Кога Курт Вонегат постариот поместил цела зграда (сосе луѓе внатре)

Денес, кога на некоја компанија и треба повеќе простор таа се сели во поголема зграда, ја проширува постоечката или ја руши и гради нова и поголема. Но до сега не сме слушнале некој просто да ја помести онаа во која работат луѓето за да направи место за доградба.

Во 1929 година „Бел телефон компани“ од Индијана дошла во ситуација постоечкото седиште да ѝ е претесно. Еден од најпознатите локални архитекти во тоа време бил Курт Вонегат постариот - татко на славниот писател со истото име. Неговата имагинација која можеби ја наследил синот, само на друго поле, велела: зошто нешто да се руши, кога постоечкиот простор дозволува објектот да се помести и со тоа да се отвори простор за доградба? Поместувањето требало да биде за 90 степени, но притоа не зборуваме за куќичка направена од Лего коцки. Ова било осумкатница направена од челик и цигли, која тежела 11.000 тони.

Сепак, помеѓу 20 октомври и 14 ноември 1930, компанијата навистина успеала во планот да ја помести целата структура. Притоа сите 600 вработени биле во зградата и немало никаков прекин на активностите!

Како што се гледа на ова кратко видео, целата структура е поставена на нешто што изгледа како шини. Поместувањето делува мазно како да станува збор за макета а не за зграда со луѓе внатре. Тие влегувале и излегувале од зградата додека таа се поместувала преку подвижен влез кој се движел заедно со објектот.

Тогаш Курт Вонегат помладиот имал осум години и сето ова сигурно му изгледало многу забавно. Малку требало и тој да стане архитект, со оглед на тоа што и дедо му од таткова страна, Бернард Вонегат, бил дизајнер на „Атенеум“, најстарата сочувана градба во Индијанаполис поврзана со германско-американската заедница, отворена во 1893.