Видео

Дебата за политичката коректност

Во едниот табор се Стивен Фрај и Џордан Питерсон. Во другиот табор и да не знаете кои се, ќе гледате заради овие двајца. Или затоа што ги почитувате како нас, или затоа што не можете да ги поднесете зашто ги почитуваат луѓе како нас. Ете како ви отидоа два саата.

Атенбороу секоја чест, ама...

Целта на документарец за природа најчесто е да биде крајно поучен (со исклучок кога намерата му е да биде искористен за некои крајно неразумни лични агенди). А зошто па да не биде малку помалку поучен и неспоредливо позабавен, само со помош апдејтувана нарација.

Џабе ти е броењето калории

Како што објаснува научникот од Кембриџ не треба да го бркаш бројот на калории што си ги внел. Она што е важно е „калоричната достапност“ односно колку калории од одредена храна се апсорбираат во твоето тело.

Некој се потрудил да го спакува Виндоус ИксПе за 2018-та

Оригиналот е од пред 17 години и во тоа време беше сериозен технички исчекор, а и визуелен. Ни крив ни должен ИксПе во следните 10 години беше водечки оперативен систем, додека Микрософт размислуваше што ќе прави со себе. Камер Кан Авдан прави дизајнерски римејк на оперативниот систем и го шминка за 2018.

Продавачите од најголемиот трговски за продажба на големо во светот

Титулата „најголем“ Јиву интернешн трејд маркет ја добива со 8 километри ходници за шпартање и над 75.000 продавници од кои секоја претставува некоја фабрика од Кина. Видеото е посветено на продавачите од трговскиот. Нешто како шопинг-мол „Барака“.

Историја на Универзумот

Наше е да ви кажеме дека секоја од овие домино плочки претставува 1 милион години. Останатото ќе ви го каже човекот кој за видеово нареди 300 метри домино плочки.

Што сè нема да дознае човек

Имаше еден виц за цреп дрвосеча кој сфатил дека е послаб од колегите само затоа што за разлика од него, овие ја палеле пилата. Ама овој е екстра цреп. Дури и кога му ја запалија машинката, продолжи да мава.

Показна вежба: како да изградиш 70-метарски тунел за еден викенд

Викенд проектот опфаќа корнење на асфалтот на 6 ленти, корнење ограда, копање дупка, да го „извозиш“ тунелот на место, да ја покриеш дупката, да тампонираш, да го вратиш автопатот во почетна позиција и пред понеделник да биде во возна состојба. Три-четири сега.

Серкалона вс. Дијареал Мадрид

Дербито овој пат одиграно од тимови составени исклучиво од Норвежани, и тоа добро најадени Норвежани што после оброк дрмнаа по една чашка ултра-силен лаксатив.

Je suis туристи

Француско семејство на тура низ сафари парк, а притоа наштелувани како да се во Дизниленд. Од муабетот во клипот разбравме само „Oh my god,“ „What the fuck,“ и „Jesus“, и ние отприлика сме на ист памет. П.С. тие што ќе ги видите се оригинал гепарди, ниту дресирани, ниту на апчиња за смирување.

Роботот на Бостон динамикс сега и трча

Се работи за Атлас, истиот робот што скокаше пред некое време, чиј контролен систем го координира движењето на рацете, торзото и нозете „за да постигне мобилна манипулација“ на целото тело. Терминатор лајкс дис.

Корисноста од создавање бескорисни работи

Симон Гирц е инженер и една од најфантастичните појави на Јутјуб, каде најчесто ги презентира своите никако употребливи роботизирани изуми од типот шлем за миење заби, кој не функционира, или аларм за будење со шамарање, кој технички функционира. Симон има цела филозофија зад потребата од бескорисност.

Малиот Емануеле и папата Франциско

Поглаварот на римокатоличката црква го теши малиот кој се расплака сакајќи да го праша дали неговиот татко е во рајот, а бил атеист. Одговорот на Франциско не е боговски, туку уште поголем - човечки е. И стварно, дали оние задрти верници мислат дека големиот Креатор би му замерал на некој кој не бил верник, ама па создал ваков син?

Не е направено нешто што Кинези нема да го преварат

Кинеска осигурителна компанија има понуда за пакет за здравствена заштита чија цена е директно врзана со твојот смартфон: ако смартфонот регистрира дека си направил 10.000 чекори на ден (околу 8 километри), добиваш попуст на осигурување. Тука некаде Кинезите се пуштаат во размислување и толку беше од непробојноста на понудата.

Масовно по риба

Само еден ден во годината луѓето од народот Догон имаат право да ловат риба во светите води на езерото Антого. Вака масовна сцена немате видено од Господар на прстените. Како се залетаа, мислиш крст ќе фаќаат.

500 години под жените

Убава видео ретроспектива на главните женски ликови кои се појавиле во западната уметност во последните 500 години. Отприлика секој попознат женески портрет, од Да Винчи до Пикасо.

Не ги убивајте добрите идеи

„Кога би било коцкасто и кога не би се тркалало...“ Отприлика во истите рамки и денес се движат сите обиди за воведување на нешто ново. Милион забелешки и уште толку мрчатори.

Кемтреилс, алуминимум и такви работи

Ова е едно од оние видеа кои ти ги пуштаат на меил со порака: „Објавете ова сите да видат и конечно да отворат очи“. Го пуштаме пошто ни е супер таа замисла, веќе утре одиме по улица,  а оно сите околу нас, со отворени очи.

Децава стварно не знаат да гледаат на аналоген саат

Џими Кимел решава на улица да ја тестира веста од пред некој ден дека децата не знаат да гледаат на часовник со стрелки затоа што сè околу нив е со дигитални часовници, па не им ни дошло да се потрудат да ја совладаат логиката околу стрелките.

Такер Карлсон и Либералниот шерпас

Ни на Карлсон не му се верува колку лесно се шеба оваа персона. Си ја начека како маскота и сега за свашта ја вика, а рубриката ја потпишува како „Либералниот шерпас“. Лујката прифаќа па промовира онакви „out of space“ идеи заради кои на многумина нормални им збоктиса сиот тој блок и за инает гласааа за Доналд Дамб. Шерпасот бара на факултетите да има кабини за плачење, за да можат снегулките низ солзи да го излијат стресот од себе. 

Тивкиот инфаркт на Сајлент Боб

Исповед на Кевин Смит кај Колбер за тоа како доживеал срцев удар. Со најмашка реакција на свет: преживуваш масивен инфаркт, те носат во болница а таму те фаќа срам и едно незгодно што треба да се соблечеш пред непознати луѓе.

За оние што стварно сакаат да се соочат со бикови

Помалку болно за луѓе од трчањето низ Памплона (веројатно), помалку смртоносно за бикови од корида - ползење со бикови.

Деконструиран ТЕД

Мета-предавање за сите оние предавања кога човек  оддава впечаток дека господари со темата, тотално знае што зборува, па ќе пушти слајд, па ќе направи мала шала.... Дечково ептен, ама ептен добро, ги скинал сите цаки (сосе пиењето вода и погледнување во часовник) на таквите мотивациони говоранции. Многу корисно и пресмешно.

Така се монтираше Афекс Твин

Авторот (Дејвид Браун) вика: Ова е најамбициозниот проект за едитирање на кој сум се нафатил и за кој ми беа потребни 4 месеци. Се започна како љубопитност а заврши со миксање и полирање на 250 видео-аудио сегменти во еден (саат ипол) клип.