Видео

Rain Dogs наполни 40 години

На 30 септември 1985 година, Том Веитс го издаде својот деветти албум, за многумина еден од најдобрите. Раскошна исчашеност во чест на урбаните маргиналци, албум кој е и романтичен и карневалски истовремено, со болка и со хумор. Ако решите да имате само еден албум од Веитс, веројатно ова е тој. А нема зошто да биде само еден. 

Кој се цапне, да му се познае илето

Без разлика на кој јазик зборува во моментот, Сергеј Лавров секогаш го разбираме што сака да каже, за разлика од Урсула, Борел и другите ЕУ Езоповци. Значи вака: ако руски дрон забега во туѓ простор, домаќините имаат право да му прават што сакаат. Ама ако странски дрон забега на руска територија, некој ќе зажали (додуша, Русите бааги се цапнаа во Украина ама тоа е долга приказна).

Изборната трка во Молдавија

Во атмосфера на голема поларизираност и исклучување на две партии на само ден пред изборите, во Молдавија убедливо победи про-европската Партија на акција и солидарност на претседателката Маја Санду. Урсула фон дер Лајен и Европската унија ја поздравија демократичноста на изборите и резултатите од нив. Имаме снимка.  

Оддалечените стравови на американската прогресивка

Перјаницата на воук левицата во американскиот Конгрес, Александрија Оказио Кортез, и натаму е трауматизирана од нападот и упадот во Капитол на 6-ти јануари 2021 година. Вели дека дента била смртно уплашена не само дека ќе биде убиена туку и силувана. Фан факт: Кортез не била физички присутна во зградата на Капитол тој ден.  

Ако барате ново маало за живеење

Гледајте вие како населбата стои со инфраструктура, какви се улиците и тротоарите, кои основни институции се на располагање, со што содржини располага, кои од вашите потреби задоволува.... Но еве еден дополнителен и неочекуван совет: ако наоколу шета питомо и нетрауматизирано куче кое сите го знаат и кое е сечие, тука живеат нормални луѓе.   

Газа во нашата улица

На Волстрит и во неколку други градови во САД и Европа неодамна осамнаа слики од најмладите жртви во Газа. Изложба како како суров и директен потсетник за тековниот конфликт и пустошот наметнат врз невините животи во Газа, особено врз децата кои претрпеа огромни жртви и трауми. Никој не останува рамнодушен. Освен оние што не треба да се рамнодушни.

Со скии по Монт Еверест

Од 6.000 луѓе кои се имаат искачено на Монт Еверест, само 200 од нив стигнале на врвот без дополнителен кислород. Пољакот Анджеј Баргиел не само што за 16 часа стигнал до „зоната на смртта“ (над 8.000 метри) без боца со кислород, туку потоа надолу се спуштил со скии. Замислете ги фаците на оние со кои се разминувал. 

Машка тројка посвоија дете во Канада

Првпат во историјата на Квебек, на тројца мажи кои живеат заедно во полиаморна врска им било дозволено да посвојат дете. Надлежните служби им дале тригодишно девојче. Двајца од нив веднаш добиле правен статус на родители а третиот започнал процедура за истото. Во меѓувреме, може да биде вујче. Или вујна, ако така се осеќа човекот.

Го знаете Естепарио?

Естепарио Сибериано (правото име му е Жорже Гаридо од Валенсија) веќе подолго време е феномен по светските интернет платформи со своите ритам и тапанарски техники со кои има инспирирано илјадници луѓе да се пробаат и тие. Барем двојно од тоа има обесхрабрено бидејќи Естепарио „не се стига.“ Животно, ѕвер, машина. И Мајк Портној од Dream Theater мисли исто. 

Што знае цензура што е милион

Под притисок на едногодишната истрага на упорниот конгресмен Џим Џордан, Гугл призна дека цензурирале за време на администрацијата на Бајден, особено за време на пандемијата и изборите. Пишавме дека скинале над 8.000 канали и илјадници „штетни и погрешни“ видеа за изборите, па да додадеме уште една бројка - во координација со Бајден и Фаучи, имат снемано МИЛИОН ковид видеа.

На Трамп треба да му се даде Нобелова за тролање

Во говорот во ОН Трамп нè информираше дека за седум месеци ставил крај на седум војни. Меѓу нив, ја сопрел и војната на Косово?! Да се чудиш каков балван е. Можда е незграпен за „понадвор“ ама па дома ќеифи си тера. Во Белата куќа отвори „Wall of Fame“ со портрети на сите досегашни претседатели. На местото на Бајден закачил слика од „автоматско пенкало“ со кое сенилниот потпишуваше укази и закони. 

Против ѕверствата на својата држава

Илан Волков е прочуен диригент кој бил и главен и гостин диригент на многу познати оркестри во светот. „Доаѓам од Израел, живеам таму, го сакам, тоа е мојот дом, но она што сега се случува таму е монструозно и ужасно, надвор од секоја замисла“, кажа тој на настап во Ројал Алберт Хол повикувајќи го светот да интервенира бидејќи „Израелците, Евреи и Палестинци, нема да можат сами да го сопрат тоа.“

Сонот на секој киропрактичар

Насловот можда е „клизачи“, ама сцената е тажна до небо. И тој некогаш бил дете.  И тој некогаш сонувал дека ќе прави големи работи во животот. Во којзнае кој момент влегол во лош круг и не излегол од него. Еден од илјадниците наркомани во САД, зависни од синтетички дроги, особено фентанил, кој па уште го мешаат со транквилизатори за успивање животни што ги води во неприродни кататонични пози. Ах бе дете....  

