Разно

Па уште и француски зборел

Како да немаше доволно аргументи во актуелната глобална зацапаност во Бредли Купер, еве сега капак и ова.

Кашмир, објаснето

И после ова педантно набројување на фазите на непријателствата околу Кашмир ништо нема да стане појасно ама така е со сите оние конфликти кои траат со децении. Кога Индија и Пакистан ќе ја дигнат планетава во воздух, како да ќе биде битно „кој прв почна“

Уметност базирана на дебели живци

Ако е нешто повеќе за почит од видеово што го направил дечково, тогаш тоа се живците потребни за создавање вакво нешто. Ќе го видите и едното и другото.

Порно за луѓе што се преселувале (или допрва треба)

Секој може да го бира сопствениот фетиш во видеово, дали тоа ќе биде што тие што те селат соблекуваат чевли пред да ти влезат дома, дали тоа како ти го заштитуваат цел стан за да не го излупаат или тоа како ги пакуваат работите што треба да ти ги селат.

Сам себе го поништил

„Behind the Curve“ е документарец на Нетфликс на тема рамна Земја и рамноземјаши, и немате поим каква празнина имате во живот ако до сега не сте го гледале. Освен што има некои фантастични концепти што ќе ги чуете од рамноземјашите (не постои небо, туку тоа е џиновски дисплеј), има и нивни искрени обиди со издржани експерименти да ја докажат својата позиција, дека Земјата е навистина рамна. Ова е еден од тие експерименти.

Друштвото на 15-те најголеми глобални брендови

Прволигашката табела го опфаќа периодот од 2000 до 2018, и најсурово прикажува како денешните технолошки гиганти ги сотреа сите индустрии околу себе, и како компании кои пред неполни 20 години вредеа милијарди долари денес се речиси комплетно збришани.

100 долари под микроскоп

Не како мерка на фискални пицајзли, туку како начин за воодушевување на ремек делото од кое е составена секоја една банкнота од 100 долари, и неверојатните технологии имплементирани во неа чисто затоа што можат, а и од превентива.

Исповед на Вил Смит зошто одбил да го глуми Нео во Матрикс

Приказната многу повеќе вреди заради инсајдерското инфо што го споделува за механизмите и размислувањето на Холивуд, отколку заради тоа што е Вил Смит. Да е до него тој не би го снимил ни „Луѓе во црно“, ама добива телефонски повик од Спилберг (продуцент на Луѓе во црно) со молба „дај направи ми една услуга за ова, не го користи твојот мозок, користи го мојот“. Само заради ова Смит решава да учествува во Луѓе во црно. За Матрикс никој не му се јавува, па Смит се зафаќа да го снима Див, див Запад.

Брегзит им ги попука шавовите на Англичаните

Уште една од неброените дебати околу брегзит на британските телевизии, со таа разлика што овој пат една од анти-брегзит активистките (инаку академик на Кембриџ, а и феминистка) решава на дебата да дојде топлес, за луѓе да почнат да обрнуваат внимание на она што го зборува. Жената добива поддршка.

Како да се ослободи со помош на кондом?

Што ве знаеме што за Валентајн сте добиле од вашата драга. Затоа, може ќе ви притреба ова упатство.

Она смешните тротинети на Шаоми можат да се хакнат

Процедурата се одвива на мобилен и не треба ништо да закачуваш или пипаш на тротинетот, туку само да го начекаш како стои на семафор на десетина секунди. За едни ќе бидеш говедо што си му го исклучил тротинетот на некој непознат човек, за други ќе бидеш херој што си спасил од срам некој непознат човек и си го симнал од тоа смешната, бездостоинствена, направа.

