Дејтинг „апликациите“ со кои Англичанките си наоѓале партнер во 19 век

Во Викторијанска Англија немало смарт телефони, но имало огласи за барање партнери во семејните списанија. Ги објавувале и мажи и жени, често со наведување на интимни детали за нивниот табиет и финансиска положба. 

На почетокот од викторијанското доба, во 1837, браковите склучени со преговарање помеѓу родителите на сопружниците не биле веќе доминантен начин за некој да се омажи односно ожени. Наместо тоа, тогашните прирачници со совети промовирале бракови базирани на љубов и меѓусебна привлечност. Слободата на избор на партнер истовремено било олеснување, но и бреме за младите. Популарната култура предупредувала дека лоша одлука во оваа смисла може да уништи нечиј живот. А немало гаранција дека ќе наидете на добар потенцијален партнер во црква или во локалниот паб.

Брачните огласи делувале како ефикасен начин да се најде сродна душа, и во смисла на табиет и во смисла на економска компатибилност. Огласите најпрвин се појавиле во рубриките за писма на семејните списанија, како London Journal, во кои луѓето кои биле нови во градот барале совети за тоа како да се снајдат во новата средина. Почнувајќи од 1850, тие почнале да вклучуваат писма од читатели кои барале партнери. Нивната популарност нагло пораснала, а за тоа зборува фактот дека кога некој уредник по неколку години се обидел да ги отстрани, неговото списание забележало ненадеен пад во продажбата, и тој бил принуден да даде отказ.

Огласи праќале и мажи и жени, често со искрени финансиски и лични детали. Така, извесна Поли Х. пишува дека „не смета дека е многу убава, но затоа заработува 300 фунти годишно“ и верува дека ќе најде „разумен маж со добар карактер кој сака да се смее и да се забавува“. 

Но не сите се согласувале дека ова е добра идеја. Имало списанија кои се колнеле дека никогаш нема да дозволат објавување вакви огласи, кои според нив отворале можност за злоупотреба на жените, но и промоција на оние „слободните“ помеѓу нив. Најчесто се саморекламирале оние од средната класа, но при крајот на 19 век имало и такви кои се однесувале на членови на високата класа во специјализирани списанија само за овој тип огласување - Матримонијал Њуз и Матримонијал Пост. И тука свои огласи објавувале и мажите и жените, па она што најпрвин изгледало како дрска форма на самопромовирање како потенцијален сопруг или сопруга (особено второво) станало најава за новиот век, кога жените почнале да се појавуваат како еднакви партнери во предбрачните „преговарања“. 

извор

8 ноември 2021 - 15:28