„Мрачни голови“: кога фудбалот се користи за политички цели

Нова книга (ноември 2022) на Лусинао Вернике претставува детална анализа на најекстремните случаи на политичка злоупотреба на фудбалот. Почнувајќи од првото Светско првенство во Уругвај, авторот нè запознава со цела лепеза озлогласени личности кои сметале дека токму фудбалот ќе им помогне во одржувањето на моќта.

Убавата игра има и грда страна - ова фудбалските фанови бргу го учат откако ќе навлезат во финесите на местењето мечеви, насилството и политичката манипулација која е вмешана во високите нивоа на одлучување, на пример за тоа кој ќе биде домаќин на некое од првенствата. Но ова не е само современа ситуација. Како што покажува книгата „Мрачни голови“ на Аргентинецот Лусинао Вернике, професор по спортско новинарство и автор на повеќе од дваесет книги за фудбалот и спортот, вакви примери низ историјата имало многу. 

Еден од нив се однесува токму на татковината на авторот. Светскиот куп во Аргентина од 1978 се одржувал само две години откако земјата доживеала воен удар и била воспоставена диктатура. Само неколку месеци пред официјалниот почеток повеќе од 5000 луѓе биле пријавени за исчезнати. Во озлогласената Висока школа за морнаричко машинство, лоцирана само километар и пол од монументалниот фудбалски стадион, биле затворени „државните непријатели“ - нивните повици за помош наводно можеле да се слушнат и за време на натпреварите.

Поради ваквите нарушувања на човековите права неколку земји, меѓу кои Холандија, јавно повикувале на неучество во настанот. И покрај тоа, сите тимови на крај се појавиле, освен холандската ѕвезда Јохан Кројф, кој ја добил Златната топка на претходниот светски куп. Дури 30 години подоцна тој изјавил дека неговото неучество не било политички мотивирано, туку дека само неколку  месеци пред првенството криминалци влегле во неговата куќа во Барселона и му го киднапирале семејството. Целиот куп бил проследен и со други контроверзи, како судиски одлуки во корист на домаќинот и местење натпревари, со посредство на властите. 

Интерес за користење на фудбалот за популистичко влијание имале и Мусолини и Хитлер. Првиот инвестирал во спортот како начин да си ја зголеми сопствената популарност, што резултирало со реална доминација на Италија во фудбалот. Интересен пример од книгата е дека Италија најверојатно вмешала прсти уште за време на квалификациите за светското првенство од 1934 во Рим, обидувајќи се да го истурка Мексико во корист на САД, и тоа не толку затоа што вториве биле послаб тим туку поради желбата да се воспостават поблиски економски врски со Америка. Во финалето играле Италија и Чешка, а натпреварот завршил со 2:1 со што Италија станала светски првак.

Иако Хитлер немал голем интерес во фудбалот, поглавјето за него е едно од најдолгите. DFB, германската фудбалска федерација, ентузијастично го поддржувала Хитлер и нацизмот. Уште во 1933 сите еврејски играчи, сопственици на клубови, спонзори и новинари биле исклучени. Консензусот бил дека германскиот фудбал треба да помогне во стабилизирање на режимот, и тој не направил ништо за заштита на своите играчи од реперкусиите, притоа служејќи како платформа за промоција на Хитлеровите идеи низ целиот свет. 

Иако релативно кратка (240 стр.), книгата успева низ примери да покаже како власта и моќта се врзувала со популарноста на фудбалот, и по аналогија, како тоа може да го прави и денес. 

19 декември 2022 - 17:53