Видео

Рон Вајт ја продава куќата

После Елон Маск, и комичарот Рон Вајтс веројатно реши да собере партали од Калифорнија и да се врати во родниот Тексас. Добро, не баш партали. Местото на Беверли Хилс го купил пред 10 години за 1,5 милиони долари, сега овој огромен и троа кичест мавзолеј го продава (крајно шармантно) за 7 милиони. Никому не му треба волкава куќа. Никому. Особено не денес на Вајт кој пред некое време побара да престане да плаќа алиментација на бивашата (25.000 долари месечно) зашто пандемијата му ги уништила приходите. 

Авганистан знае да биде благодарен

Можеби Американците останаа предолго во Авганистан, можеби цела таа нивна мисија беше контроверзна, тешко оправдлива, скапа во пари и прескапа во човечки животи, но, „након свих ових година“, може да се каже дека Американците успеаја да ги освојат „срцата и умовите“ на локалното население. Еве, погледајте.

Ладнокрвна женска искреност

Доколку девојка искрено и без никакви калкуланства зборува за нејзиниот однос кон дечковци, човек може да помисли, блазе си му на оној што е со неа. Само што, не. Ич не.

Нема поента сега да умрам, нели?

91 годишен Англичанец закажал вакцинирање за ковид ама го утнал терминот и не е задоволен ни со добиениот ручек ни со утката. „Нема поента сега да умрам кога веќе толку сум поживеал, нели?“ со право прашува овој убав Кит Ричардс.  

Веројатно треба да ја зачистите тастатурата

Откако на последното чистење крокодили ни излегоа од под копчињата, по ново тастатурата ја чистиме со огнофрлач. Меѓутоа, видиш, имало и луѓе кои редовно си ги пазат тастатурите.

Ден во животот на јапонски месар

Некаде околу 30-та секунда од видеото нараторот кажува како главниот лик (месарот) не е утрински човек како останатите Јапонци, па сабајлечки сака некоја минута да се доспие на каучот во дневна. Пред да го каже тоа сподели и уште еден факт, месарот станува во 6 и 30 сабајле. Нема раат за Јапонциве. Плус ќе се изнагледате вонземјански напредни навики и правила според кои живеат (пример, секоја фирма плаќа ѓубре по вреќа, а една полна средно голема вреќа ѓубре чини 1,2 долари).

Што протокол е тоа ако не е унифициран?

Венко Филипче деновиве даде јако фолирантска изјава. Министерот кој во денови со 40 мртви од ковид наоѓаше време на Фејсбук да објавува хвалоспеви за визионерството на Заев, вика дека протокол има само што не е унифициран затоа што имало разни клинички слики (?!) Тоа е како да кажеш дека во фудбалот нема унифицирани правила на игра затоа што постојат безброј фудбалски ситуации и секоја од нив бара посебен пристап.

Масакрот во Алди

На 25-ти ноември, жена влегува во Алди (ланец на буџет супермаркети) и прави штета од околу 130.000 долари исклучиво со кршење на шишињата алкохол што ги има на полиците во супермаркетот.

Рускиот Оушн

Постојат кражби како оние што сме ги гледале во филмовите со Оушеновите 11, 12, 13.... Заебани, комплицирани, разработени до детал. А постојат и вакви.

Борењето е само преодна фаза кон боксот

Нејасно е зошто воопшто постои тоа борење кога во првата прилика кога сакаш стварно да потепаш некого, фаќаш со боксови. Особено ако едниот е од Ингушетија а другиот од Осетија. Глејте бе какви чукариња се. Среќа што овие не знаат да извадат пасош, инаку Мекрегор го јадел.

За да ви биде појасно што е разликата меѓу милионер и милијардер

Да, парите се разликата, ама многу често кога се читаат бројките се губи осетот за тоа за колку многу пари стварно станува збор. Пример: 1 милион секунди = околу десетина дена; 1 милијарда секунди = 32 години.