Џеки Чен на стероиди: Бастер Китон

Питер Богданович го смета за најголемиот во историјата на немата, црно-бела комедија. Но, дури и да ви е фаворит Чаплин ( или Станлио и Олио, што ве знаеме), каскадерските вратоломии на Китон денес не би имал храброст да ги повтори ни Џеки Чен, дури и кога би бил во дервишки транс помогнат од галантни количини ЛСД. Китон се потпирал на прецизна математика, железни нерви и кохонес, од оние најголемите. Приватно бил намќор, со проблеми со алкохолот, ама на платно тоа изгледа вака:

Жижек совети за „фејк-њуз“

Три работи: Прво, Жижек има свој осврт на фејк-њуз што е и како е; второ, на РТ; трето, каде од пред некое време има сопствена емисија под наслов „Како да ги гледате вестите, со Славој Жижек“.

Магичниот круг на ужасот на социјалните медиуми

На Фејсбук и посебно Инстаграм луѓе изгледаат како да имаат подобар и посреќен живот отколку што стварно имаат. Луѓе ги гледаат ваквите фејк претстави, потајно мислејќи си - нит сум толку среќен, нит така добро изгледам, значи сигурно не ме бива. И кругот се повторува. Во реалноста, првите ниту се толку способни, ниту се толку среќни (добар дел страдаат од депресија и слично), а и никој не изгледа добро цело време; вторите, не се ни толку несреќни, ни толку грди. Дослушајте што друго имаат да кажат Елон Маск и Џо Роган на тема социјални медиуми.

Како се „крпат“ туристи, Прага, втор дел

Истиов човек пред некое време ја објаснуваше измамата со жолтите банкомати во Прага (и низ цела Европа). Овој пат измамата е полокална и се однесува на трафики и продавници за цигари и ситнурија во Прага, а се сведува на тоа дека имаат две различни цени, една за локалци, една за вас прекрасни туристи.

Митови за храна стари само 25 години

Како поле во кое митовите и новите трендови се во констатен галоп, прегазувајќи се еден со друг, колку да излезат на површина барем на некое време, малку е веројатно дека она што денес сметаме за „бибилија“ во исхраната, во некои следни 25 години нема да биде слично смешно.

Еден век непушење

Во Хаваи е предложен закон за постепено зголемување на старосната граница за купување цигари. На крај на „прилагодувањето“ (во 2024 година) треба да испадне дека е забрането за секој под 100 години.

И филмското е платно

Како за две визуелни уметности, не е чудно што ликовната и филмската често се „дирну“ (од дихотомијата кај Звонко Богдан „Ил се дирну ил се не додирну“). Филмски сцени со референца на некои ликовно уметничко дело.

Планета на крчкање

Видео приказ на температурните аномалиии во светот (нè има и нас) од 1880та година до денешни времиња. Почекајте да дојдат 90-тите, да видите како почна да се вари жабата.

Јака воспитна за Џон Оливер, со лева

Ако на здрав начин го сакате Оливер, на здрав начин ќе ве фасцинира и ова педантно рашрафување на неговата емисија за Венецуела. Што сокрил, што кажал погрешно, што извадил од контекст, што спинувал.... Колку само многу време, енергија, знаење и информации се вложуваат во обид да се дебатира со политички неистомисленик! Кај нас би било доволно да го прогласите за небањат или продаден. Гледајте на раат, многу се дознава и за Венецуела.

Дечкото кој ги прозва милијардерите од Давос

Млад историчар првпат се среќава со елитата од Давос па на еден панел им вика дека ситуацијата на тој самит му изгледа исто како на состанок на пожарникари да е забрането да се зборува за вода. Преведено на давоски терен: никој не зборува за вистинската тема: како милијардерите да не избегнуваат да плаќаат поштени даноци.

До последен милиметар

Од врвни човекови достигнувања издвојуваме - работи што се упасувани во милиметар. Веројатно меракот да ги гледаш е надминат само од меракот да направиш вакво совршенство.

Водич за измами на банкомат низ Европа (и посебно Прага)

Не е класичен грабеж ама сепак е грабеж, а целата измама е во курсот и надоместокот што го плаќаш за вадење пари од банкомат. Во видеото станува збор исклучиво за банкомати на Еуронет (жолти со сино лого) и ги има низ цела ЕУ, вклучително и низ градови од локалниов дел од ЕУ (Бугарија и Грција).