Ако си ја мразите работата, ѕирнете ги овие книги

Сте работеле како пештерски човек во тематски парк? Сте пишувале флаерче со совети за самопомош кое е дел од пакет крекери? Овие, и уште куп работни места кои не може да се каже дека го исполнуваат човечкиот дух со ентузијазам и чувство за мисија, може да бидат антидот на нашата разочараност од сопствените aргатувања.

Има една антологиска сцена во „Американска убавина“ во која Кевин Спејси, кој до тогаш е извршен директор на успешно списание, сака да се вработи во локалната продавница за брза храна. „Барам работа со најмал можен степен на одговорност“, му вели тој на избезумениот работодавач, кому му се чини дека тоа е некаква местенка. 

Неколку книги опишуваат работни места кои се многу полоши од наведените. Иако главно се работи за фикции, не е тешко човек да го препознае системот којшто ги генерира, или да се замисли дека некогаш би можел да се најде во ситуација да мора да ги работи. Еве неколку од нив:

„Микроробови“ од Даглас Купланд

Романот се одвива на кампус на Мајкрософт, каде владее феудална работна култура: вработените се практично закрепостени селани надгледувани од Бил Гејтс. Ова беше еден од првите романи кои ја предвидоа дистописката култура во технолошката индустрија (oбјавен е во 1995), која денес е речиси норма. Во една сцена вработен турка „сплескана храна“ (на пример парчиња тенко сечен кашкавал) под вратата на канцеларија на друг вработен, за да му овозможи да јаде додека работи.

„Превез“ од Сири Хуствед

Ајрис Веган е студентка која работи како асистент-истражувач за постар, осамен човек по име Господин Утро (Мистер Морнинг). Таа има задача да каталогизира серија предмети кои припаѓале на девојка која починала пред три години (и како што излегува подоцна, била убиена). Ајрис мора да го извади од кутија секој предмет, да го проучи, да го мирисне, да се обиде да го разбере, а потоа да го сними описот и својата реакција. 

„Госпоѓица Осаменисрца“ од Натанаел Вест

Во Њујорк во текот на Големата депресија неименуван машки наратор одговара на писма поврзани со негова колумна со совети, која ја пишува под псевдонимот „Госпоѓица Осаменисрца“. Со текот на времето работата му преседнува, њујорчаните и нивните „проблеми“ му изгледаат блазирано, но тој сепак мора да продолжи бидејќи му треба вработувањето. Книгата е опишана како сатира на современата егзистенцијална состојба на западниот човек.

„Пасторалија“ од Џорџ Сондерс

Станува збор за првиот расказ од оваа збирка, за вработени во тематски парк на отворено, кои треба да глумат пештерски луѓе во диорама. За да бидат убедливи тие мора да се потрудат екстремно да „влезат во ликовите“ - да јадат живо месо, да ги поштат колегите од бубачки, и да не зборуваат на „човечки“ јазик (во спротивно се казнувани). Нараторот на крај не успева во ваквиот потфат, бидејќи човечноста го издава.

„Работата нема да ти ја возврати љубовта“ од Сара Џафе и „Загубени во работата“ од Амелија Хорган

Две теориски книги кои ги истражуваат модерните наративи поврзани со работата. Првата го следи митот дека таа треба да се бира со срце, а не со разум, за љубов а не за пари. Втората се занимава со поинаков мит: дека сите ние имаме пристап до флексибилно, возбудливо и динамично вработување, иако она што всушност се случува е заматување на линијата помеѓу работата и задоволството, при што дури и тоа (задоволството) треба да биде профитабилно, а секое хоби потенцијален хонорарен ангажман.

„Не постои такво нешто како лесна работа“ од Кикуко Цумура

Неименуваната нараторка на овој комичен роман влегува во агенција за вработување за да конкурира за место кое не бара читање, не бара пишување и бара минимално размислување. Она што го наоѓа е серија бизарни работни места, како пишување на флаер за самопомош кои се дел од пакети со оризови крекери или набљудување писател за кого властите се сомничат дека врши некакви илегални активности. Опседнатоста со ваквите задачи ја води од едно до друго чудно работно место.

„Сè е тивко на Ориент експрес“ од Магнус Милс

Човек се наоѓа во езерска област во Британија и планира да тргне на пат со мотор до Индија. Пред поаѓање се согласува да офарба порта за сопственикот на кампот: навидум едноставна задача, но која води до друга, па до трета. Секогаш се појавува некоја нова причина зошто тој не може да продолжи со планот за патувањето, нешто што го држи во место. Резигниран, тој се предава на безнадежноста на ситуацијата. 

22 јуни 2022 - 18:50