Разно

Учителка на денот

За да ги мотивира своите ученици да одат во школо и да им долови дека сепак ќе има корист од тоа, учителка се подава по вештачка интелигенција и прави монтажи од нив во нивните идни професии. Алал вера.

Украина за почетници

Прсти шинавме пишувајќи за Украина и тамошната војна. Анализи, погледи, есеи, мислења, скенирање на воените аспекти, економски, аспекти, демографските проекции.... А сè суштинско за ситуацијата во која се наоѓа таа несреќна земја и народ можело да се каже и објасни со едно глупичко видео и банална аналогија.

Џо - остар како жилет - Бајден

Фасцинантно е како сите го бранеа од сомнежите дека е навлезен во неповратна когнитивна есен и тоа со неверојатно ист речник и формулации. Ова верзија на Бајден е најдобрата верзија на Бајден.... умот на Бајден е остар како жилет... за еден ден да излезе во дебата во живо и на сите одеднаш да им текне: Па нема ваљда за него да треба да гласаме? Шест мачни минути за гледање.

CNN најде куп лаги и полувистини кај Бајден

Дочекавме и тоа, главниот мегафон на корпоративна Америка, мрежата CNN да го фактчекира Џо Бајден (за она што го изрече за време на првото соочување со Доналд Трамп). CNN специјализираше „проверка на факти“ на минатите изјави на Трамп а ова е уште еден можен сигнал дека високите и длабоките партиски и државни структури го пуштаат Бајден низ вода.  

Зеленски: Немаме време, немаме луѓе

Пред неполни две недели, Путин предложи мировен план за Украина (онаков каков што му одговара), но Зеленски инстантно го одби. Овојпат некои сосема поинакви аргументи изнесува на виделина: „Многу луѓе умираат, немаме доволно луѓе за да ја продолжиме војната уште многу долго“. Ако не е некоја ВИ ујдурма, тогаш ова е битен пресврт во корист на можен мир. Ако дозволат Американците.

Џорџ Галовеј: Повеќе му верувам на Путин отколку на нашите

На Шкотот не му е првпат да баждари новинари или пак да биде директен и незгоден како кога потсети дека Асанж ќе беше славен како херој ако наместо американски, откри кинески криминали. Овојпат му се падна Пирс Морган кој се почуди од неговите ставови за светската ситуација и војните. Домаќинот мислеше дека во ракав има победничка реплика против Путин ама Галовеј го закова токму со Асанж. 

Сагата на Суецкиот канал

Изграден од Египјани со кредит од француски и британски банки, кој Египет мора да го врати за западните бродови да можат побрзо да пристигнуваат во Европа. Освен пари, Египет за каналот дава и 10.000 жртви.

Загревање на публиката

Да се каже дека целата Земјина топка се загрева веројатно е точно, но, медиумски не е доволно силно и атрактивно. На медиумските муштерии и зависници треба да им се даде дополнителна доза страв, нешто понепосредно и поблиску до нив. Чаре? Да се каже дека пределот во којшто живеат се загрева побрзо од остатокот на планетата. Е, сега е пасент.

Украина почна на Косово

„Затоа што знам премногу за САД“, му вика Џефри Сакс на Пирс Морган кој го прашува зошто наоѓа разбирање за светогледот на Путин па го потсетува на западниот алфа-грев околу „непроменливоста на границите“: првата војна на европско тло после Втората светска војна беше 78 дневното американско бомбардирање на Југославија, за да се сменат границите на една европска држава. А тоа беше само почеток.

Ова е вистински стан во Хонгконг

Вкупната површина му е некој сантим повеќе од 7 метри квадратни и на таа квадратура фасцинатно има и телевизор и фрижидер и туш со вц шолја. И сето тоа за само 380 долари месечно. Веројатно најстрашното нешто околу него е што е на 7 кат, а нема лифт во зградата.

Како ЦИА убива луѓе?

„ЦИА секогаш себе си си го поставува прашњето 'дали се исплати да убиеш странец за да спасиш Американец?,' и одговорот секогаш е - да.“

Руските министри измарширани од салата за состаноци

Поставата на министри што Путин ја донесе со себе во Северна Кореја, меѓу кои и Лавров и Белуосов, почнаа да се распостилаат во една од салите во која требаше да имаат средба со севернокорејското раководство, пред еден тамошен службеник да побара од нив сите да излезат во ходник и да чекаат, како што е редот таму, прво да влезе Ким Џонг Ун.

Наскоро во пиљарите близу вас

Сезоната на добра лубеница се чека со душа, исто како патлиџаните или есенскиот ајвар. Знае некогаш да се погоди ваква или онаква година, ама ваква досега немаме видено. Но, штом дошла во Америка, кај и да е, ќе дојде и кај нас. Лубеница? Не, гуменица.

