Инфлацијата не е само економски феномен

Намалувањето на вредноста на одредена валута е метод на поттикнување револуционерна промена. Вака зборувал Ленин, и иако денес не е баш модерно да се цитираат мислители од нашето марксистичко минато, па уште и Руси, она што тој го тврдел - дека инфлацијата има големо општествено а не само економско влијание - денес е појасно отколку кога и да е на глобално ниво.

Теодор Дарлимпл е затворски лекар и психијатар, чии книги, како „Живот на дното: светогледот кој ја формира најниската класа“ и „Нашата култура, она што е останато од неа“, се морничав опис на начинот на којшто општеството (во случајот главно британското, и главно либерално-прогресивното) се справува со криминалците и ментално болните, минимизирајќи ја одговорноста на тие поединци за сопствените дејства. Со тоа според него, особено во побогатите држави, се формира ниска класа во чии редови владее постојано насилство, зависност од социјална помош и злоупотреба на дроги. 

Негов нов текст се однесува на една тема која навидум не е поврзана со неговата специјалност - инфлацијата. Иако можеме да замислиме дека таа, доколку е екстремна, може да има психолошки последици по поединците и колективот, Дарлимпл тврди дека дури и помалку катастрофални нивоа на обезвреднување на парите имаат длабоки и - како што тој вели - карактеролошки последици. 

Најпрвин, инфлацијата ја уништува идејата за ДОВОЛНО, бидејќи никој нема доверба дека приходот кој во сегашноста е адекватен нема да стане недоволен во блиска иднина. Не секој посакува да биде екстремно богат, но повеќето луѓе сакаат да не бидат сиромашни, особено на старост. За жал, кога има инфлација, единствен начин човек да се осигура дека нема да биде сиромашен во поодмината возраст е или да има гарантирана пензија (што исто така може да биде подложно на манипулација од страна на властите под притисок на економски околности, делумно предизвикани од самото постоење на такви пензии), или да стане многу побогат отколку што некој имал намера да биде. 

Ова резултира со чувство дека парите веднаш (сега или никогаш) треба да се претворат во нешто со трајна вредност, што значи придружено со анксиозност дека моментот тоа да се стори може лесно да помине. Со концептот на „доволно“ исчезнуваат и оние на скромноста и понизноста. Тие се заменети или со триумфалност (од оние помалубројните кои успеваат да ја надмудрат инфлацијата) или со длабоко чувство на неуспех. Скромниот човек станува не некој кој треба да биде пофален за оваа своја карактеристика, туку некој кој е неодговорен за својата и за иднината на своите блиски, и некој кој во таа иднина најверојатно ќе биде на товар или на системот или на семејството. Живиот песок на инфлацијата ги голта човечките доблести, а традиционалната разборитост се претвора во неразборитост или наивност. 

Во спомнатиот текст Дарлимпл ги анализира различните видови инфлација и нивното соодветно психолошко влијание. Генерално, неспособноста на луѓето на ниските општествени скалила да заработат доволно за да се еманципираат од помошта на државата прави тие да се инфантилизираат, да бидат како дете што секој месец очекува џепарлак од своите родители. Со оглед на поттикнувањето на потрошувачката кое не ги заобиколува дури и оние кои немаат, исчезнува идејата дека долгот треба да се одбегнува, дека е недостоинствено да се живее целосно на кредит и срамно тој да не се враќа. Едноставно, ако немаш ништо на свое име, тогаш и извршителите немаат што да ти земат. 

Во моментов на глобално ниво според Дарлимпл влегуваме во потрадиционална фаза на инфлацијата, која никој не знае колку ќе трае или колку ќе биде сериозна. Но самата неизвесност создава анксиозност дури и кај оние кои нема потреба да стравуваат од неа. 

10 август 2022 - 09:33