Видео

Шарпланинец, наш чоек

Ромео е преубав петгодишен капиталец од моделот Шарпланинец. Го подвргнуваат на третман (тримање, педикир, како ли се вика тоа) кој обично е наменет за сватки мави кученца како померанци, малтезери, ши цуа и слични салонски експонати. И како на секој вистински претставник на балканските соеви, на Ромео од почеток до крај не му е јасно чуму сето тоа. А мирен, мек, памук.

 

Ако Србија е до Токио, Јапонија е до Скопје

Девојка од Јапонија се преселила во Естонија затоа што тамошна фирма ја ангажирала. Само 28 дена подоцна, фирмата рикнала и таа останала без работа. Во меѓувреме, на Малта таа запознава наш дечко и решава да се пресели кај нас, „најубавата земја на планетата“. „Јапонија, Естонија, Малта, Македонија,“ сумира комичарот. „Кога би се раскажала оваа приказна обратно, би звучело како успешна приказна“.  

Пилешки мозок

Девојката нарачала пилешка салата. Ѝ донеле пилешка салата. Ете проблем, во пилешката салата  имало - пилешко! Па нарачавте пилешка. Да, ама јас сум вегaнка. И инфлуенсерка сум, требаше да знаете дека сум вегaнка. А зошто не нарачавте само салата? Затоа што ми се допаѓа Цезар сосот. Патем, во тој сос има жолчка од јајце и инчуни. Ама, инфлуенсерка е.    

Си немал оџата работа, си ја виткал чалмата

Шоџи Јамасаки е перформанс уметник (хмм) познат по неговата тековна серија „Littered Mvmnts“.  Луѓе наоѓаат слоевити пораки во неговото дело (хмм, хмм). Главно дека со отелотворување на отпадот, наместо да го игнорира, Јамасаки праќа порака и нè потсетува колку нормализиран станал отпадот на јавните простори. Вака кога ќе го напишеш, па и не е толку глупо. А глупо е.

Овие сите се кој од кој

Финскиот претседател порача дека Европа може да се одбрани без САД, за само 11 минути подоцна да каже дека никогаш не рекол тоа. Александер Стаб: „Може ли Европа да се одбрани? Мојот одговор е недвосмислено да... без Американците.“ Минути подоцна, новинар: „Рековте дека Европа може да се одбрани без Американците...“ Стаб: „Не баш. Не е тоа мој цитат“.

Кид Рок за американскиот наталитет

Американскиот рокер Кид Рок е гласен конзервативец, фан на Доналд Трамп. На интервју за Фокс ТВ го прашуваат дали на негови концерти нема девојки со тегет коса и вуна под мишки. Му пуштаат и снимки од некој протест на прогресивци. Овој вика:  Ги гледам вашиве снимки, ми текна дека ние во Америка имаме најниска стапка на наталитет и ми стана јасно...  

Земајте пуканки, Давос почна

Ако не сте од оние кои се укочуваат во стравопочит од концентрацијата на политичка и економска моќ каква што има во Давос, оваа помпезна собиранка на белосветски инфлуенсери знае да биде гротескно забавна. Особено годинава, кога Портокаловиот го распара и го соголи „поредокoт базиран на правила и вредности“. Американците дојдоа за да поделат уште по некоја шлаканица, другиве кој од кој...

Варуфакис: Данците да не се прават Енглези

Проблемот на Данска со САД околу Гренланд, Јанис Варуфакис го гледа од грчка перспектива. Откако заедно со Турција влегоа во НАТО, Грците попусто се обидуваат да го обврзат НАТО да ги брани ако Турција нападне. Не е НАТО за тоа, НАТО е за одбрана од надворешни непријатели, ја убедуваа Атина сојузниците од Алијансата. Меѓу нив, и Данците. 

Ако вевчанските маски ви бодат очи

Традиционалниот вевчански карневал и неговите маски знаат секоја година да покренат некоја морализаторска кампања од пуританци со мителеуропски естетски критериуми дали биле коректни, вкусни, дали се претерало... Чекајте да видите што има на шпанска Василица: група карневалџии во точка посветена на покојниот научник и параплегичар Стивен Хокинг. Коректно, вкусно, непретерано.    

Правда за трудните браќа

Не ја прашуваат бабата „кои војводи беа у вас на вечера“, ниту е пак сцена од Inglourious Basterds кога Ханс Ланда (Кристоф Волц) ги испрашува домаќините дали кријат Евреи. Па сепак, мачно е да се гледа како сенаторот Џош Хоули пробува да добие одговор од гинеколог на прашањето: „Дали маж може да затрудни?“ Реалноста била комплексна, прашањето било поларизирачко... Како заб да ѝ вадиш.

Објаснување на балканската економска катастрофа

Прецизно транжирање на „бесконечната транзиција“ во која со децении се врти Балканот и моделот кој не е граден за развој туку за екстракција и евтина работна сила. Од некогашните приватизациони кражби до денешните градежни мафии кои служат за перење пари. Сето тоа под патронат на оние кои повеќе ја ценат стабилократијата отколку демократијата. Има излез ама ќе има ли доволно луѓе кои ќе го видат? 

Домашна а оригинална

Користејќи спектрометар и доста наука, јутјубери тврдат дека го кракнале прочуено мистериозниот рецепт на Кока Кола, регистрирајќи го хемискиот потпис на секој вкус, по што вкусовите ги реплицирале во лабораторија. Ако немате друга работа, спремајте карамел боја, фосфорна киселина, глицерин, вински танини, кофеин, есенцијални масла од лимон и лимета, чајно дрво, цимет, мускатно оревче, портокал, коријандер...

