Видео

Хокеарски. Клуб. Кенија.

Нормално дека се единствен ваков клуб во земјата (а веројатно и пошироко), и како такви немаат ама баш никој со кого да се пробаат. Без разлика што дефицитот на противник им го средија само во име на реклама, пак е фино на некого да му направиш мерак.

Прав маж секогаш е во кујна

Жена се враќа дома порано од работа и го наоѓа мажот во кујна, место на кое нему ниедна задача не му е претешка. И ете ти ја неа, одма да сними видео од тоа, да се пофали кај другарките. Блазе си им на тоа Русинките.

Штетноста на детските видеа на Јутјуб

За да не ве малтретира, човеков авансно ви ја кажува поентата на неговиот ТЕД говор: ако имате мали деца држете ги што подалеку од Јутјуб. Ако ве интересира поопширно Џејмс Бридл има многу што да ви каже околу содржините што вашето дете го гледа на Јутјуб.

Село Адриатика, Тексас

Бил Тексашанин во Далмација и баш му се бендисало како тоа изгледа. Еве го резултатот.

Ти вс. Икејски фори

Помири се дека од старт немаш шанси и дека никогаш не си ни имал, едноставно целиот систем е направен да ги исцеди сите пари од тебе. И многу се профи во тоа.

Навежбан удар

Ова е проблем на сите потези во контактните спортови. Колку и да се навежба некој потег, доаѓа време кога тој треба вистински да се проба. А тоа не испаѓа секогаш како на генералната.

Како Холандија ги изгради велосипедските патеки

Апсолутно идентична ситуација имаме како и Холанѓаните. Штом се дојде до паричка се купува автомобил, по град веќе не се вози од закрченост со коли, ентузијасти промовираат возење точак, бензинот сè поскап, бројот на прегазени расте...  Само што кај нас е 2018, а кај нив 1975 година.

Гана да зборува, Франција да слуша, Македонија да разбере

Иако нема ни М за Македонија, ни С за Северна, говорот на човекот од Г зборува за овдешните прилики, ментални матрици и малодушност. Од А до Ш.

Како да се појавиш на прес?

Ќе понудиш да го преведуваш она што се зборува на пресот на јазикот на глувонемите. И после ќе си мафташ со раце фристајл. Барем на двајца во Америка финтата им има успеано.

Финтите на еден маркет

Постојано преместување на производите (за човек да се помами и по други работи додека го бара она што му треба), членство, частенки, пакувања во големи количини (кому му требаат 5 кила морков?), се дел од триковите со кои американскиот Костко стана втор најголем трговски ланец на светот.

Словенци со право можат да дигнат нос

Словенечки хирурзи успеале на пациентка заболена од офанзивен рак на кожа, да ѝ одгледаат нов нос на нејзината подлактица а потоа да ѝ го пресадат на лице. За новиот дел користеле комплетно нејзин материјал и 3Д моделирање. Спојлер: во прилогот нема ништо за главната тема која нè тишти кога зборуваме за здравство: дали имаат ѓубре по клиниките.

Дупло кање

Статиката на овалната соба едвај го издржа интелектуалниот габарит на последната средба. Кање одржа еден лудачки 10 минутен солилоквиј (нагалено: лупетање) додека Дамб гледаше со полна концентрација (нагалено: ко теле). Заебавајте се вие ама ќе дојде ден кога на некое кутро дете, комплетно спремно за Демостен, Черчил или Мартин Лутер Кинг, на час по историја ќе му се падне да одговара за „Говорот на Кање Вест во Белата куќа“. 

Мајка бе, мајка

Што да прави жена кога змија ќе ѝ се оптегне на врата? Како што? Става ракавиците од Хулк и трга во бој.

Алтернативна математика

На тест по математика, малиот напишал дека 2 плус 2 е еднакво на 22. Учителката пробува да му објасни дека операцијата собирање не значи спојување на бројките од задачата. И тука почнуваат компликациите. Кратко филмче во чест на сите даскали, напатени од системот, директорите, медиумите, а сè во име на нивното височество разгалените деца и единственото нешто што денес е бетер од нив, нивните родители.

Туристички лекции: британска кралска гарда

Иако имаат бушави капи, иако веќе се станати неизбежен дел од идентитетот на Лондон и Британија, иако изгледаат малку смешно, клучно што не треба да се заборави околу британската кралска гарда е дека тоа сепак е гарда и како таква е составена од активни војници на британската војска.

Фиаменго за светот на Блази Форд

Острата и секогаш незгодна Џенис Фиаменго (професорка од Отава, прокламирана анти-феминистка) ја распретува фамата околу новиот Кристина Блази Форд, жената која сведочеше против трамповиот предлог за врховен судија Брет (и тебе сам сит) Кавано. Вели, за да се разбере новата хероина на Хилари Клинтон, треба да се разбере културното милје од кое доаѓа и универзитетот на кој предава: елитниот Пало Алто (23.000 долари годишно), на чија скала на вредности, социјалната правда доаѓа пред квалитетниот научен труд.

Луѓе баш и не ја веруваат приказната на Банкси

Човеков има два проблема со целата приказна. Прво, тврдењето на аукциската куќа Сотби дека сликата е од човек кој лично ја добил од Банкси во 2006 и дека целиот механизам, сосе батерии, 12 години лежи така затворен. Втор проблем е поставеноста на ножевите на секачот за така да ја исечат сликата. Овие дупки во приказната важат само ако Банкси немал пристап до сликата од 2006-та до неодамнешната аукција и ако секачот од видеото навистина е употребен.

Том и Џери во живо

Петмина завршени студенти на музичкиот конзерваториум во Прага, за бисот на нивниот дипломски концерт, решаваат да изведат тема од Том и Џери. Синхронизирана со цртаниот.

Мечкин ПР

Затворената средина во која живеат, конкуренцијата и желбата за малку внимание и храна, ги натерало овие мечки регуларно да прават мајмуни од себе. Секоја асоцијација на "Балканот и ЕУ" е... сосема разбирлива.

Клучот на универзумот, изволте

Ќе го имате клучот на универзумот ако успеете да убедите некого да го изгледа следново видео кое открива дека големата тајна на универзумот е во бројките 3, 6 и 9. Ама ферски, до крај да се гледа, инаку не фаќа клучот. 

Џордан Питерсон за православието

За да разбере некои работи на истокот, запад можеби треба да се „врати на школска табла“ и да почне, да речеме, со Питерсон. Канадскиот професор ги објаснува суштинските разлики во поимањето на христијанството. За едните Исус е оној кој со својот живот се искупи за човечките гревови. За другите, човек треба самиот да го земе својот крст и да го носи по ридот.„Со крстот напред“, „секој со својот крст“, ви текнува?

10 диско заповеди

Едно 12-13 години има од овој каноник. И сè уште секоја заповед (која е поврзана со човекот а не со технологијата) е актуелна и важечка.

Магија без илузии

Лиоз Шем Тов е реалист (демек обратно од илузионист) од Израел. Тој не само што ќе ви ги покаже своите ментални супер-моќи туку ќе ги разбуди и вашите. 

Луѓе, излечен сум!

Како Господ никој не е. Освен можеби мотор кој шиба накај тебе и нема шанси да спасиш глава ако не рипнеш од инвалидска количка.