Како едно африканско племе ги користи погрешно свртените броеви за пријателства и бизнис

Во текстот станува збор за номадски сточари од племето Масаи во источна Африка. Од нивната приказна можеби можеме нешто да научиме - да не викаме само „грешка сте“ и напрасно да спуштаме телефон на погрешен број.

Во списанието „Екологија и општество“ неодамна излезе текст со необичен наслов - „Мобилни телефони и погрешни броеви: како агро-пасторалистите од племето Масаи формираат и користат случајни социјални врски во Источна Африка“. Во него се анализира традиционалниот живот на членовите на ова племе, кои живеат во релативно независни, хомогени групи, па оттаму ретко имаат прилика да дојдат во допир со надворешни луѓе. Новата технологија, отвореноста за комуникација и случајните грешки придонесуваат тие да најдат пријатели или бизнис партнери надвор од своето тесно опкружување.

Во Кенија и Танзанија живеат околу 2 милиони Масаи, а тимот зад истражувањето интервјуирал стотици од нив. Погрешно свртените броеви во групите Масаи се повообичаени поради ниското ниво на писменост, односно фактот што на луѓето не им се секогаш познати бројките и буквите отпечатени на копчињата. Исто така повеќето од нив немаат пристап до струја, телефонските батерии брзо им се празнат па луѓето позајмуваат туѓи телефони и ги внесуваат броевите рачно. Оттаму и грешките, кои ги поврзуваат со луѓе од цела Танзанија и делови од Кенија.

И обратно, кога им ѕвони некој непознат број, Масаите се радуваат, затоа што тоа за нив е прилика за муабет со непознат човек, особено ако тој зборува „маа“ - јазикот на Масаите. Тогаш тие започнуваат да се испрашуваат за тоа на која возраст се, на кој клан му припаѓаат, а потоа може да следат разговори за времето или за стоката.

Но на овој начин се поврзуваат и повикувачи од различни етнички групи. Повеќето Масаи зборуваат и свахили, националниот јазик на Танзанија. Тогаш разговорите најчесто се за бизнис активности. Понекогаш некоја од страните го регистрира бројот и повторно го употребува, од што се развива еден вид случајно пријателство.

Според статистиката на истражувањето, од околу 300 мажи Масаи, 46% имале едно вакво познанство. Жените не формирале вакви пријателства бидејќи мажите се најчесто тие кои поседуваат телефон, а го ограничуваат или го следат пристапот на жените до мобилните.

Секако, не е само желбата за муабет клучен елемент во одговарањето или примањето на повици од погрешен број. Социјалните мрежи се од критично значење за овие луѓе, кои во отсуство на социјална сигурност обезбедена од државни и други институции се потпираат на други луѓе. Далечните контакти можат да бидат вредни и за идни патувања, со оглед на тоа што како сточари тие пренесуваат стада на далечини па од големо значење им е да знаат како стојат работите на некоја локација, какво е времето и состојбата на пасиштата.

Самата информација е од вредност и може да води до материјали, пазари и пари. Еден од Масаите опишал како, во тек на тешка суша, можел да го придвижи стадото на земјиште во друго село. Ова било незаконско, но случаен пријател во тоа село се преправал дека животните се негови, и така тие преживеале.

Друг изјавил дека вакво познанство му помогнало да дојде до ретко лековито растение. Овој Масаи сега го сади истото и постојано го испраќа на купувач во Дар ес Салам, најголемиот град во земјата.

Секако, има и друга, помрачна страна на оваа навика. Опортунисти или измамници можат да искористат погрешни броеви како оправдување да измамат за пари, да даваат лажни ветувања, но и на овој начин да пронајдат љубов. Може да се случи оној од другата страна да излаже за состојбата во својот регион, само за Масаите да не дојдат. Младите невести ги користат мобилните за вонбрачни активности, нов метод - замена на стара практика на полигамни бракови, користен и од мажите и од жените. Овој пример, со сите свои добри и лоши страни сепак ја покажува вродената потреба на луѓето да се поврзат. Па дури и по грешка.

29 јуни 2021 - 17:17