Видео

Кафана се сака и кога ѝ е најтешко

Жители (и туристи) на Венеција крајно не ги занима дали „иде Дунав“ или не. Имаат луѓето приоритети во живот. Исто, браво за кафанџијата што е отворен, ама според чизмите на персоналот и гостите, не му е ова прва поплава.

Звукот на крипто-валутите

Вредноста на биткоинот обработена преку генератор на звук. Не се препорачува за луѓе што инвестираа во најскапото и на крај завршија со греалка на погон од графички карти.

Живот кучешки од пола милион долари

1. Кинез купува куче.
2. Кучето му помага да почне бизнис и од бизнисот за неколку години заработува речиси 400.000 долари.
3. Во знак на благодарност на кучето му гради куќа од над 500.000 долари.
4. Профит???
5. Ќе почекаат.

Ако за нешто оној ѕид на Трамп има логика

Оние кои се форматираат во услови на систематска радијација од турските серии, веројатно се уверени дека нема ништо полошо од нив. Но затоа постојат постари релативизитари на кои, иако дамнешни, уште им се свежи раните од касандра, масандра и другите како-ли-беа јужноамерикански сапуници. Тек тоа, драга младино, како не се трпеше! Една мексиканска, поштено раскажана.

Сајтовите во 2018 година

Исто како и до пеколот, и патот до денешните веб сајтови е поплочен со добри намери. Сè е тоа фино, приватност, доброволност, желба да се остане во контакт..... Ама дур дојдеш до некој сајт, да заборавиш зошто воопшто си тргнал таму.

Твојта рамна шахта

Кај нас ова е каде-каде поинтересно. Шахтата се прави 5 дена. Во првите денови има знак дека се работи на патот ама потоа тој некако исчезнува па останува само празна канта пред дупката. Екипите работат по минимум два часа на ден. Двајца околу шахтата, тројца пушат на клупа, шефот им е во првиот кафич на кафе. И на крај, шахтата е направена, барем 10 сантима пониска од асфалтот, што е генијална иновација против случајно заспивање на возачите. Европо, дувај го!

Џордан Питерсон хип хоп микс

Чујте го вие ова! 43 минутен добро скоцкан микс со говори и поенти од фамозниот Џордан Питерсон. Мешапот функционира толку добро (ма што добро, одлично!) што некогаш имате чувство дека ги слушате FSOL а некогаш Тhe Disposable Heroes of Hiphoprisy. Дали тоа е на повидок нов жанр? Селф хелп хоп?

Севдах со кауција

Група Холанѓани од театарската трупа Ештон брадерс, во емисија на РТЛ ја изведуваат севдалинката „Јутрос ми је ружа процветала“. И не може а да не помислите како ли тек ќе звучеа ако и Зоран Маџиров им се придружеше.

Како кого од нив двајца ќе остариме?

Разгледајте вести, медиуми, мрежи, хистерии, човечки гадови и сподоби раширени по нив кои секојдневно го вадат најлошото од себе (притоа горди на тоа) и ќе ви стане јасно на кого типуваме.

Кај што некои шијат, тие штепуваа

Пајтоновци веројатно знаеја дека на стари години ќе имаат попаметна работа, на пример да пецаат риба, па се заебаваа со теми кои уште не беа стигнати на дневен ред. Ова е од 1979 година.

Хокеарски. Клуб. Кенија.

Нормално дека се единствен ваков клуб во земјата (а веројатно и пошироко), и како такви немаат ама баш никој со кого да се пробаат. Без разлика што дефицитот на противник им го средија само во име на реклама, пак е фино на некого да му направиш мерак.

Прав маж секогаш е во кујна

Жена се враќа дома порано од работа и го наоѓа мажот во кујна, место на кое нему ниедна задача не му е претешка. И ете ти ја неа, одма да сними видео од тоа, да се пофали кај другарките. Блазе си им на тоа Русинките.

Штетноста на детските видеа на Јутјуб

За да не ве малтретира, човеков авансно ви ја кажува поентата на неговиот ТЕД говор: ако имате мали деца држете ги што подалеку од Јутјуб. Ако ве интересира поопширно Џејмс Бридл има многу што да ви каже околу содржините што вашето дете го гледа на Јутјуб.

Село Адриатика, Тексас

Бил Тексашанин во Далмација и баш му се бендисало како тоа изгледа. Еве го резултатот.

Ти вс. Икејски фори

Помири се дека од старт немаш шанси и дека никогаш не си ни имал, едноставно целиот систем е направен да ги исцеди сите пари од тебе. И многу се профи во тоа.

Навежбан удар

Ова е проблем на сите потези во контактните спортови. Колку и да се навежба некој потег, доаѓа време кога тој треба вистински да се проба. А тоа не испаѓа секогаш како на генералната.

Како Холандија ги изгради велосипедските патеки

Апсолутно идентична ситуација имаме како и Холанѓаните. Штом се дојде до паричка се купува автомобил, по град веќе не се вози од закрченост со коли, ентузијасти промовираат возење точак, бензинот сè поскап, бројот на прегазени расте...  Само што кај нас е 2018, а кај нив 1975 година.

Гана да зборува, Франција да слуша, Македонија да разбере

Иако нема ни М за Македонија, ни С за Северна, говорот на човекот од Г зборува за овдешните прилики, ментални матрици и малодушност. Од А до Ш.

Како да се појавиш на прес?

Ќе понудиш да го преведуваш она што се зборува на пресот на јазикот на глувонемите. И после ќе си мафташ со раце фристајл. Барем на двајца во Америка финтата им има успеано.

Финтите на еден маркет

Постојано преместување на производите (за човек да се помами и по други работи додека го бара она што му треба), членство, частенки, пакувања во големи количини (кому му требаат 5 кила морков?), се дел од триковите со кои американскиот Костко стана втор најголем трговски ланец на светот.

Словенци со право можат да дигнат нос

Словенечки хирурзи успеале на пациентка заболена од офанзивен рак на кожа, да ѝ одгледаат нов нос на нејзината подлактица а потоа да ѝ го пресадат на лице. За новиот дел користеле комплетно нејзин материјал и 3Д моделирање. Спојлер: во прилогот нема ништо за главната тема која нè тишти кога зборуваме за здравство: дали имаат ѓубре по клиниките.

Дупло кање

Статиката на овалната соба едвај го издржа интелектуалниот габарит на последната средба. Кање одржа еден лудачки 10 минутен солилоквиј (нагалено: лупетање) додека Дамб гледаше со полна концентрација (нагалено: ко теле). Заебавајте се вие ама ќе дојде ден кога на некое кутро дете, комплетно спремно за Демостен, Черчил или Мартин Лутер Кинг, на час по историја ќе му се падне да одговара за „Говорот на Кање Вест во Белата куќа“. 

Мајка бе, мајка

Што да прави жена кога змија ќе ѝ се оптегне на врата? Како што? Става ракавиците од Хулк и трга во бој.

Алтернативна математика

На тест по математика, малиот напишал дека 2 плус 2 е еднакво на 22. Учителката пробува да му објасни дека операцијата собирање не значи спојување на бројките од задачата. И тука почнуваат компликациите. Кратко филмче во чест на сите даскали, напатени од системот, директорите, медиумите, а сè во име на нивното височество разгалените деца и единственото нешто што денес е бетер од нив, нивните родители.