Видео

Длабоко вознемирувачко видео

Диор пред нешто повеќе од една година извади една боговски велелепна реклама за Ж'Адор парфемот, со Шарлиз Терон во главна улога. Годинава имаме (дипфејк) римејк на рекламата кој никој не го побара, со Мистер Бин во главна улога. Ужас.

Зошто Саудиска Арабија увезува песок?

И тоа ни помалку ни повеќе од Шкотска. Ако ја гледаш Шкотска на мапа, па Саудиска Арабија на мапа, ништо од ова нема логика. Ама вон мапите има. П.С. една работа што не сме ја знаеле за песокот е дека тој е необновлива суровина.

Елка осветлена од електрична јагула

Во аквариум во Тенеси успеале да ја искористат струјата од електрична јагула за да осветлат божиќна елка. Штом оваа се напали по храна или нешто друго, елката блеснува.

Годината на Јутјуб и годината на Гугл

Минатата година Ривајнд видеото на Јутјуб стана видео со најмногу негативни гласови на цел Јутјуб. Годинава видеото им е најбезбедната варијанта - компилација од „нај“ видеа на платформата за 2019. Гугл, стандардно, безбедено и колку-толку да се огребе од трендовски теми.

Се најде шамар и за Василиј

Василиј е онаа голема руска мечка која шамара луѓе и понекогаш лубеници, при што првите ги враќаше во детство, а на вторите им менуваше агрегатна состојба. Е, па, имало и за него мерка. 

Вака е на Запад? Купено!

Петминутно потсетување на некогаш фамознoто италијанско шоу Non è la RAI (1991-1995), шоу кое масовно ја прекрстуваше социјалистичката младина во апостолски подмладок на капитализмот и кое на овие простори произведе повеќе прозападни фаци од од сите проекти на усаиди и воиси на америка. Тие што тогаш поверуваа дека „азното само ќе си дојде“, ене ги денес, кмишат по кладилници.

Би Би Си се побуни

Ретко се случува британскиот јавен сервис да излезе вака и да се побуни против игногирањето од страна на политичар. Но не само што ретко туку првпат им се случува да имаат таков повод. Борис Џонсон одбива да им дојде во емисија па решија јавно да му ги постават прашањата на кои тие не можат да ги добијат одговорите. 

Трамп е Трамп и кога Макрон е Макрон

„Затоа тој е голем политичар. Ова беше еден од најдобрите НЕ-одговори кои ги слушнато во “, му рече во фаца Трамп на Макрон откако го отслуша неговиот опширен одговор на провокацијата „Да не сакаш едни фини ИСИС борци? Можеме да ти ги дадеме“..

Минути за руска пропаганда

Молиме за малку тишина. Јарослав Сумишевски и Ерболат Турлубеков имаат нешто да ви кажат. Во еден суптилен хибриден напад на синхронизиран двоглас.

Урбано, слободно, на точак

Да не знае човек на што попрво да се одушеви: на спектакуларните вештини на Фабио Вибмер, на одлично скоцканото видео или на тоа какви раат градови има за возење точак.

Рекламата што годинава победи за Божиќ

Видеото е на мала британска семејна продавничка за алат и сличен репертоар. Приказната е дека самите ја смислиле, снимиле и направиле, а единствени пари што дале биле 100 фунти за песната (сето ова, и посебно цената, сериозно ни се оспорени од луѓе што работат снимање реклами). На страна кој, колку и што платил, ова е рекламата што секој бренд сака да ја има за божиќната кампања.

Може ли да биде спасено Црното море?

Ние од континентална Македoнија можеме само да бидеме пакосни па да се тешиме дека да беше тоа море убаво, немаше да го викаат Црно. Но, сериозен проблем има најзагaденото европско езеро кое на неколку земји кои го делат, со децении им служи како контејнер. А не дека секоја надеж е изгубена.  

