Listen to the beat!

Монографија за инструментот кој ја демократизираше музиката

Понекогаш ни се случува да налетаме на книга на тема за која никогаш не би помислиле дека би имало интерес да се печати со тврда корица, и во формат попознат како „книга за на маса во чекална". Во случајов се работи за монографија посветена на - ритам машините.

Џо Менсфилд, музички продуцент и основач на хип-хоп етикетата Get On Down поседува збирка од 150 ритам машини, од кои 75 се вклучени во фото-монографијата „Бит Бокс: опсесија со ритам машините".

Како што се вели во освртот кон неа објавен во Атлантик, зборот „опсесија" обично асоцира на некаква болна занесеност со некого или нешто, но во случајов по читањето на книгата почнувате да се прашувате зошто повеќе луѓе не се опседнати со ритам машините, и зошто тие не се митологизирани на истиот начин на кој тоа се случува со, на пример, гитарите.

Монографијата по нашки, или coffee table book, како што се нарекува форматот наменет да ги краси масите по чекалниците (не, не по нашите амбуланти), ја опишува ритам машината на следниов начин: „Електронски музички инструмент наменет да ги имитира звуците на тапаните или други перкусии, а се употребува во различни музички жанрови. Се применува или кога нема тапанар, или кога неговото присуство не се посакува".

Некои од ритам машините, како Roland TR-808 (во клипот) не се произведуваат од 1984, но тоа не значи дека нивниот звук не ги инспирира и денешните музичари. Нивната улога во историјата на музиката е непроценлива - од Блонди, Дона Самер и Рокси Мјузик во седумдесетите на дваесетиот век, преку Принс, Мајкл Џексон и Мадона во осумдесетите, до влијанието врз целокупната хип-хоп сцена. За Крафтверк и Жан Мишел Жар ич муабет да не правиме.

Книгата ќе излезе на 3. декември, а освен фотографии таа содржи и оригинални реклами за различни типови ритам-машини. Една од нив, за првата комерцијално произведена Wurlitzer Side Man, вели дека чувството е „како да држите цел бенд на дланка". Музиката се демократизира бидејќи секој може да ја создава. Или како што се вели во една песна која се припишува на MCA од 1985: „Луѓето свиреа тапани/тоа го правеа за пари и за забава/го правеа за секс и го правеа за слава/сите видови музика но ритамот е ист/сега има нешто наречено ритам машина/не ти треба веќе добар ритам за да звучиш стварно јако".

12 ноември 2013 - 10:52