Кинески надвозник

Ништо посебно, надвозник во градот Чунцин со 15 излези и 20 ленти кои одат во 8 различни правци, а највисокиот од нив е на 37 метри, што би му дошло колку зграда од 12 ката.

Во Битола би го викале Транспарентнио

Нашиот омилен анти-херој од американската политичка сцена, злотворот Линдзи Грем, уште еднаш го излаја она што и други го знаат ама не ни помислуваат да го кажат. Дека страдањето на украинскиот народ не е за слобода и демократија, туку за критичните минерали кои Украина ги поседува а вредат трилијарди долари. Запад ги сака и не сака да завршат кај Путин кој би ги делел со Кина. Што е нејасно?

Пазете кој тоа влезе во Европскиот парламент

Гжегож Браун. Тој е оној член на полскиот парламент кој со противпожарен апарат ги изгаси свеќите на еврејската менора, симбол на празникот Ханука, во нивниот парламент (види „Секакви ги има“). Излезe на избори за европскиот парламент на кои гласаа Европејци со педигре и - освои седиште. По објавувањето на среќната вест за него и неговите поддржувачи, ставаше автограми на противпожарни апарати.  

Орбан ја сумира пораката во телеграма

„Со поддршката која ја добивме на изборите за Европскиот парламент, ќе ги удвостручиме напорите да ја држиме Унгарија подалеку од војна“, најавува Виктор Орбан. Вели дека пораката од гласањето може да ја собере во една телеграма која гласи: „Стоп за миграцијата. Стоп за војната. Стоп за родовите. Стоп за Сорос. Стоп за Брисел.“ Стоп.

Доста веќе со градови-тврдини

Иако неспорно моќно звучи етикетата град-тврдина, исто како што е непосрен хеоризмот на украинските војници кои го бранат и загинале бранејќи, според украинските војници таквата стратегија е залудна и ништо не донела до сега.

Кина, превара ти ќе бидеш

Кина го има еден од најубавите водопади во Азија со висина од некои си 300 метри. И технички ништо од ова не е лага, ем вода паѓа, ем висината е над 300 метра, освен делот во кој водата до таму е донесена со цевка.

Да знаете како завршува прочуената снимка од Тиенанмен

Кинезот кој храбро стои пред редица тенкови е иконичен симбол на случувањата на плоштадот Тиенанмен во 1989 година. Моќната фотографија беше користена како најава за скорешен „демократски“ преврат во Кина. Има доста работи да се кажат за тоа, што се премолчувани од западниот наратив, но ајде сега само три. Демонстрантите не бараа повеќе демократија туку повеќе комунизам (исто како југословенските 68-аши), тенковите не доаѓаат туку сакаат да заминат од плоштадот а сцената завршува вака.   

Американски педијатри: Доста е!

Американскиот колеџ на педијатри се одважи и јасно порача веднаш да се прекине со социјална афирмација, блокатори на пубертетот, крос-полови хормони и операции за деца и адолесеценти кои се збунети или вознемирени поради нивниот биолошки пол. „Сериозно сме загрижени за физичките и ментални ефекти на постоечките протоколи“, велат тие и поименично ги набројуваат медицинските организации кои ја фураат оваа пракса.

Роберт Фицо проговара

Словачкиот премиер му простува на човекот кој проба да го убие на 15-ти мај, но не и на соросоидните медиуми. Како и пред атентатот, и после него тој потсетува на неговите предупредувања дека хистеријата и наративот на непомирливост што се креираат во земјата, кога-тогаш ќе доведат до такво нешто. И ние имавме хистерии, и ние имавме „непомирливост“, и ние имавме пукање.

Готови сме, се прегреавме

25% од Флорида ќе заврши под вода а американското земјоделство ќе биде принудено да се сели во Канада. Сето ова затоа што ја прегреваме планетата заради озлогласениот CO2 и нашето горење јаглен и нафта. Така вика науката. Само што... ова се предвидувања од 1984 година а Ал Гор, кого го има во прилогот, тогаш имал 34 години. Денес има 76.

Полско пиво, бели колбаси и македонска храна

Што заедничко има македонската кујна со старо полско пиво, фестивал на белите колбаси и журек, моторџии што прават гулаш? Го имаат Гроџиск Великополски, мало прекрасно гратче во срцето на Полска, недалеку од Познањ. Плејмејкер е Роберт Маклович, полска кулинарска легенда, кој гозбата ја крунисува во ресторанот Александрија (Alexandria Kuchnia Macedońsko - Bałkańska). А се разбира и во политичка географија па ќе каже дека Македонија се граничи со Грција.