Зошто секогаш имаш (и ќе имаш) место за десерт

Може само да се помириш со фактот дека си прасе што ќе изеде сè што ќе му стават пред него. Може и да не се помириш со тоа и да им дозволиш на научнициве да ти креираат алиби за душманските прејадувања што ти претстојат.

Се кладиме дека Ајфон не е за отворање пиво?

Ако си решен да пробаш, направи си услуга сам на себе и прво изгледај го клипов со еден твој истомисленик.

Како се почитуваат полни линии

Во земјата од кое потекнува видеото, веста е дека на пат се нашла крава. Кај нас, вест е како во онолкава колона не се најде ниеден вол, од „оние паметните“.

Зошто Епл е толку скап?

Затоа што им се може? Затоа што уште ги купувате? Затоа што е поквалитетен? Затоа што се алчна корпорација што гледа да направи што е можно повеќе пари? Затоа што е полесен за користење од сите други? Затоа што е поквалитетен? Затоа што и Гучи не нуди ништо повеќе па лупа цени? Затоа што имаш премногу пари па не ни размислуваш околу цената? Заради сите овие работи заедно?

Во јапонскиот парламент се пробуваа шлемови за земјотрес

Јапонските парламентарции натнаа расклопувачки пластични шлемови на глава, како дел од редовна вежба за однесување за време на земјотрес. Ваков СВОЗ (сите во одбрана и заштита) нивниот парламент уведе во 2017 година. Ова со шлемовиве изгледа нестварно цепки. Кај нас во парламент има пар такви главоњи, ќе треба од оние новине контејнери на Шилегов да стават на глава, ако веќе мора и тоа да се спасува.

Децата се најголемо богатство, со исклучоци

Нормален човек не може да се чувствува добро кога ќе види сцена како возрасен човек соборува мало дете на земја. Освен...

Алтернативниот крај на Аполо 11

30 години по слетувањето на Аполо 11 на Месечината, беше обелоденето дека Никсон имал и бекап говор, во случај работите да тргнат на лошо, мисијата да пропадне а луѓето да загинат. Уште 20 години подоцна, тој алтернативен говор  на претседателот, напишан од Вилијам Сафир, го оживува никој друг туку лично Никсон. Се рабира, со дипфејк технологија.

Ако сакате напнатост, гледајте првенство во решавање Рубикова коцка

Обично нашето искуство е дека ништо околу Рубиковата коцка не е брзо. Нивното е поинакво. Од светското првенство во решавање Рубикова коцка. Двајцава се од Германија и се браќа. И кој да го знае дека сè ова може да биде вака тензично.

 

Саша Барон Коен против Фејсбук

1. Платформата на Закерберг е најголемата пропагандна машинерија во историјата. 3. Да беше Хитлер жив, сега комотно ќе си бусташе постови на Фејсбук. Третата поента на Коен ќе ви ја пренесеме во оригинал бидејќи лесно се памти: „Freedom of speech is not freedom of reach“. Добри се тоа поенти само што не сме сигурни кон што водат решенијата. Закерберг да оценува кој може а кој не? Нели ќе биде тоа бетер?

Лелеј, каков Френк Запа со Доналд Трамп!

Автор на ова бравурозно лудо музичко парче е Матијас Лунгвист. Слушнете како тоа звучи и каква структура има песната и веднаш ќе ви стане јасна референцата со Френк Запа. А по малку и со Стили ден (вокалите на 1:57). Секоја чест.

На прав пат

Едно евергрин видео, пошто доаѓаат нови генерации кои можеби не знаат дека не мора да се дува, дека цајкан може и да те тера да одиш по права линија за да утврди дали си пиел. И колку.

Ремикс на потсетникот на Трамп

Фотката од белешките на Трамп за изјавата пред новинарите ја стави во 5-та брзина меме машинеријата на интернет, и излегоа некои врвни резултати, како Рамонс и Морисеј препев на „лириксот“.