Забава

На кафе во Техеран

Медиуми знаат да забетонираат јаки стереотипи за некои земји и луѓе кои потоа се одржуваат долго време. Не беше толку одамна кога во очите на западната, првенствено американска јавност, за Балканците се веруваше дека ние овде јадеме живи деца и од прв до последен сме ужасни варвари. И за Иран, веројатно првата асоцијација е дека тоа таму е сè верски затуцано и забулено од глава до петици. 

На секој град му треба по еден ваков човек

Трој Хоки е господин човек: така изгледа, така звучи, така се понаша. Личи на карактер излезен од рецепција на "Тhe Grand Budapest Hotel“ а звучи како оние декадентни реплики во филмовите на Тарантино. Оди по улица и со еден раскошен вокабулар, им дели комплименти на оние со кои се разминува. Што за облекувањето, што за нивниот став и општ впечаток. Аристократска позитива.

Видов на интернет

„Кажаа на телевизија“ со години и децении се користеше како клучен доказ за вистинитоса на некоја приказна или податок. Да не се лажеме, и денес тоа важи во големи аналогни кругови. Интернетот не е ништо подобар, со оглед на неговата масовност. Глупиот и површен конзумент нит памти кај видел нешто нит кој го кажал тоа. Видел тој на интернет. Дипфејкот допрва ќе ги збудали и таквите, а и нас со нив.

Старка на денот

Кај нас пензионери прашуваат само за цени, за лекови и за градски превоз. Овој пензиониран таксист го прашаа за музика и побараа да препознае некои песни. Одличен. Полн со познавања од музика и со приказни поврзани со неа. Така се старее. А не само да се јавуваат по утрински емисии и да прашуваат „мисли ли оваа држава на народот?“

Принц, царот

Кога човек ќе помисли дека не може да го почитува Принц повеќе отколку што веќе го почитува, заради целата музика што ја направи и целиот фраерлук што го носеше во себе, ќе се појави некој детал што дополнително ќе го појача тој респоект. Оние богати бадијалџики (пре)Кардашијанки си раскажуваат спомени кога Ким Кардашијан се качила на сцена на концерт на Принц, а овој фино лепо ја набркал. Е, не.

Америка, жива мера

Каков неочекуван податок и споредба е ова. Денешниот просечен Американец е подебел од просечна американска свиња! Просечен маж во САД има 28% масти а просечната жена 40 проценти. Од друга страна, просечната свиња во Америка има меѓу 15 и 25 проценти масти. За квоциентите на интелигенција, во некоја друга прилика.

Јапонско решавање проблеми и убивање ќеифи

Лижењето на капачето од јогурт, во Јапонија се смета за непристојна работа. Ако го направиш тоа дома на астал, мама може да ти ја даде една попреку. Ама пошто воспитните процеси знаат да траат долго и не секогаш да ги дадат посакуваните резултати, Јапонците и овој проблем со решиле со технологија: смислиле капаче кое лизга, за да нема што да лижеш. 

Пех пред камери

Таман кога вика дека „Господ не може да те разочара“, на Витни Дејвис во едно подкаст интервју ѝ се случува веројатно најнепријатната работа што може да ѝ се случи на една жена - ѝ паѓа периката позади кауч. Ама таа толку шармантно го преживува овој лузерски момент, што тоа се претвора во права победа. Водителот се изрика од смеење и си го продолжи животот за неколку години. И ние исто.

Роди ме мајко Саи Баба

За клипанов веруваат дека е реинкарнација на Сатја Саи Баба, индискиот гуру и мистик (оној што вадеше вибути од ракав) кој почина во 2011 година и предвидуваше кога и каде пак ќе се роди. Сатја и за себе викаше дека е реинкарнација на Ширди Саи Баба, а следниот, Према, ќе биде „трета мајка“. И додека следбениците чекаат да гукне некое јако пророштво и му ги масираат ноџињата, дечкото лагано си одвиткува чоколатце. Цут.

Како ќе изгледа кино во 2050-та година

Интересна и многу веројатна перспектива на одењето во кино во догледна иднина. Денес треба само да го одберете филмот кој сакате да го гледате. Тогаш ќе ве прашаат како денес за месото или зеленчукот, дали сакате регуларна или органска верзија. Кога ќе ја слушнете разликата во цената, јасно е што ќе одберете. Но, тоа нема да биде последното прашање. Уа, шнајдери!

На европски тапет: Каја Калас

Мартин Сонеборн е германски пратеник во Европскиот парламент и го покажа најдоброто од себе во неговата основна професија, сатиричар и екс уредник на магазинот Титаник. Нагази на надмената Естонка Каја Калас, шефица на европската дипломатија која ги има споделено своите мудри проценки дури и за ситуацијата во Куба. Каков лик е таа Калас? Жена која има напишано помпезна автобиографска книга на цели 432 страници. Мислиш Черчил е. 