Го прашал некој Дедо Мраз како му е?

Луѓе веќе не се радуваат на подароци како што се радуваа на времето, жени се плашат да седнат на колено и најлошо, 24/7 се разнесуваат пратки. Ништо не е како што беше.

Феноменалната маркетинг измама на која упорно не можете да одолеете

Правилото е дека секој пат кога ќе видите дека во понуда има нешто „средно“ бидете сигурни дека тоа е таму само за вас, чисто за „големото“ да не ви изгледа страшно.

Неверојатен приказ на јапонштина

„Ве молам смирено продолжете со работа“ ќе им каже надзорникот на 1.200-те јапонски инженери и работници со задача во 01 часот по полноќ да сменат цел еден сегмент од метрото во Токио. Па што почнувале во 01 часот наутро, кога може пример во понеделник? Затоа што во 01 часот им е последниот воз за дента, а во 5 часот е првиот за утре дента, и треба да се готови.

Зошто жените живеат подолго?

Меѓу другото и затоа што мажот им ја чисти колата од снег пред зграда.

Метју Меконахи за Џордан Питерсон

„Луѓето веќе не го ценат контекстот,“ вели актерот за денешната нелиберална патернализирачка култура во која e доволно некому да му извадат неколку збора од питај бога кој и со каква поента муабет, и тоа да заврши со негово прогонство од јавниот живот.

Како Кина контролира ковид кластер

Еден работник во најголемиот шангајски аеродром испаднал позитивен на ковид. Што прават Кинезите? Топтан затвораат десетина илјади луѓе од аеродромот во подземните простории на објектот. Тестирање, молим лепо. За ден ипол земале 17.700 брисеви. Досега биле обработени 11.500, сите негативни.  

Во Америка се врати редот

Во Аурора, Колорадо, дуќан отворил фамозниот калифорниски ланец за брза храна, In-N-Out Burger. Се направил ред од луѓе, па од автомобили кои направиле змија на паркингот, па не ги собирало на паркингот па почначе да се редат на автопатот. Се направил толкав ред што за бургер се чекало 12 (дванаесет!) часа. Како е, побогу, тоа - брза храна?

Ако ви се кмиши по сервиси, купете си Мекларен

Како прво, треба да одвоите еден милион долари, а знаете како е со денешните плати, што попорво. Потоа решавате да ја префарбате во боја која ви се бендисува. Но, тоа е само почеток.... Спојлер, ергела најскапи спонзоруши е поевтина опција.

Руска сајберпанк фарма

Наспроти гласините дека Русија е технолошки  назадна земја, прошетка низ една фарма во која рмбаат роботи на државен андроид, произведуваат млечни производи и фрактални краставици, наместо гулаби чуваат дронови а нужникот им е директно поврзан со црна дупка. Плус супер сајбер фолк песничка.

Од нигде никаде

Да беше видео игрица, лесно ќе се раскажеше. Возиш најлабаво на свет во своја лента, одеднаш нешто те учукува и те враќа едно ниво подолу. Само што, за жал, не е видео игрица.

Од непријатни видеа, снимка од државна болница во Норвешка

Многу поинаку непријатно од снимка од државна болница кај нас. Отприлика нивната изгледа како дубајски ол-инклузив ресорт, а нашата како олицетворение на зборот „тетанус“.

Отсвирена хистерија

Овој либерално-прогресивен хистерик не го објавивме кога се појави на интернет пошто е прелуда и пренапната. Ама сега заслужува, поради начинот на кој мајсторски е музички контекстуализирана. Хенри Ролинс и Рејџ Агеинст нè немаат волку наежено.

Вадење џокер од ракав

Западна новинарка на азербејџански политичар му ја вади стандардната „рака“ со картите за човекови права, слобода на медиумите и НВО-ата. Овој ѝ го вади Асанж. Но, тоа не е сè. Главниот блам е што BBC го објавува интервјуто без тој дел.