред некого", изјавил тој на крајот од концертот.

You know who I am,
You've stared at the sun,
Well I am the one who loves
Changing from nothing to one.

9 април 2014 - 09:13