Цент по цент - 163,582$

На ситно, ко од библиотека

Уште еден бисер од приказните за библиотекари кои успеваат да се збогатат на работното место. Само овој случај вклучува многу трпение и куп ситни монети.

Марго Рид пред неколку дена е осудена за кражба на точно 163,582 долари, пари собирани од изнајмување книги во три јавни библиотеки во Јонкерс, по 10 центи за повеќето книги и по 50 центи за новите, и сето тоа во тек на седумгодишен период.

Таа ќе мине шест месеци во затвор, и пет години на условна слобода, а ќе треба и да ја врати целосната сума која ја украла. Нејзиниот адвокат изјавил дека иако таа претходно не била апсена и судена, била зависна од коцкање - вкучувајќи и лото - што довело до кривичното дело. Од страна на нејзините работодавачи таа била секогаш опишувана како одговорна, и токму затоа, освен контролата над годишните одмори и отсуства на другите вработени, ѝ била доделена задачата да ги собира парите од библиотечните ограноци.

Од 7 јули 2004. до 7 декември 2010. таа постојано ја менувала документацијата и наведувала пониски суми остварен приход пред да ги уплати парите во банка, ставајќи си ја разликата во џеб. Грешка веројатно ѝ било што притоа постојано користела коректор - прилично очигледна измама, особено ако се повторува седум години. Разликата во сумата најчесто било 100 долари по уплата - и тоа немало да биде забележано ако во 2010 библиотеката не вработила нов бизнис менаџер, кој конечно ја сфатил финтата.

Во библиотеката инаку циркулираат околу милион книги и друг материјал, а нејзиниот приход од изнајмувања е околу 400,000$ годишно.

29 јуни 2012 - 10:21