Јозеф Пилатес: човекот кој во затвор го измислил познатиот метод на вежбање

Има луѓе на кои наметната изолација им доаѓа одлично - им дава време и енергија да смислат нешто корисно и добро. Ако никогаш не сте вежбале пилатес, сега му е мајката. Во чест на човекот кој со години им го спасувал животот на луѓето кои биле со него во затвор, со тоа што им ги одржувал и телата, и умот.

На 12 септември 1915 еден британски брод испловил од западниот брег на Англија. Пловидбата била кратка. По неколку часа тој се закотвил на островот Ман во Ирското море, помеѓу Британија и Ирска. Патниците на бродот - затвореници - биле имигранти од Европа, кои согласно законот за ограничување на влез на странци од 2014 можеле да бидат задржани врз основа на сомневање за шпионажа, особено ако доаѓале од Германија или имале германско презиме. Од пристаништето со воз биле однесени во средиштето на островот, во затвореничкиот камп Нокалој.

Тука до крајот на таа 1915 биле затворени околу 24,000 луѓе. Помеѓу нив и затвореникот со број 14001, Ј. Пилатус, кој се истакнувал со својата фигура - широки плеќи и чекор на искусен атлет. Неговото вистинско име било Јозеф Пилатес, а затворот за него парадоксално нудел голема можност - среде војната која беснеела низ Европа, тој на раат да го развие анатомскиот метод за тренирање на телото, за кој долго време размислувал. Метод кој би ги комбинирал научните придобивки од тоа време, безгрижното движење на децата, јогата и акробатските вештини на мачките.

Пилатес секако имал претходно искуство со спортот. Во Британија дошол од Германија, а живеел од боксерски натпревари и од својата ноќна работа во циркус. Таму изведувал точки меѓу кои „Пози и предизвици на силата“ и „Гладијатор атлет“, иако понекогаш позирал и како неподвижна статуа. Неговиот интерес за анатомијата и вежбањето се развил уште во млади години, кога се обидувал да се извлече од последиците на ревматска треска и други заболувања кои ги имал како дете. Особено му се допаѓало да ги набљудува животните и нивните движења - мачките кои ловат плен, птиците кои со својот лет исцртуваат „шеми“ во воздухот. По истот принцип сакал да навлезе во телесната „поетичност“ на човечките движења.

Затворот му го овозможил ова, обезбедувајќи му доволно човечки материјал во форма на мажи, главно млади, со различна телесна кондиција. Со импровизирани средства за вежбање, тој организирал тренинг кој го нарекол „контрологија“. Според оваа идеја, човечкото тело и ум се меѓусебно поврзани во систем, но таа врска може да се загуби. Оттаму, телото мора да научи нов јазик на движења, рефлекси и истeгнувања. Со текот на времето тоа почнува да „зборува“ подобро на овој нов јазик, следејќи природен ритам и внатрешно чувство, како што тоа го прават и домашните и дивите животни.

Ваквите тренинзи Пилатес ги правел во тек на четири во принцип ужасни години на изолација во Нокалој, со луѓе чија единствена утеха во текот на денот било колективното дружење низ вежбање. Ова им го челичело телото, но им овозможило и да го сочуваат здравиот разум.

По завршувањето на Првата светска војна, Пилатес се вратил во Германија и соработувал со ескперти по танц и спорт за да го развие својот метод. Емигрирал за САД околу 1925. Со својата сопруга Клара, со која се сретнал на бродот, основале студио во Њујорк, подучувајќи го методот кој и денес го познаваме како - пилатес. Кај нив почнале да доаѓаат и славни танчари, меѓу кои балерината Романа Кружановска, која подоцна станала и директор на студиото.

Јозеф Пилатес напишал и неколку книги, меѓу кои „Враќање кон животот преку контрологија и здравје“. Бил и плоден пронаѓач, со над 26 патенти. Починал во 1967 во Њујорк, на возраст од 83 години. Се уште бил во одлична форма

24 март 2020 - 10:58