Виетнамски маљчики

Денот во Виетнам почнува несфатливо рано. Луѓето стануваат в зори и масовно одат на плажа, на јога и гимнастика, за да се растегнат и да се брцнат во море пред да почнат горештините. Во пет и дваесет сабајле веќе врие. Во пет и четириесет почнуваат од досада да се закопуваат во песок. Бурек или чорба ни на повидок. Температурата на морето во зима е 20, летно време 29 степени.

Моден победник: Селото

Запираат на улица вистински господин човек, возрасен Италијанец, среден од глава до петици. Спастрена брада, пура, мантил, вратоврска во соодветна комбинација. А таму долу, на петиците, се разбира, кожни чевли во кожа боја. Само што, врз, нив - натнати калјачи! Оние гуменине што селаните ги ставаат кога цапаат по калливите ниви и дворишта. Кул.  

Правда за Казахстан

Борат е урнебесна пишурија, и како концепт и како изведба на брливиот Саша Барон Коен. Во суштина, поентата не е ругање со родната земја на Борат туку со незнаењето, стереотипите и самодоволноста на американската култура. Ама сепак, замислете наместо Казахстанец да одбереше да биде Македонец. Вуду кукли со негов лик ќе боцкавме сиве овие години.   

Си немал Кинезот работа, си ги броел камењата

Кога ќе видиш ваков спорт кој се сведува на тоа да седиш и броиш камења кои минуваат под тебе (па кој е најпрецизен станува главен камењар), си викаш, како ова не им текнало на Црногорците? Ама па после ќе ти текне дека сите тие камења прво треба некој да ги ископа...

Кога ти глуми „јака“

Девојки често се жалат дека имаат проблем со денешниве дечки бидејќи поради којзнае кои причини, им е фуфка да им пријдат и да стартуваат нормален муабет за запознавање. Но, има и такви кои приоѓаат и не им проблем да стартуваат, ама знаат да наидат на гранитна “одбрана“, која неретко е мрежна, „борговска “одбрана. И после некој ќе се чуди што им е на ова машкиве денес.

Како (и каде) несакајќи се купува коњ?

Имаат рубрика во која еден од нив раскажува приказна која му се случила и другите на крај погодуваат дали приказната е вистинска или измислена. Кевин Бриџес им кажува како еднаш несакајќи купил коњ. Етe така. Сакал само да го изнајмат на 25 минути а испаднало дека го купил за негов да биде. Никој не му поверува. Вие нема причина да не поверувате ако знаете дека дилот се случува во Бугарија.

Се моли четата да се разбуди

Како би изгледало да се воведе задолжителен воен рок денес, за генерации кои се малку повеќе разгалени од некогаш и чија лежерност не е компатибилна со ригидниот ритам на војничкиот живот. Додуша, симулацијата важи и за ситуација кога воен рок би им се наметнал на Црногорци.

Гањо, Тито и Боб Дилан

Кога го снимате Тито на брод и маршалот за момент ја остава пијачката на маса за да запали пура, што би ви паднало на памет? На Гањо му дошло да проба виски баш од таа чаша. Што да не? Ај да речеш еднаш, ама нашиов трзнал и по втор пат, само што тогаш некој од обезбедувањето дискретно му дал до знаење дека ако уште еднаш ја пипне таа чаша, со пливање ќе се враќа назад.

Љубовна кавга со хепиенд

Дечко и девојка се карааат околу нешто и тој во еден момент на очај решава да се фрли преку џам! Таа се обидува да го спречи во намерата но тој сепак успева да го скрши прозорецот и да се фрли преку него. Како тогаш викаме дека ова е љубовна кавга зо хепиенд? Ќе видите.

Бустирана забава на американски начин

Просечните европски умови никогаш нема да сфатат како е можно Американците толку долго и натаму сè палат на нивните кечери. Аргументот е оној прастариот, дека све тоа е наместено и дека не се тепаат вистински. Ела да видите колку е тоа, не само стварно, туку и стварно забавно. А за тепањето.... оти па на Евровизија вистински се тепат.

Го врати на фабрички подесувања

- Сакам да се извините, тоа е навредливо, вели навреденото лице.  - Транџа е навредливо за тебе? - Па, да. - Транџа, транџа, транџа... Да чуете само како еден умиљат „женски глас“ на навреденото лице веднаш беше заменет со оној глас кој дошол во биолошкиот пакет.

Е, ова се близначки

Можете ли да го замислите изненадувањето на репортерот кога решил да дигне микрофон и да им земе изјава на овие две сестри близначки? Можно е да помислил дека главата уште не му е изветреана од последната запивка. Деталите од незгодата за кои сведочат сестрите не се битни, ама без разлика на тоа, ќе ги слушнете дупло.

И со раце можеш да се дереш

Пошто не разбираме ерменски, не знаеме баш што зборува нивниот премиер Никол Пашиниан за обвинувањата дека е корумпиран и полн пари ко брод. Ама од неговиот драматичен настап (мемето само се прави), или е невин ко бебе или е крив до гуша. Колку мафта со раце, следно ќе го обвинат дека е италијански шпион.