Готвење, лотарија и реални шоу програми: телевизијата во време на нацизмот

Службената историја вели дека јавното емитирање на ТВ програмата започнало во средината на триесетите на минатиот век, некако истовремено во Велика Британија и Германија, а потоа и во СССР и САД. Но тоа не е баш најточна одредница - по експерименталното пуштање на сингалот во 1934, првиот јавен ТВ сервис започнал со работа во март 1935 во Германија. Претседател на владата тогаш бил - Хитлер.

1935 е годината кога во Германија се случило опожарувањето на Рајхстагот, укинат е повеќепартискиот систем, Евреите дошле под удар на расните закони, а првите политички противници веќе ја почувствувале „магијата“ на системот. Неодамна откриени снимки од раните ТВ програми од нацистичка Германија даваат важен увид во првите денови на масовните медиуми и ја кристализираат природата на влијанието на телевизиските слики врз јавноста. 

Според текст на Драган Амброзиќ во белградско „Време“ (тука - со претплата), најинтересен материјал од тоа време, пронајден во средина на 1990-тите, се 280 ролни во канистери, кои се всушност оставштина од првата вистинска ТВ мрежа на светот, онаа на нацистичка Германија. Таа емитувала секојдневна програма од берлинското студио „Нипков“ од 1935-1944 (Пол Готлиб Нипков бил германски изумител и еден од оние кои ги втемелиле принципите врз кои се заснова емитувањето на телевизиската слика).

И покрај тоа што во таа, 1935 година, кога прв пат е емитуван ТВ сигнал од спомнатото студио, била катастрофална за мнозинството Германци, или токму поради тоа, државната власт ги сметала новите технологии за одлична алатка за на народните маси да им ја објасни партиската линија. Правилно расудувајќи дека не е доволно само да се освои разумот, туку и срцата, таа се обидувала да остави макар и привид на заводливост, низ различни производи на тогашната популарна култура, која не била многу различна од денешната.

Најподатниот настан кој спојувал спорт, забава и политика биле Олимписките игри од 1936. Тие биле отскочна штица за лансирање на телевизијата на најголемата можна врата. Се проценува дека дури 160.000 луѓе гледале ТВ преноси од спортските терени, главно во посебно уредени простори за јавно следење во градот, тн. Фернзештубен.

Телевизискиот сигнал тогаш се проширил од Берлин сè до Потсдам и Лајпциг, па и покрај не секогаш квалитетната слика (последица на употреба на три различни системи, како и несовршеноста на тогашната опрема на Телефункен), телевизијата ги вовлекувала луѓето во жива драма макар и како визуелизирано радио. Еден тогашен гледач изјавил дека преносот од поло натпревар бил одличен, иако коњите биле само црни точки, но затоа возбудата била присутна во текот на целиот меч.

Собите за гледање биле организирани од поштенската служба, а таму можеле да се соберат 20-40 гледачи и да ја следат програмата на два апарата, чија величина на почетокот изнесувала само 18х22 сантиметри. Првата таква соба е отворена на 9 април 1935 во Музејот на поштата, но наскоро бројот на просториите се зголемил, како и нивната опрема. Подоцна тие можеле да соберат до 300 луѓе а димензијата на екраните била 3х4 метри. Во текот на долгиот олимписки август 1936, вакви локации во Берлин имало 27. Се проценува дека вкупниот број ТВ приемници тогаш изнесувал само 75, од кои ретки биле во приватна сопственост. Но до почетокот на војната во 1939 бројот на телевизорите достигнал 500, а од 1941-1943 оваа бројка десеткратно пораснала. 

По успехот со директните преноси од спортски и политички настани, ТВ станицата „Нипков“ излегла со амбициозна студиска програма. Најголем дел од ова немало никаква врска со пропаганда, или барем не апла. Сочуваната програмска шема содржи реално шоу за животот на едно типично германско семејство („Вечер со Ханс и Гели“), готвачка програма за домаќинки, извлекување лотарија, репортажи од отворање на стопански објекти, разголени пејачки, стенд ап комедија, првиот slow motion пренос на бокс меч, дури и емисија за земјоделци со приказ на среќниот живот на свињите на една фарма. Јазикот и програмирањето на телевизијата, значи, биле сосема исти како и денес, на која било комерцијална телевизија на светот, па и во јавниот сервис. Музиката била само забава, како впрочем и сето останато. 

Набргу од ова учеле и останатите, па Би-би-си со мало задоцнување открила слична формула, а за советската телевизија и нејзината редовна програма за жал нема доволно податоци, освен тоа дека уште во првата година на емитирањето (1938) тие веќе го произвеле првиот ТВ филм и директно од Ленинград пренесувале судење на предавниците (Сталиновите чистки веќе биле во тек). САД во тоа време уште каскале, поради типичното отсуство на државна помош во оваа сфера, и дури после војната ќе ги развијат своите комерцијални ТВ империи. Но, останува фактот дека Германија, и тоа онаа нацистичката, предничела во осмислувањето и примената на телевизијата како медиум и технологија. 

За сето ова зборува документарец продуциран од Шпигел, под наслов „Телевизија под свастиката“. 

20 февруари 2023 - 09:09