Нема поглупа земја од Авганистан

Во Авганистан сегрегација меѓу мажите и жените е толку ригорозна што повторно цвета една стара практика наречена „бача бази“. Возрасни мажи се забавуваат со млади момчиња облечени како женски, пошто таквиот контакт идиотите го сметаат за помалку неморален отколку со жени. Адолесцентите, најчесто од сиромашни фамилии, се принудувани или уценувани за да ја играат таа улога а некои од нив се држат и како сексуални робови.  

Иде Израел

Со СМС- и, објави на социјални мрежи или со фамозното „тропање по кров“ (мала граната паѓа на кров на некоја зграда, што на луѓето во неа им дава до знаење дека објектот ќе се рекетира), израелската војска „хумано“ известува дека нечиј дом ќе го нема за неколку минути. Па што спасат - спасат.  Етет така се „живее“ во Газа.

Подмачкано православие

Екс- офицер на ЦИА ја кажува следнава приказна: како американски државен секретар, Хилари Клинтон го прашала првиот човек на Вселенската патријаршија дали би ја признал Украинската православна црква за автокефална. - Не можам, тие цел милениум се под јурусдиција на Руската, рекол Вартоломеј. - А 20 милиони долари ќе помогнат ли?  

Лимонтабиетс

Lemonheads беа супер бенд (Бостон, формирани 1986 година). Денес единствен оригинален член е фронтменот Еван Дандо кој баш и не е при себе во секое време. Пред неколку дена имаа концерт во Загреб. „Тажно, јадно, килаво и неописиво лошо“, рецензираше Александар Драгаш во Јутарњи. Некои си ги бараат парите за карти назад, други се зезаат дека концертот бил „крш.“

Вембли заедно за Палестина

Брајан Ино на Вембли собра 150 музичари, глумци, спортисти и активисти од цел свет на хуманитарен настан посветен на луѓето од Газа и нивните неописиви страдања последнава година. Ени Ленокс, Портисхед, Пол Велер, Нене Чери, Камбербач, Ерик Кантона... Некои веројатно и избегнале да дојдат, но како што напиша египетскиот писател Омар Ел Акад, „еден ден сите отсекогаш ќе бидат против ова.“

Лицемерие на денот: Газа како место за градежен бум

Безалел Смотрич, заедно со Итамар Бен-Гвир, се најекстремниte израелски министри но од нив зависи судбината на кабинетот на Нетанјаху. Игнорирајќи ги чудовишните страдања на луѓето од Газа, Смотрич вика дека идејата е со Газа да се наплати војната која скапо ги коштала. Бизнис планот за (пост-геноцидна) Газа веќе е на масата на Трамп, а сега биле во најскапата урбанистичка фаза- рушењето.    

Почиваш ли мирно, Леонарде?

I've heard there was a secret chord, that David played and it pleased the Lord, but you don't really care for music, do you? Well it goes like this, the fourth, the fifth, the minor fall, the major lift... Ова се едни од најубавите и најмоќни стихови во популарната музика на сите времиња. Ама, каде е Бог, таму има и богохулие. Како би звучела Алелеуја на Леонард Коен, на стихови од Spice Girls? Е, тоа!  

А наивни мислат дека може да им погодат

Плавите се фарбаат во црно, црните се фарбаат во плаво. Оние со пуцвал коса се пеглаат, оние со права коса ставаат витлери за да бидат пуцвал. Оние со големи гради одат за да ги намалат, оние со мали гради („православки“) одат да ги зголемат. Ако имаат светла кожа, сакаат да потемнат, ако имаат потемна, сакаат да се осветлат. Имаат веѓи, ќе ги извадат и си цртаат нови... Тие суштества не можат да бидат срееќни. 

Плачем јер нисам камен

Го позајмуваме овој стих од песната на Киќо Слабинац за наслов на клипот што следи, иако нема врска со содржината на видеото. Ама па стварно не знаеме што стварно има врска со овој јако несреќен црнец кој опељушува цел дуќан додека ко магаре рика од плачење. Да, нешто тешко му е, ама од што тешко, сам Бог знае.  

Салвадор Дали друго гледа

Шпанскиот надреалист цел живот ги има обожувано носорозите, сметајќи ги за небесни суштества. За нивната кожа тврдел дека има „божествена гранулација“ а особен фетиш му бил рогот и неговата „совршена спирална конструкција“ која во источната митологија се поврзува со сексуалната потенција. Во основно најверојатно би добил кец по ликовно, затоа што „ја утнал темата.“ 

Кина не планира да запре

Ви покажавме како во кинески воз кој вози преку 300 на саат, можеш од седиште да нарачаш храна и таа да ти биде донесена (до истото седиште) веќе на наредната станица. Сега да ви покажеме како изгледа едно навидувам обично пенџере во кинеско метро. Заради вакви работи, би тргнале ние веднаш кон Кина, ама па кога ќе ти текне дека треба да тргнеш со македонски воз...