Како „пиратирале“ драмски текстови во 19 век?

Иако „пиратирање“ можеби и не е најсоодветниот збор за нешто што се случувало во време кога не важеле истите правила за интелектуална сопственост како денес, факт е дека драмски текстови кои играле на славни сцени во 19 век биле крадени и поставувани во помали места, без дозвола ниту од авторот ниту од продуцентот. А крадењето вклучувало многу креативни методи.

Авторското право не постоело во голем дел од човечката историја. Во времето на Шекспир, на пример, печатените драми не биле баш нешто вредни. Трупите кои ги поставувале претставите биле сопственици на правата, но немало баш строга контрола кој можел да ги објавува и во каква форма, со парафразиран текст ако на издавачот нешто не му „штимало“ во него. 

Но во Америка од 19 век нештата веќе биле малку потсредени, па за да се постави претстава од современ автор сепак требало да се добие дозвола од него или од театарот што ја откупил. 

Епизода од прекрасниот подкаст Memory Palace (трае само 10 мин и 24 секунди тука) раскажува за случајот со драмата „Хејзел Крк“, напишана од американскиот актер и драматург Стил МекКеј, која премиерно била изведена во театарот Медисон Сквер во Њујорк во септември 1878 и веднаш доживеала голема популарност, рушејќи рекорди. За ова помогнала и самата локација - Медисон сквер бил најмодерниот театар на Бродвеј во тој момент, со сцени кои се придвижувале со хидрауличен лифт, а пак публиката зиме-лето уживала во климатизирана сала. 

Претставата тогаш било планирано да игра само на Бродвеј, а дури две години подоцна ќе почне да оди на американски турнеи. Затоа, директорот на театарот Медисон сквер бил навистина изненаден кога слушнал за мистериозна продукција на истиот текст во град со само 3000 жители - Кентон, Мисисипи. Се качил на воз, одлучен да ја испита работата.  

За среќа пристигнал токму во момент кога низ градот марширала парада за Денот на благодарноста, предводена од локални актери. Еден од нив удирал на тапан на кој имало залепено реклама токму за изведбата на „Хејзл Крк“. Директорот им се претставил како млад продуцент и ги прашал како стигнале до толку популарната драма. 

„Нема гајле“, му рекле. „Само посакај текст, можеш да го добиеш за 5-10 долари“. 

Tоа било вовед во подземјето на драмската пиратерија на тоа време. Таа се одвивала на ингениозен начин - луѓе со добри стенограмски вештини седеле во публика и на листови превиткани како оригами (за да не носат со себе цели тефтери) успевале да го транскрибираат текстот од сцената. Во случајот со „Хејзел“ тоа барало навистина голема работа бидејќи претставата била полна со дијалози, промени на сцени, пресврти. Но во Кентон имало и поинаков случај - талентираната актерка Аделина Гасперини, која станала позната по толкувањето на Јулија во Шекспировата драма, знаела да оди и по десет пати на претстава на колегите и да го меморира целиот текст. Потоа го испишувала со убав женски ракопис во повеќе примероци и го продавала.

Директорот на Медисон сквер успеал да стигне до неа, а таа, без да се сомнева во неговите намери, всушност самата му раскажала сè. Откако заминал, повикал полиција. Таа и сопругот, кој ѝ бил соработник, не завршиле во затвор. Но инцидентот го означил крајот на нејзината кариера. Можеби затоа денес нема ни Википедија страница за неа, само по некоја сочувана слика. 

22 мај 2024 - 14:04