Помалку е најмногу

Ептен минималистички филмски постери

Кога е во прашање минимализмот, работата е колку далеку може да се оди, а пораката сепак да биде пренесена. После овие постери не знаеме што би можело да биде кажано повеќе. Пардон, помалку.

Еднаш веќе објавивме вакви филмски постери под наслов „Екстремен минимализам". Ама и „екстремното" очигледно е работа не редефинирање, затоа што овие новиве ја поместуваат границата која некој ќе треба да ја пробие при следниот обид.

Целта на добриот филмски плакат е пред сè маркетиншка, па оттаму квалитетот на нивниот дизајн понекогаш страда во име на таа, повисока цел. Ослободени од товарот некому нешто да продаваат, луѓето од Designboom создале серија минијатурни постери во соработка со шпанската дизајнерска фирма Атипо. За да сфатите што е што мора да сте го гледале филмот или барем некој да ви го раскажувал. Но некои се толку општи места, што веднаш го постигнуваат ефектот на „аха“.

„Овие постери не се дизајнирани за да го опишат филмот", велат дизајнерите, „туку се дел од промотивна кампања каде парчето хартија е главниот јунак". Всушност целта е да се нагласат квалитетите на различните видови хартија, со тоа што преку нив ќе се доловат централните метафори на познати филмови.

Решенијата се едноставно генијални - убави се, јасни и непретенциозни. „Пред дождот" со смачкана мува врз хартијата? „Буре барут" само со пепел од изгорената (црвена) хартија? Ете, лесно е. Само треба да ти текне.

Во видеото подолу е прикажан процесот на дизајнирање и изработка на постерите, како и дополнителни примери, а тој е исто толку „чист" и зен колку и тие.

 

 

 

 

 

 

 

 

10 јуни 2014 - 08:30