Букбокс на саемот на книга

„Замалек“ од Дејан Тиаго Станковиќ

Утре (сабота, 11.9) во 19 часот на Саемот на книгата ќе се одржи промоција и средба со овогодишниот добитник на Европската награда за книжевност, Дејан Тиаго Станковиќ. Ова е трет превод на негово дело на македонски, мистериозно и топло, како и земјата за којашто зборува. 

Ако го изгуглате зборот „Замалек“ еден од резултатите е линк од сајтот Трип Адвајзер. „Островот е лоциран на реката Нил, помеѓу центарот на Каиро и Гиза, и се карактеризира со хотели од висока класа, ресторани и пријатни градини“.

Веднаш под овој линк, под често поставуваните прашања стои:

„Дали Замалек е безбеден?“

Можеби звучи необично зошто за кварт кој е опишан како престижен би се поставувало едно вакво прашање. Но станува збор за Каиро, шестиот најголем град на оваа сина џамлија што ја викаме планета Земја, во кој луѓе има многу - над 20 милиони. Некои од нив имаат к’смет да живеат под ведро небо, бедни но среќни, а други да бидат сопственици на елитни старинарници, богати, а проколнати. Ништо не е како што некој сака или се надева, туку како што мора да биде. 

„Каиро е касапници со муви, ќебап во масни лепињи, организирана мрежа просјаци на тротоарот. Центарот на Каиро е обид за Париз во Африка, но Каиро има и стара чаршија, исламска и коптска, и пазари, илјада џамии, медреси, цркви и универзитет... Каиро има и мостови преку Нил и хотели облакодери долж брегот. Каиро се и пренаселените лавиринти со станбени населби, криви и тесни сокачиња, колиби и смрдливи локви на бедните маала и страв од зараза.“

Во културолошки „егзотичната“ средина за која многу сме слушале, а во суштина малку знаеме, Станковиќ ја внесува Арна, која кога прв пат стапнува во Египет во 1972 има 34 години, маж на службен престој во Каиро, две деца и диплома од историја на уметност. Она што повеќето од нас би го нарекле случајност, а Еѓипјаните судбина, прави таа да налета на антикварот Коста, со потекло од Југославија. Неговата продавница Ел Замалек мириса на сандаловина, тој, како излезен од сцена во Индијана Џонс, среде прашината и ѓубрето е секогаш дотеран во бело, на дамите им се обраќа на француски, а неговите зелени очи го пробиваат оклопот и на најтврдиот орев од купувач. Во Каиро е повеќе од 30 години, од светската војна, длабоко втопен во високите кругови на египетското општество, чии ѕидови ги красат негови фотографии со кралеви и претседатели, а мебелот e во специфичната боја на големата кашеста река - Eau du Nil.

„Потоа размислував во кој миг се случи таа хемиска реакција, можеби токму тогаш, но јас тој ден, од првиот момент кога го запознав бев фасцинирана од тој стар лажго, и тоа толку искрено што не можеше да се сокрие, а тој тоа го чувствуваше, и се топеше, па уште повеќе се обидуваше да ме шармира.“

Тешко е да се одреди кој е всушност главниот лик во оваа книга. Нештата се раскажани од гледна точка на Арна, но таа и не би имала што да раскаже да не е Коста, кој станува нејзин главен мотив за престојот, кој најпрвин треба да трае само четири, а потоа се одолговлекува на многу повеќе години. Страничните ликови кои се разгрануваат на повеќе страни од стеблото на нивната професионална соработка и пријателство се оние кои го обезбедуваат контекстот но и динамиката на односи, помеѓу просјаците и рентиерите, верниците и грешниците, египетските мажи и нивните жени, домашните и туѓинците.

Низ нивните приказни дознаваме за некои од клучните концепти на оваа култура: иншала и арам, хифад и зебиба, фараони и мумии. Одзумирани, тие пак се одвиваат врз позадината на едно место коешто е истовремено многу материјално и реално во својата врева и смрдеа, но од друга страна е митско и недофатливо во сето она што се случува помеѓу редовите на таа реалност. Сè - и маслена ламба, и парче бедуински накит, и човечка биографија - се сведуваат на приказна. Работата е како таа ќе биде раскажана.

„Прво тоа те чуди, после се навикнуваш, како што се навикнуваш и на ситниот песок меѓу забите, и на прашината во очи, и на сонцето што пржи.“

Ова е трет мој превод на книга на Станковиќ, по збирката раскази „Од каде што бев веќе не сум“ и романот „Есторил“, издание на Арс Ламина. Тој не пишува за нешта кои не ги знае, а и кога е така, тоа не го крие. Книгата е делумно пишувана во Каиро, инспирирана и од реални ликови. Но загатката на оваа далечна култура е голема дури и за домашните, а уште подива за оние од западот кои ѝ пристапуваат нахално и без должната почит. Португалецот од Белград Дејан е преголем космoполит за тоа да си го дозволи. А јас, како и Арна со Коста, изгледа ќе продолжам да ги преведувам неговите книги, замаена од неговото раскажување. Му фали уште бело одело. А мене скапоцен скарабеј.

Илина, Букбокс

Претходно од и за Дејан: Букбокс читанка за „Есторил“
„Мајка да јаде“
„Повторувањето нe е мајка на Северна Македонија“

10 септември 2021 - 09:09