Иронијата со која го користиме зборот „иронија“

Пред 25 години излезе албумот Jagged Little Pill на Аланис Морисет, на кој се најде песна која и до денес е нејзин најголем хит. „Ајроник“ наводно зборуваше за иронични ситуации. Ама, иронично, можеби и не.

„Ајроник“ на Аланис Морисет содржи пет строфи без повторувањата, и единаесет специфични примери на иронија. На пример, од рефренот:

„Тоа е како дожд на твојата свадба
бесплатно возење кога веќе си платил
добар совет кој не можеш да го послушаш“

Во моментот кога песната излезе како четврт сингл од албумот Jagged Litle Pill, во февруари 1996, и стана голем хит, почнаа да се јавуваат јазичари, филозофи и зналци од секаков вид, кои посочија на фактот дека примерите не одговараат на речничката дефиниција на „ситуациска иронија“. Вашингтон пост отиде дури до таму што ги оцени како „неконтролирана злоупотреба на иронијата“.

Иако дефинициите може да се разликуваат, повеќето речници ја опишуваат ситуациската иронија како јаз помеѓу очекувањата и резултатите. Оксфордскиот речник на англискиот оди чекор понатаму, сугерирајќи дека резултатот е „сурово, хумористично или необично спротивен со претпоставките или очекувањата“. Во дигиталниот речник на македонскиот јазик под иронија се подразбира само вербалната, и се дефинира како „прикриено исмејување при што се зборува спротивно од она што се мисли“, што сепак содржи јаз помеѓу манифестираното и реалното.

Етимологијата на „иронија“ доаѓа од старогрчкото eironeia, симулирано незнаење. Ирон бил еден од главните ликови во старогрчката комедија, која успевал да го победи својот опонент со тоа што се прикажувал како поглупав и понеспособен од што навистина бил. Реторичкиот метод на симулираното незнаење се појавува и во маеутиката на Сократ (методот со кој тој ги поттикнувал учениците и соговорниците самите да изведуваат заклучоци).

Назад кон Морисет, таа самата на времето призна дека примерите кои ги навела можеби и не се најсоодветни, и во 2015 се појави на „Лејт шоу“ изведувајќи променета верзија, со помош на водителот Џејмс Корден. Помеѓу новите иронии се најдоа купување ајфон ден пред да излезе новиот модел, но и „пеењето Ајроник во која нема иронии“.

Во нова книга на Роџер Круц (МИТ ПРЕС, 2020), тој наведува неколку основни елементи на ситуациската иронија.

1. Неврамнотеженост: отсуство на конзистентност или спротивставеност на два меѓусебно поврзани елемента

пример: осиромашен банкар

2. Губиток: самопредизвикани или надворешно наметнати негативни последици

Колега кој исмева друг затоа што е неспретен, а потоа се сопнува и паѓа

3. Победи: неочекувани позитивни исходи

Кога некој сосема неочекувано победува на натпревар

4. Двојни исходи: кога некој искусува два поврзани губитоци или победа и губиток.

Познат маратонец кој умира додека џогира

5. Драматичност: набљудувач знае нешто за што другата страна се уште не е свесна

Доктор кој знае фатална дијагноза која пациентот не ја дознал

6. „Квака 22“: губиток кој не може да се спречи

Кога под голем притисок некој постигнува полоши резултати токму затоа што премногу се труди.

7. Коинциденција: дејства или настани кои се совпаѓаат, но кои не се причинско-последично поврзани

Кога помислуваме на пријател од детство кого не сме го виделе со години, и тој одеднаш се појавува.

Во изведени експерименти на рангирање на вакви и слични иронии, учесниците како највисоко иронични ги издвоиле драматичниот тип и оној со двоен исход. Ова се толкува како влијание на стереотипните примери кои се наведуваат како иронични, како на пример оној (драматичниот) со Ромео кој се убива крај телото на Јулија за која само мисли дека е мртва.

Дека навистина постојат многу дефиниции и сфаќања на иронијата покажува и сајтот Ис ит ајроник  кој претставува ресурс за примери од книжевноста, но и од личните искуства на читателите и од онлајн примерите. Сајтот дури има и модел-банер „Кампања за вистинска иронија“ која може секој да ја стави на својот сајт или профил, и со тоа да сигнализира дека го знае вистинското значење.

Авторот на спомнатата книга, Роџер Круц, сепак ја брани Аланис Морисет и нејзините стихови. Ако животот ти дава 10.000 лажици кога се што ти треба е нож (стих број 5 од песната), тогаш може да се зборува за посебен тип иронија - космичка.

Види претходно: Букбокс читанка за „Проблемот на иронијата“ од Џонатан Лир

10 март 2020 - 09:18