Во Јакутск на минус 71

Млада девојка доловува како е да се живее во Јакутсс, источен Сибир, град во кој температурата знае да падне десетици степени под нулата. За да излезеш во декември, почнуваш со облекување во ноември. А ако така облечен треба да отидеш до веце, треба да почнеш да се спремаш уште пред да ти се приоди. Ама добро, проверивме, денес им попуштило ладното.   

Ете, и Папата мисли исто како нас

„Болно е да се гледа како на Запад, просторот за слободно изразување рапидно се стеснува,“ изјави поглаварот на римокатоличката црква во годинешниов говор за „Состојбата во светот“. „Во исто време, се развива нов орвеловски јазик кој се обидува да биде инклузивен а завршува со исклучување на оние кои не се согласуваат со идеологиите кои стојат за него.“ Лео, лавчино!

Како е „џабе чалам“ на германски?

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер жестоко ја критикуваше надворешната политика на Трамп и го повика светот да не дозволи светскиот поредок да се претвори во „дувло на разбојници“ каде што оние бескрупулозните земаат што сакаат. Ќе беше ова за аплауз ако истото ова лидериште не му даде највисок медал на Џо Бајден, човекот кој го организираше индустрискиот тероризам наречен саботажа на Северен тек, што ја осакати германската економија. 

Мора да била тоа некоја нарко-математика

Американците целосно уништиле витален научен центар во Венецуела, сместен во државата Миранда, една од нејзините 23 сојузни држави. Со две моќни оружја (AGM-154), комплетно биле уништени објектите на Математичкиот центар на Венецуелскиот институт за научни истражувања. Оштетени биле уште четири институти, за физика, хемија, екологија и атомски истражувања.

Вие како се враќате дома?

Кога после работа ќе заглавите во некоја скопска сообраќајна тромбоза, еве ви за екстра зорт: во Берн, Швајцарија, луѓе летно време од работа се враќаат дома по река. Алиштата ги ставаат во воодотпорни торби и се џиткаат во реката Ааре, препуштајќи ѝ да ги носи. Излегуваат кога ќе бидат најблиску до дома па ќе допешачат. Кај нас сите би излегле кајшто е најблиску до Кожно. 

Не можеш да си доволно параноичен со империи

Интервју на покоен Хуго Чавез, политичкиот претходник и ментор на заробениот Николас Мадуро. На новинарка ѝ објаснува дека САД ѝ се стрват на Венецуела и саакат да ја освојат, првенствено заради нафтата, која ја имаат повеќе и од Саудиска Арабија. Новинарката го прашува дали ваквит негови ставови се можеби параноични. КОјзнае дали и денес тоа би го мислела 

Стари добри скечеви

Британското The Sketch Show одеше неколку години на почетокот на 2.000-тите и беше познато по тоа што во него со рафална брзина се менуваа скечевите. На некои денови од снимањата ги пукале по стотина. Шоуто доби и Бафта награда а ова е еден краток и јебитачен, воркшоп сеанса на петмина кои имаат различни фобии. Уиграни максимално. 

10 години без Боуви, Принц, Коен, Есма

2016-та беше гадна година по разни основи. Кај нас тоа беше време на Пржински договори, аболиции, хистерии на корисните Шарени идиоти (подоцна преименувани како „шуто и рогато“)... Нејќеме ни да се потсеќаме на тоа (а нема ни да заборавиме). Тоа беше година во која заминаа Мохамед Али, Џин Вајлдер, Алан Рикман, Јохан Кројф, Харпер Ли... Но, посебен масакр доживеа музиката. На неа сакаме да се сеќаваме.

Кој би го глумел Мадуро на Нетфликс?

Моментално се наоѓа во озлогласениот затвор во Бруклин, со уште 1.300 штитеници (само да не го штитат како Епстин). Зад него е живописна кариера, спремна за филмска верзија (Американците уште така да му ги извадат парите). Бил шофер на градски автобус во Каракас, синдикален лидер, инспириран од идеи на Саи Баба и Маркс, има одбиено договор за Американската безбол лига. Најјако: фронтмен на рок групата Енигма.   

„Терористи“ за повеќекратна употреба

Како Трамп се одважи да ја нападне Венецуела и да го грабне нејзиниот претседател топтан со жена му (да била и баба му, и таа ќе го папаше) без одобрение од Конгресот? Правиш картел кој го стишуваш откако ќе ја заврши првичната мисија, го оживуваш кога пак ќе ти затреба и го прогласуваш за терористичка организација. А терористи може да се бркаат и без благослов од Конгресот. Кога ќе дојде работата на суд, се откажуваш од терористичката етикета.   

Непанкерски албуми од панкерската 1977 година

Таа година се слави и памети по панкот кој детонираше во Лондон и Њујорк кога Секс Пистолс, Клеш и Стренглерс извадија деби албуми. Греота е 77-ма да се памети само по панкот пошто многу автентични автори си го тераа својот филм па добивме одлична и шарена музика. Од соулот и блузот на Били Витерс и Мади Вотерс, шизичките Шик, Боуви, Токинг Хедс, електрониката на Крафтверк, перфекционизмот на Стили Ден, гитарите на Телевижн....  

Што му ја прелелало чашата на Трамп?

Некој пеколен ракетен план на Мадуро со Русите или Кинезите? Некоја гигантска пратка фентанил со која сакал да зомбифицираат уште стотици илјади Американци? Ништо од тоа. Трамп бил особено фрустриран затоа што Николас Мадуро последните недели уште поинтензивно од обично се појавувал на телевизија, играл на музика и го провоцирал дека го чека.