Храброста на Оливија де Хавиленд да му се спротивстави на Холивуд

Легендата на „Однесено со виорот“, која почина неодамна на 104 години, не беше само убаво лице во филмовите од „златното холивудско доба“ од 1930-тите и 1940-тите. Нејзиното влијание врз историјата не е запишано само на целулоид, туку и во законите на Калифорнија.

Де Хавиленд, која почина во неделата, 26.7, на 104 години, беше една од последните живи легенди на златното доба на Холивуд. Добитничка на два Оскара за главна женска улога, таа знаеше да игра и нежни, „прозрачни“ женски ликови но и такви кои во критични моменти успеваат да покажат отпор и издржливост. Нејзината најпозната улога беше онаа од „Однесено од виорот“ од 1939, комерцијално најуспешниот филм на сите времиња, кој како што пишувавме, неодамна најпрвин беше тргнат а потоа вратен на сервисот ХБО поради наводното глорифицирање на ропството.

Па сепак има и еден аспект од нејзиниот живот кој покажува дека бунтовништвото не било само карактеристика на ликовите кои ги толкувала, туку и на нејзиниот личен светоглед. Во 1943 таа прави ризичен чекор, поднесувајќи тужба против нејзините шефови во Ворнер Брос. Чекор кој ќе го разниша дотогашниот сервилен однос на актерите кон големите студија, и ќе помогне во трасирање на патот кон модерно доба на филмски ѕвезди како независни мини-могули, кои имаат контрола над сопствените уметнички и финансиски судбини.

Кога де Хавиленд го потпишала нејзиниот прв стандарден седумгодишен договор со Ворнер во 1936, таа се уште била малолетна и договорот требало да биде потврден од судот. Родена во Токио од родители Британци, таа пораснала главно во Северна Калифорнија, а била откриена од австрискиот режисер Макс Рајнхард, кој ја ангажирал во својата продукција на „Сонот на летната ноќ“ од 1935. Како што се развивала од талентирана млада актерка во ѕвезда, таа (некако логично) станала и попребирлива во однос на улогите кои ѝ биле нудени. Но секој пат кога ќе одбиела улога, шефот на продукција на студиото, Џек Л. Ворнер (кого таа го нарекувала „Џек затворскиот чувар“), ја суспендирал, односно ја ставал на неплатено отсуство, и ова не го сметал како дел од седумгодишниот договор. Слични „казни“ тој им изрекувал и на други талентирани но бунтовни ѕвезди, како Бет Дејвис или Џејмс Кегни. Но само де Хавиленд одлучила да преземе нешто во врска со ова.

Во 1943 нејзиниот договор веќе требало да биде истечен, но таа имала акумулирано шест дополнителни месеци заради суспензиите. По совет на Мартин Генг, познат холивудски адвокат кој подоцна ги бранел жртвите од „Црната холивудска листа“, де Хавиленд поднела тужба согласно тогаш опскурен државен закон кој забранувал работодавците да ги присилуваат оние кои имаат потпишано договор за услуги со нив тоа да го прават за период подолг од седум години.

Студиото збеснало - „Ние ја направивме славна, овозможивме да заработува 125,000 долари од филм, а сега таа ни враќа на овој начин“, била реакцијата на спомнатиот Ворнер, кој во јавноста се обидел да ја претстави актерката како „разгалена ѕвезда“.

Но за среќа тоа не му успеало. Де Хавиленд го добила случајот, а и апелациониот суд потврдил дека „седум години“ се седум календарски години и дека овој период не може да биде предмет на толкувања. Ворнер возвратил со тоа што ја ставил на црна листа на актерки со кои не треба да соработува ниту едно друго студио, и го донел случајот до врховниот суд на Калифорнија, кој одбил да ја промени одлуката на пониските судови.

Ова сепак не влијаело негативно на кариерата на Хавиленд. По две години без работа таа е ангажирана од страна на Парамаунт и 20 сенчри фокс, што ќе ѝ донесе два Оскара. До 1988 продолжила да се појавува и на филм и на телевизија, каде ја играла својата последна улога, во „Жената којашто тој ја сакаше“, филм за абдикацијата на кралот Едвард Осми.

До крајот на животот таа останала горда на нејзината улога, како заштитник на правата на актерите. Современите, според неа, се многу побогати од оние од „златното доба“. А тоа е делумно благодарејќи на нејзината тужба во таа далечна 1943.

извор